Достапни линкови

Странските извештаи насока, а не притисок


Македонија потпишала договори со САД, со ЕУ и со други организации, според кои има и обврски и сите критики кои доаѓаат од нив не треба да се гледаат како притисок.

Извештаите кои Македонија ги добива од владини и невладини организации за состојбата со демократијата во земјава укажуваат во која насока треба да се движи нашата држава, респектирајќи го нашето суверено право, но и обврските кои нашата држава ги има прифатено и од партнерството со САД, но и од сите договори кои ги има склучено со ЕУ, коментираат експертите, откако премиерот на саботната конвенција ваквите извештаи кои покажуваат назадување ги нарече форма на притисок да се смени името.
Постои правна обврска ние да ги почитуваме сите оние работи коишто сме ги прифатиле, во спротивно би биле несериозни.
Горан Илиќ, политички аналитичар.

„Постои правна обврска ние да ги почитуваме сите оние работи коишто сме ги прифатиле, во спротивно би биле несериозни“, изјави политикологот Горан Илиќ.

Според него директни последици од ваквиот однос на властите кон критиките кои дојдоа неодамна и од Стејт департментот со остри квалификации во однос на владеењето на правото, слободата на медиумите, корупцијата, состојбата со судството во државава нема да има, но Македонија треба да ги негува односите со САД. Ова се, како што вели, истите обврски кои Македонија ги има прифатено со прифаќањето на копенхагенските критериуми и мора да ги почитува, а идентичните забелешки се повторуваат секоја година и во извештаите на ЕУ кон чие членство се стремиме.
Наводно дека некој стои зад нив и дека има лоша намера, и што ли уште не, мислам дека тоа го прави сами политика која се заснова врз деструктивност.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Тоа се вредности кои се директно поврзани со копенхагенските критериуми, кои Република Македонија не само што ги прифатила, туку и понатаму треба да ги почитува, а што се однесува со Соединетите американски држави, дефинитивно Македонија треба да ги негува односите со оваа супер сила и нормално да продолжи да ги унапредува“, вели Илиќ.

За професор Мерсел Биљали видливо е игнорирањето, негирањето и, како што вели, сатанизирањето на критиките кои се содржани во повеќето последни извештаи кои упатуваат на надолни трендови во демократските процеси во земјава, што, според него, е одраз на една деструктивна политика која ја практикуваат властите во моментов.

„Наводно дека некој стои зад нив и дека има лоша намера, и што ли уште не, мислам дека тоа го прави сами политика која се заснова врз деструктивност, политика која е блиску до фашизам, до комунизам, до диктатури“, изјави Биљали.

Според него, ваквиот однос на властите ќе ги наталожува проблемите на веќе влошениот демократски амбиент. Последниот извештај за состојбата со човековите права во земјава го објави Стејт Департментот, во кој се констатираат сериозни забелешки од партизираноста на државните институции до влијанието на владата врз судството и медиумите, зголемената корупција, понижувачкиот третман во затворите и постоењето политички затвореници и многу други.
XS
SM
MD
LG