Достапни линкови

Дневен печат - Иванов vs Пендаровски


Претстојните претседателски избори и соочувањето меѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, се главни теми во дневниот печат.

„На здравје двојни избори во април - покрај редовните претседателски, македонските граѓани ќе гласаат и на предвремени парламентарни избори, што ги предизвикаа владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“ - го објавува Утрински она што сите го знаевме. Дневник во наслов констатира: „Пратениците се искараа и оставија изборите да решат кој е во право“, а за Нова Македонија последната седница на Собранието „повеќе личеше на предизборен митинг отколку на вообичаените дебати“.
Пратениците се искараа и оставија изборите да решат кој е во право.
Дневник.

Утрински информира дека ОДИХР ќе испрати над 300 набљудувачи на изборниот процес, но не било најавено кој ќе ја води мисијата. Редакцијата на Утрински претпоставува дека тоа ќе биде експерт набљудувач со повисок профил поради комплексната состојба на политичката сцена во Македонија, поплаките за изборните списоци и за пристрасните медиуми.
Во подземните води ’потонаа‘ 600.000 евра за барокот кај Бристол.
Утрински весник.

Што се однесува до претседателските избори, Вечер на насловната оди со фотографија на Иванов и Груевски и наслов со крупни букви: „Сигурна победа“, а потоа во текстот информира дека финалето за претседател ќе го трчаат Иванов и Пендаровски.

Нова Македонија, анализирајќи ги настапите на обајцата кандидати забележува: „Иванов во свечен од, Пендаровски во суптилен напад“ и дека од изборните слогани: „Изборот е Македонија“ на Иванов и „Македонија заслужува претседател“ на Пендаровски, се забележува разликата помеѓу понудите на двајцата кандидати.

Утрински уште информира дека „Премиерата на Пендаровски“ била силна критика на политиките на Владата и на досегашниот шеф на државата. Дневник со малку подбивен наслов за Конгресот на опозициската партија на кој беше официјализирана кандидатурата на Пендаровски: „Еуфорична поддршка за ’другарот‘ Пендаровски“.

Утрински продолжува да ги следи објавите на веб-страницата на Министерството за финансии, па насловува: „Трошењето заврши - следува стегање на ременот“, за да појасни дека само во февруари за субвенции и трансфери, најмногу на невладини организации, Владата исплатила 60 милиони евра, и дека само за првите месец и половина искористила 48 отсто од вкупно предвидениот буџетски дефицит.

Вечер ја објавува оптимистичката изјава на гувернерот Богов дека „Двата изборни циклуса нема да предизвикаат турбуленции во економијата“.

Државниот јавен обвинител, Зврлевски, пред своите колеги од регионот, на конференцијата во Скопје, призна: „Најлесно се перат пари во урбанизмот“ - објавија речиси сите весници.

Утрински информира дека е потпишан втор анекс договор за изградба на административната зграда спроти хотелот Бристол поради непредвидени теренски работи предизвикани од подземни води. Насловот гласи: „Во подземните води ’потонаа‘ 600.000 евра за барокот кај Бристол“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG