Достапни линкови

ДУИ побара распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Пратеничката група на ДУИ денеска поднесе иницијатива за распуштање на Собранието на Република Македонија и распишување предвремени парламентарни избори.

Причината за тоа, како што велат од партијата, е неприфаќањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат од страна на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијативата на ДУИ е во согласност со одлуките на Централното претседателство на партијата донесени на седницата во четвртокот во Мала Речица. ДУИ соопшти дека нема да предложи кандидат на претседателските избори, но и оти нема да повика на бојкот.

Во меѓувреме, во Универзалната сала се одржува Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ на која владејачката партија треба да го избере својот кандидат за претседател.

За барањето на ДУИ за распуштање на Собранието и за предвремени парламентарни избори синоќа расправаше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, претседателот на партијата Никола Груевски имаше средба со лидерите на помалите политички партии кои се нејзини коалициски партнери.

Доколку биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори, најчесто спомнувана можност во јавноста беше тие да се одржат на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските. Во таков случај Собранието треба да се самораспушти во првата недела од март, а тие да бидат распишани во периодот од 10 до 13 март.
XS
SM
MD
LG