Достапни линкови

Со идеја да поттикне одново промислување на значењето на Меѓународниот ден на жената, на 7 и 8 март, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи второто издание на фестивалот „Прво па женско“, зад чиј концепт стои неформалната група „Тиииит.Инк.“ Основната цел на манифестацијата е отворање простор за унапредување на позитивниот став кон активноста на оние кои јавно го поставуваат женското прашање и дејствуваат во насока на подобрување на политиките кои во фокусот ја имаат жената.

Женска соба за промоција на организации кои работат во областа на правата на жените и човековите права, активизмот во Македонија и регионот (Матка, Реактор, БеФем од Белград, Хавеит од Приштина).
Доволно е само да ги споменеме кампањата за трето дете и новиот Закон за прекин на бременоста и на некој начин ја имаме таа некоја сеопфатна јавна слика, некој дискурс кој се протнува како доминантен општествен во кој што живееме.

Кристина Леловац.

Кристина Леловац.

Антипредавања за женските перспективи во литературата, уметноста и популарната култура на професорките Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска и Рајна Кошка Хот. Отворена библиотека со наслови од областа на родовите студии од независни издавачи. Изложба и работилница за фанзини на Рита Гомес - активистка, дизајнерка и илустраторка од Португалија. Филмска програма реализирана во соработка со „Студиорум“, „Право људски филм фестивал“ и платформата „Вумен мејк мувис“. Перформанс на уметничко активистичката група Хавеит од Косово. Настапи на локални диџејки и концерти на бендовите ПУНЧКЕ (Хрватска), КРЕСУС ЏАЈСТ (Србија), ЏУН (Македонија), КАРМАКОМА и КОНТРАДИКШН (Словенија). Слем поезија. Базар на ракотворби и детска работилница.
Едноставно не треба да молчиме. Да не ги прифаќаме работите по линија на помал отпор, туку да кажеме во најмала рака што мислиме и како тие стеги влијаат на нас.

Телеграфски ова се само мал дел о случувањата кои ќе се одржат во рамките на второто издание на фестивалот „Прво па женско“, кое со идеја да поттикне одново промислување на значењето на Меѓународниот ден на жената е планирано да се случи во петок и сабота, на 7 и 8 март во Младинскиот културен центар во Скопје. Овој градски настан, зад чиј концепт стои неформалната група „Тиииит.Инк.“, отвора неексклузивен простор за конструктивна дебата за околностите во кои денес живее жената чиј што профил, интереси, ставови и лични заложби за самоостварување се спротивставуваат на традиционалните стереотипи, за размена на знаења и вештини и нови можности за соработка и вмрежување.

Кристина Леловац вели дека ние несомнено живееме во едно општество кое е десничарски ориентирано, а во таквите општества жените секогаш го извлекувале подебелиот крај во смисла на тоа дека, не само што се жртви на стереотипизирање, туку и на негативните последици од сето тоа.

„Доволно е само да ги споменеме кампањата за трето дете и новиот Закон за прекин на бременоста и на некој начин ја имаме таа некоја сеопфатна јавна слика, некој дискурс кој се протнува како доминантен општествен во кој што живееме и тоа на некој начин ја моделира сликата и доживувањето на жената во нашето современо, ако воопшто така можеме да го наречеме, општество.
Така што „Прво па женско“ едноставно се наметнува како потреба и го бара својот простор. Беше добро и тоа што, покрај сите предизвици, некако успеавме и оваа година да го истераме и да ја потврдиме нашата заложба ова да прерасне во вистински фестивал кој што ќе се случува секоја година на овој убав датум – 8 март Меѓународниот ден на жената“, вели Леловац.

Фестивалот има цел да поттикне препознавање, континуирано следење и вреднување на активна женска сфера во Македонија, но и да ги поттикне нејзините актери на поактивна и проактивна соработка и вмрежување. Програмата на настанот е конципирана како отворено поле за претставување и креативна размена на активните жени денес – оние кои од најразлични позиции теоретски се занимаваат со прашањата на родот, но и оние кои јавно се застапуваат и се обидуваат да влијаат на подобрувањето на политиките кои се однесуваат на жената, како и жени кои автентично се промислуваат себеси и својата улога во општеството, изразувајќи се во сферата на различните уметности.

Леловац дополнува дека уште кога го конципирале настанот не сакале да бидат етикетирани како „здодевни, лути феминистки кои што јадат мажи за појадок што и не е некаква препорака“, туку се решиле да му дадат една поп, привлечна нота што би била податлива за поширок круг на посетители и дека тоа се покажало како добар пристап. Таа смета дека тоа е добар чекор во ширењето на гласот и во креирањето на свеста.

„Едноставно не треба да молчиме. Да не ги прифаќаме работите по линија на помал отпор, туку да кажеме во најмала рака што мислиме и како тие стеги влијаат на нас и што чувствуваме. Ете тоа може да биде еден добар почеток за било каква промена која што ни е многу важна и потребна“, вели Леловац.

Инаку, „Тиииит.Инк.“ е неформална група која е формирана во јануари 2010 година од етнологот Јана Коцевска, културологот Јана Старделова, актерката Кристина Леловац и новинарката Ивана Петрушевска. Групата е резултат на дологогодишното пријателство и на желбата за активно дејствување на независната културна сцена, темелено на индивидуалното искуство во невладиниoт сектор, уметноста и медиумите на секоја од основачките.

Фокусот на „Тиииит.Инк.“ е активното учество во промоцијата и развојот на независната културна и уметничка сцена, на женската интелектуална и креативна продукција и на општествениот активизам во Република Македонија, преку негување и афирмација на различност, истражување, неформална едукација и унапредување низ креативна размена и соработка на актерите од овие области на дејствување. Следејќи го тој порив, од своето формирање до денес, тие реализираа низа концептуални настани во областа на независната култура и уметност, како и хуманитарни акции што се темелат на ентузијазам, пријателска размена и креативна соработка.

Од јуни 2012 година, „Тиииит.Инк.“ стана членка на Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО и со тоа е вклучена во сите активности, во сите стратешки планирања и во сите акции за промислувањето поврзано со развојот на независниот културен сектор.

Во текот на ноември 2013 година, оваа неформална група беше иницијатор за формирање на Матка - платформа за слободен пристап до легален абортус заедно со уште осум цивилни организации кои работат на полето на репродуктивните права, правата на жените и ЛГБТ заедницата.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG