Достапни линкови

Путин го прифатил предлогот за „контакт група“ за Украина


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Германија соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на предлогот за формирање меѓународна „контакт група“ за Украина.

Во вчерашното соопштение од германската влада се наведува дека Путин го прифатил предлогот на канцеларката Ангела Меркел „итно да се воспостави мисија за истрага, како и контакт група, можеби под раководство на ОБСЕ, и да се отвори политички дијалог“. Се наведува дека Меркел го дала овој предлог во телефонскиот разговор во кој го обвинила Путин дека го крши меѓународното право со „неприфатливата“ руска интервенција на Крим.

Во меѓувреме, новинските агенции, повикувајќи се на неименуван американски функционер, објавија дека американскиот државен секретар Џон Кери утре ќе го посети Киев да им искаже поддршка на привремените власти на Украина. Кери претходно го осуди рускиот „неверојатен акт на агресија“ во Украина и се закани со „многу сериозни последици“ за Русија од страна на САД и други земји.
XS
SM
MD
LG