Достапни линкови

Владата е сила, владата е моќ, и за професорите


Премиерот Никола Груевски и министерот за образование Спиро Ристовски на промоција на книги.

Премиерот Никола Груевски и министерот за образование Спиро Ристовски на промоција на книги.

Наложувањето од кој учебник треба да предава професорот е упад на автономијата на факултетите, а со високите казни се закана за професорите, велат од академската фела.

Правно неиздржани, бесмислени и со голем број недостатоци се најновите измени во законот за високо образование, реагираат дел од универзитетските професори. Казната од околу илјада евра за професор којшто на почетокот на студиската година нема да им ја предложи на студентите литературата која ја обезбедува министерството за образование, според професор Ненад Новковски е повреда и уривање на автономијата и директна закана за професорите.
Методологијата на наставата и на истражувањето е основното право на професорот, што ја сочинува современата основа на академската автономија и со тоа се прави драстичен упад, целосно уривање на таа автономија.

„Професорот е тој којшто кажува кој учебник ќе се користи, сеедно од каде е тој учебник, каков е, итн. Методологијата на наставата и на истражувањето е основното право на професорот, што ја сочинува современата основа на академската автономија и со тоа се прави драстичен упад, целосно уривање на таа автономија којашто е основа за развитокот на современата наука“, вели Новковски.

И според професорот Илија Ацески од Филозофскиот факултет, оваа мерка е понижувачка за професорите. Проблемот е следен.
Како ќе му објасните на еден професор којшто предавал 20-30 години, чесно работел и навистина има резултати, а вие сега одеднаш доаѓате да му препорачате некоја книга којашто е надвор од програмата и тој не е убеден во тоа, па тоа во краен случај е неетички.

„Дел од тие содржини не соодветствуваат на ова општество во кое ние живееме, јазикот на којшто се презентира таа материја, нивото на познавањето на студентите на оваа проблематика којашто е тука присутна, којашто е актуелна за нас, не соодветствува со таа во учебниците“, вели Ацески.

Височината на казните, Новковски го разбира како закана кон професорите како кон некоја категорија што го загрозува општеството, што според него е крајно неприфатливо. Постојат најразлични учебници и работа на професорот е да определи кои од нив треба да се користат. Според Новковски целта на овие законски решенија е следната.

„Се работи за тоа дека беа потрошени ненаменски огромни средства, тие средства требаше да бидат употребени за набавка на научна литература, средствата требаше да бидат доделени како што е предвидено со законот за наука на професори коишто во тек на наставата ќе преведуваат одредени учебници преку практичната примена, за да ја воведат македонската терминологија, а со ова средствата се ненаменски потрошени“, вели Новковски.

Високото образование е во длабока криза, реагира Ацески, а високите глоби се надвор од рационалното однесување, вели тој.

„Како ќе му објасните на еден професор којшто предавал 20-30 години, чесно работел и навистина има резултати, а вие сега одеднаш доаѓате да му препорачате некоја книга којашто е надвор од програмата и тој не е убеден во тоа, па тоа во краен случај е неетички“, вели Ацески.

Професорот и поранешен министер за образование Новковски, вели дека за почеток секој може да напише по некој од предвидените учебници на министерството, но го загрижува тенденцијата тие учебници да станат задолжителни, а клиничката настава да ја предаваат лица коишто немаат завршено докторати.

Најновите измени во законот за високо образовани предвидуваат казна од 3 до 5 илјади евра доколку не е ажурирана веб страницата на универзитетот со новата литература за студентите која ја обезбедува и печати Министерството, а од 5 до 7 илјади евра ќе треба да плати ректорот доколку во наставата не вклучи истакнат стручњак од практиката на соодветната образовна област или ако не организира практична настава за студентите. Казна за ректорот следува и доколку не ги објави на веб страна резултатите од самоевалуацијата. Новата максималната казна предвидена за високообразовните институции изнесува 35 илјади евра.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG