Достапни линкови

Ердоган: конспирација, а не корупција


Турските специјалци со солзавец, водени топови и гумени куршуми ги растурија протестите во Истанбул и во Анкара против премиерот Реџеп Таип Ердоган. До протестите дојде откако Ердоган ги обвини политичките непријатели дека фабрикувале аудио снимка на телефонски разговор во кој наводно го предупредува неговиот син да скрие голема сума пари.

Телефонскиот разговор кој деновиве се појави на интернет, бил снимен на 17 декември лани, истиот ден кога соработници на Ердоган, но и синови на тројца министри беа приведени во рамките на корупциска афера што ја потресе владата.

Единаесет минутната снимката наводно открива дека Ердоган бара од неговиот син Билал да скрие неколку милиони евра во готово на неколку места на што наводно син му вели: „Има уште 30 милиони евра“.

Премиерот Ердоган веднаш оцени дека снимката била целосно лажна.

„Ова е предавнички напад против премиерот на Турција. Сакам да нагласам дека ова не е напад врз Реџеп Таип Ердоган или лидерот на Партијата на правдата и развојот. Ова е груб напад врз турски премиер“, изјави Ердоган пред пратениците од неговата партија во турскиот парламент, најавувајќи дека тоа нема да мине неказнето.
Ова е предавнички напад против премиерот на Турција. Сакам да нагласам дека ова не е напад врз Реџеп Таип Ердоган или лидерот на Партијата на правдата и развојот. Ова е груб напад врз турски премиер.

„Ќе покренеме легална процедура против ваквите инциденти. Не можеме да го вртиме грбот. Во спротивно нема да има ниту семејна ниту државна приватност во оваа земја.“

Ердоган се најде под интензивен притисок од моментот кога избувна корупцискиот скандал, што е најголем предизвик во досегашното негово единаесетгодишно владеење и тоа пред клучните локални избори идниот месец и претседателските во текот на оваа година.

Тој за скандалот го обвини својот некогашен сојузник Фетула Ѓулен, муслимански проповедник кој живее во Соединетите држави, обвинувајќи го дека креира паралелна држава во Турција.

Сепак, најновите контроверзи со последната аудио снимка ги обновија барањата на опозицијата за оставка на владата.

Републиканската народна партија соопшти дека снимката била потврдена од неколку канали и го повика Ердоган да поднесе оставка или, како што изјави портпаролот на оваа најголема опозициска партија Халук Коч, „да побегне од Турција со хеликоптер“.

Девлет Бахчели, лидерот на десничарската опозициска Националистичка партија пак, побара премиерот да биде изнесен пред лицето на правдата.

Како и да е, Ердоган и натаму останува најпопуларен политичар во Турција. Анкетите пред најновата аудио снимка покажуваат дека корупцискиот скандал не го намалил неговиот рејтинг.

Сепак, според експертите борбата за власт меѓу Ердоган и приврзаниците на Ѓулен кои ги има во полицијата и судството фрли сенка врз она што западните сили долго време го фалеа како пример на ефикасна исламска демократија.

Политичката неизвесност во Турција ги погоди и берзите, а лирата падна на најниска вредност спрема доларот во изминатите две недели. „Се чини дека ова ќе биде битка до смрт.“ Ѓуленистите изгледа сакаат да го повредат Ердоган со цел неговата партија да нема успех на изборите“, смета економистот Тимоти Еш.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG