Достапни линкови

Што ќе надвладее - стравот или сиромаштијата?


Илустрација.

Илустрација.

Марширај против сиромаштијата, затоа што сметките за струја, вода и телефон се поголеми од минималната плата, повикуваат организаторите.

Излези на марш против сиромаштијата, која е секоја година сè поголема. Излези на марш, за да бидеш достоинствен. Секој трет граѓанин живее под работ на сиромаштијата. Тоа не е маргинална бројка! Излези, затоа што во Грција, Албанија, Србија, Бугарија, БиХ, Хрватска и Словенија просечната плата е поголема од Македонија. Излези, за да направиме притисок, за да си го вратиме достоинството. Излези, затоа што вредиш повеќе од споменик. Излези, затоа што животот треба да ти биде полесен. Марширај против сиромаштијата, затоа што сметките за струја, вода и телефон се поголеми од минималната плата. Крени го гласот за социјална правда.
Република Македонија е земја од која се иселуваат граѓаните, 5 до 12 е ние да створиме држава која ќе биде слуга на граѓаните, а не граѓаните да бидат робови на државата.

Со овие зборови, Џелал Хоџиќ од здружението 8 Септември ги повика граѓаните да излезат на утрешниот марш симболично насловен 5 до 12 часот.
Протести против поскапувањето на струјата, парното и горивата во Битола во 2012 година.

Протести против поскапувањето на струјата, парното и горивата во Битола во 2012 година.


„Пет до 12 е да почнеме да ги менуваме нештата. Република Македонија е земја од која се иселуваат граѓаните, 5 до 12 е ние да створиме држава која ќе биде слуга на граѓаните, а не граѓаните да бидат робови на државата. Сепак, државата постои за да им служи на граѓаните“, вели Хоџиќ.
Мислам дека граѓаните се исплашени, но бедата ќе ги натера да бидат заедно и да протестираат или да бараат чаре за нивните егзистенцијални потреби.

Социологот Хасан Јашари вели дека е крајно време да се покаже граѓанска солидарност и единство и сите заедно да се борат против сиромаштијата.

„Мислам дека граѓаните се исплашени, но бедата ќе ги натера да бидат заедно и да протестираат или да бараат чаре за нивните егзистенцијални потреби“, вели Јашари.

Хоџиќ се надева дека маршот ќе биде масовен.

„Република Македонија има нефункционален систем на социјална заштита и мора да претрпи коренита промена. Според Уставот, Република Македонија е социјална држава, а во пракса е држава на социјална неправда. Затоа граѓаните треба да излезат за да направиме притисок владата да се откаже од непродуктивните трошења и да ги пренамени средствата кон сиромашните“, вели Хоџиќ.

Но, минатото покажа дека мал број на луѓе излегуваат на протести. Според Јашари, само со масовен марш може да се постигнат промени во општеството.

„Ако се во голем број, ако постојано ги бараат нивните права, власта нема цело време да биде глува, ќе се сети на нив, ќе прекине со инвестирањето во Скопје 2014 и ќе инвестира во реалните граѓански потреби“, вели Јашари.

Маршот ќе започне од Собранието ќе продолжи до Владата, а ќе заврши на Сквер Јадран со концерт за достоинствен живот.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG