Достапни линкови

logo-print

Трајчевски - Состојбата со медиумите не е толку лоша како што се прикажува


Обично најлошите оценки доаѓаат од неколку светски невладини организации и сметам дека за да се добие реална слика и да се донесе реална оценка за состојбата на медиумите во Република Македонија, тие невладини организации треба да бидат објективни и да ги прашаат или да бидат вклучени во давањето на оценка сите релевантни фактори во Република Македонија, вели претседателот на новата Агенција за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Трајчевски, оставате впечаток дека институцијата со којашто раководите на некој начин спроведува или применува двојни аршини. На пример реагирате со предупредување кога сметате дека одреден медиум шири говор на омраза, а молчите или не забележувате кога тоа го прават, еве ќе си дозволам да речам, некои од провладините медиуми.

Очигледно дека имате погрешни информации, Советот за радиодифузија или сега Агенција за медиуми никогаш нема изречено мерка, писмена опомена, за ширење на говор на омраза.

Немавте предупредување до Алсат-М телевизија?

Не, тоа се дезинформации, кои прво ги пласираше самата телевизија, на која наседнуваат и новинарите без да ги проверат фактите. Значи кон Алсат телевизија беше изречена писмена опомена за непочитување на професионалните новинарски стандарди. Советот за радиодифузија, а сега Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги не е надлежна да изрекува мерки во однос на говор на омраза. Надлежна институција за санкционирање на говорот на омраза е Јавното обвинителство. Ставот на Јавното обвинителство по однос на прилогот што беше во вестите на Сител е дека нема говор на омраза, тоа го констатираа и стручните служби. Исто така мора да се прави разлика дека во претходниот закон за радиодифузна дејност за непочитување на професионалните новинарски стандарди во казнените одредби беше предвидена можноста да се изрече писмена опомена, меѓутоа во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги за прекршувањето на овој член, за прекршување на професионалните новинарски стандарди не е предвидена казнена одредба, односно нема можност за изрекување на писмена опомена. Согласно на тоа, ние постапивме и согласно законот, а не согласно желбите на одредени медиуми во Република Македонија. Значи за говор на омраза и во едниот и во другиот случај немаше. Во првиот случај имавме констатирање на прекршување на професионалните новинарски стандарди согласно законот за радиодифузна дејност, можевме да им изречеме на телевизијата Алсат таква писмена опомена. Со новиот закон таква можност за прекршување на тие професионални новинарски стандарди не постои, нема можност агенцијата да изрече каква било мерка, така што и во двата случаи целосно е испочитуван законот.

Начнавте некои измени за начинот на којшто ќе работи сега веќе Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, од неодамна веќе не сте Совет. Зошто Агенција, а не Совет? Може ли да ги прецизирате разликите помеѓу претходното тело и она што сте сега?

Со измените, односно со донесувањето на новиот закон, се променува прво името, значи се менува во Агенција за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во самата Агенција ќе имаме двостепено управување, значи постои совет којшто сега ќе брои седум члена, а извршен орган на Агенцијата ќе биде директорот, односно неговиот заменик. Членовите на советот, освен што се намалува бројот од 15 на седум, нема да бидат повеќе во редовен работен однос во Агенцијата, туку ќе си бидат ангажирани во други институции во коишто ќе работат, а тука ќе доаѓаат и ќе работат хонорарно, односно ќе претставуваат некој вид на управен одбор. Обемот на активности или надлежности што сега ги има Агенцијата не е многу поголем во однос на тој што претходно го имаше Советот. Како нови надлежности се тоа што сега Советот има надлежност да врши надзор на работењето и на кабелските оператори, за што претходно Советот немаше надлежности и тоа го правеше во координација со координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост во Република Македонија. Делот за авторските права кај кабелските оператори е целосно пренесен на новата Агенција, претходно тие активности ги споделувавме со Министерство за култура и друга новина што е значајна е што со новиот закон е зголемена и финансиската независност, односно се зголемуваат и приходите што ќе ги има новата Агенција бидејќи за да може да ги спроведува сите свои нови надлежности кои ги има е неопходно да има и поголеми финансиски средства, бидејќи изминатиот период средствата коишто беа како приход за Советот за радиодифузија беа доволни само за покривање на тековните активности, без можност да се инвестира во нови технологии.

Дали вие ќе бидете новиот директор на Агенцијата?

По законот со изборот на новите членови на Советот на Агенцијата, јас ќе продолжам да ја вршам функцијата директор на Агенцијата, а во законски утврден рок од два месеци од донесувањето на новиот деловник, новиот совет ќе распише конкурс за избор на нов директор.

Споменавте дека новата Агенција ќе има уште едно ново тело, тоа е Советот кој ќе брои седум члена, а членовите ќе ги избира Собранието. Господине Трајчевски, дали тоа остава некаков сомнеж за партизираност на оваа тело?

Собранието ги избира сите, меѓутоа предлагачи се различни институции кои немаат никаква допирна точка ниту со извршната, ниту законодавната, ниту со која било друга власт. Значи два члена ќе предложат двете најголеми здруженија на новинари, еден предлага интер-универзитетската конференција, еден предлага адвокатската комора на Македонија, еден предлага ЗЕЛС и двајца се предложени директно од собраниската комисија за избори и именување. За да можеме да зборуваме за тоа дали станува збор за партизираност или не, треба да направиме споредба со законската регулатива и начинот на избор на членови на вакви регулаторни тела во останатите земји членки на ЕУ. Мислам дека ваков либерален пристап и можност членови да предлагаат новинарски здруженија и други невладини организации, освен во Република Србија, нема никаде, во ниту една земја членка на ЕУ. На пример, во Франција, каде што телото брои девет члена, тројца директно ги предлага претседателот на Републиката, тројца директно ги предлага претседателот на Горниот дом на Парламентот и тројца директно ги именува претседателот на Долниот дом. Никој во Франција не кажал дека има политичко влијание или партизираност на регулаторното тело на медиумите.

Но, политичката демократија и култура, таму и тука, не можат да се споредуваат.

Па, зависи од кој агол ги гледаме, еве ќе кажеме уште еден пример. Во Белгија, претходниот претседател на регулаторното тело беше портпарол на владејачката Социјалистичка партија, значи не станува збор за некаква култура, туку дали тие луѓе коишто се избрани се стручни, професионални и ја вршат својата работа и што е најважно независноста не се мери во тоа на кој начин некој е избран да биде член во некое регулаторно тело, туку дали има интерес од областа што ја регулира, а тоа значи дека членовите на Советот или нивните семејства не треба да имаат акции во трговските радио-дифузни друштва и кабелските оператори коишто се предмет на регулација на оваа регулаторно тело.

Дали очекувате новите медиумски закони да го подобрат квалитетот на програмата?

Со новите законски решенија медиумите веќе имаат сериозни обврски во делот на сопствената програма, во делот на емитувањето на вокална и вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници на кои ја добиле дозволата за вршење на радио-дифузна дејност и нормално е дека ќе го подобрат квалитетот на понудените содржини коишто ги добиваат граѓаните.

Но, каков очекувате да биде ефектот, со оглед на тоа што се работи за македонскиот пазар и дали очекувате телевизиите во конкретниот случај да успеат да одговорат на тој предизвик, зашто сепак се работи за поголем финансиски залак?


Па, во делот на сопствената програма, во законот е предвидена и буџетска поддршка на националните телевизии, во делот на продуцирањето на ваква програма, а во делот на емитувањето на македонска вокално-инструментална музика и музика на националностите секако ќе допринесат во тоа да се даде предност на македонските изведувачи. Јас не можам да кажам или не го делам мислењето дека музиката која досега можеби доминираше од поранешните југословенски простори е поквалитетна од музиката што ја продуцираат музичарите во Република Македонија.

Господине Трајчевски, малкумина се убедени дека измените кои беа направени во однос на сопственичката структура на медиумите, на некој начин го оттргна влијанието на политичките и економските центри на моќ врз уредувачката политика. Кој е вашиот личен впечаток?

Согласно законската регулатива во Република Македонија, според тогаш актуелниот Закон за радио-дифузна дејност, а сега Законот за медиуми и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги не може да се најде директна поврзаност меѓу новите сопственици и претходните сопственици. Кај нас регулативата е таква да се проверува само односот меѓу новиот и стариот сопственик. Финансискиот тек на парите, колку платил новиот сопственик за телевизијата, дали таа цена е реална, тоа не е предмет на законско проверување. Кај нас реално согласно законските решенија, во Канал 77 и Канал 5 промената на сопственоста е направена согласно законот и сопственоста на новите сопственици не е во никаков судир со ниеден закон во Република Македонија.

Да, тоа теоретски е така, меѓутоа еве дали сепак приметувате влијание на политичките и на економските центри на моќ врз уредувачката политика на медиумите?

Ќе зборувам сега конкретно за овие два медиуми каде што имаше промена на сопственичката структура. Во Канал 77, имаше прво промена на сопственичката структура на некоја си личност, Сашко Јованов мислам дека се викаше, а со измените на Законот за радио-дифузна дејност лани во мај месец, претходниот сопственик Горан Гаврилов ја префрли претходна сопственост од Сашко Јованов на неговиот син Виктор Гаврилов. Тетката на Виктор Гаврилов е пратеник во Парламентот, е сега не е таткото, синот е, меѓутоа законот го дозволува, можеби е неморално, но е законски и ние не можеме да оценуваме за етички или морални постапки, туку можеме да оценуваме и да постапуваме само согласно законот. Во другиот случај во Канал 5, сè уште е истиот сопственик, не можам да се сетам точно на името на сопственикот, меѓутоа никаква директна поврзаност, ние нив ги проверуваме и не само нив, туку сите радиодифузери ги проверуваме повеќе пати во текот на годината во однос на сопственоста во Централниот регистер, значи не бараме тие да ни достават, туку самите ја проверуваме сопственоста, значи нема никаква директна или индиректна поврзаност помеѓу новиот сопственик и претходниот сопственик на Канал 5.

Огласувањето, односно владините реклами практично многу често се критикуваат како средство за владино корумпирање на медиумите. Постои ли кај нас, господине Трајчевски, клима целосно да се забрани платеното политичко рекламирање?

Рекламирањето на државните институции, тоа не е платено политичко рекламирање, значи рекламирањето на државните институции е различно регулирано во ЕУ, постојат земји каде што е тоа забрането, како Германија, до земји каде што е тоа дозволено. Во Република Македонија, со новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги има точно утврден член во којшто рекламирањето на владата, односно на другите државни институции во коишто државата има сопственост, јавни претпријатија, други државни компании каде што државата е доминантен сопственик, општините, судската власта итн., ќе треба да го почитуваат тој член од законот каде што ќе треба да спроведуваат јавни набавки и на недискриминаторен начин да ги вршат поделбите, односно рекламирањето во соодветните медиуми, дали се тоа печатени или електронски, каде што одлучиле да се рекламираат. Ние секоја година, претходно како Совет, сега како Агенција, вршиме анализа на пазарот и оценуваме и согледуваме колкав е уделот на рекламите коишто ги има владата и другите државни и локални институции кај медиумите. Во 2012 година, според анализата што ја направи Советот за радиодифузија, владата беше на 1 место. Во 2011 година, владата беше на 4 место, во 2010 година мислам дека беше 19-та, во 2009 била на 21 место, а во 2007 и во 2008 година била на 3 или на 4 место. Оваа година сè уште не е завршен рокот за доставување на завршните сметки на радиодифузерите во Централниот регистар. Тие после тоа се должни до 31 март и до нас како агенција да достават податоци, за да можеме да ја направиме анализата, меѓутоа од реакциите што ги имаат радиодифузерите може да се дојде до заклучок или до претпоставка дека минатата година, нивото на пари за рекламирање коишто ги има потрошено владата, владините институции, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија е значително намален, посебно по објавувањето на извештајот за 2012 година дека владата е на 1 место, така што согласно реакциите коишто ги има кај радиодифузерите, посебно во втората половина од годината нивните приходи од рекламите на владата се значително намалени, меѓутоа тоа ќе можеме точно да го констатираме после доставувањето на податоците до Агенцијата и некаде во јуни по завршување на анализата ќе можеме да видиме каква била состојбата во 2013 година.

Наближуваат изборите, вие веќе вршите мониторинг на медиумите и на начинот на којшто тие ќе ја покриваат предизборната и изборната кампања. Дали новата агенција ќе има пристап до критериумите на телевизиите за попусти коишто партиите ги добиваат за рекламирање?

Во изминатиов период ние согласно со Изборниот законик ги добивавме ценовниците од медиумите, меѓутоа медиумите имаа можност да им дадат попуст на партиите до 5 отсто од вкупниот приход. Со измените на Изборниот законик оваа висина на попуст не е веќе 5 проценти, туку е ограничена на фиксна сума од 50 илјади евра, така што сметам дека ова решение е далеку подобро од тоа што беше претходно каде што беше врзано со процент, а освен тоа со измените во Изборниот законик е предвидено ценовниците да ги доставуваат и до Државниот завод за ревизија, до Државната комисија за спречување на корупцијата и до ДИК, така што сите институции имаат увид во ценовниците на медиумите и што е многу важно, висината којашто можат да ја донираат е драстично намалена.

Неколку години по ред од Брисел стигнуваат забелешки, и не само од таму, генерално и од многу меѓународни организации, во однос на влошувањето на слободата на медиумите во Македонија. Како според вас да ја подобриме оваа слика и дали го делите истиот впечаток?

Јас лично не го делам ставот дека состојбата е толку лоша како што сакаат да ја прикажат одредени невладини организации, бидејќи обично најлошите оценки доаѓаат од неколку светски невладини организации и сметам дека за да се добие реална слика и да се донесе реална оценка за состојбата на медиумите во Република Македонија, тие невладини организации треба да бидат објективни и да ги прашаат или да бидат вклучени во давањето на оценка сите релевантни фактори во Република Македонија. Дали станува збор за тоа дали треба да бидат вклучени највлијателните печатени медиуми, највлијателните електронски медиуми, највлијателните новинари, а не да бидат вклучувани само поединци коишто по личен избор вклучуваат неколкумина новинари, а прашање е и дали воопшто тие се новинари, бидејќи најголемиот дел од нив престанале да се бават со оваа професија во последните 4-5 години, и врз база на оценките на тие неколкумина луѓе да се носи оценка за тоа каква е состојбата во Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG