Достапни линкови

Со дата новинарство до појасна слика за општествените процеси


Новинарството засновано на податоци е добар начин новинарите да се прилагодат на новиот дигитален свет и на јавноста да ѝ ги прикажат општествените настани што се од нејзин интерес.

На прсти можат да се избројат новинарите во Македонија кои се занимаваат со дата новинарство, а сè повеќе светот оди напред, порача претседателот на Центарот за развој на медиуми, Дејан Ѓорѓиевски на промоцијата на книгата прирачник за новинарство засновано на податоци. Според него, таквиот вид на новинарство е сè позначајно и најдобро е видливо од фактот што сè почесто наградите за истражувачко новинарство одат на проекти од тој вид.
Кај нас тоа е слабо искористена дисциплина, дали е од несакање, на што не можеме да влијаеме, или е од незнаење на што се надеваме дека ќе помогне овој прирачник.

Сашка Цветковска, новинарка.

Сашка Цветковска, новинарка.

„Просто, новинарството засновано на податоци е нов извонреден начин за новинарите да се прилагодат на новиот дигитален свет и секако полесно на јавноста да ѝ ги прикажат општествените настани и теми што се од нејзин интерес. Како што споменав, кај нас тоа е слабо искористена дисциплина, дали е од несакање, на што не можеме да влијаеме, или е од незнаење на што се надеваме дека ќе помогне овој прирачник“, вели Ѓорѓиевски.
Документите во Македонскиот централен регистар се едни од најскапите на светско ниво.

Новинарката Сашка Цветковска, една од авторките на Медиапедиа, што претставува база на податоци за сопствениците на интернет порталите, вели дека новинарството засновано на податоци е скапо и во Македонија е тешко да се практикува.

„Документите во Македонскиот централен регистар се едни од најскапите на светско ниво. Јас никаде немам платено толку скапи документи, никаде. Ако во Македонија за 4 евра добивате една обична тековна состојба, а во Италија за 6 евра ќе добиете 300 страни документи за една фирма“, вели Цветковска.

Таа додава дека има многу документи кои се достапни на интернет и до кои новинарите можат сами да дојдат.

„Дата новинарството, барем јас така гледам на тоа, овозможува сами да го контролирате тоа што го истражувате. Секогаш кога некој ќе ви даде документи, кога ќе ви рече еве имам нешто за тебе, види го или објави го, вие никогаш не можете да бидете 100 отсто сигурни дека тој некој не ве злоупотребува или дека тие документи се баш тие вистинските или дека нема да се најдете во некоја непријатна ситуација, но она што го барате сам, сам ќе го најдете, носи далеку поголемо задоволство, бидејќи знаете дека вие сте мозокот на тоа што го правите“, вели таа.

Според Ѓорѓиевски, Македонија е дел од глобалната инцијатива наречена „Партнерство на отворени Влади“.

„Да се надеваме дека нашите власти ќе ги исполнат преземените меѓународни обврски и на тоа поле и ќе ги направат податоците што ги држат државните органи поотворени“, вели тој.

Од Центарот за развој медиуми најавија дека прирачникот ќе биде бесплатно достапен на интернет.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG