Достапни линкови

Иванов и мотивот за предвремени парламентарни избори


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов гласа на локалните избори 2013.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов гласа на локалните избори 2013.

Ѓорге Иванов се кандидираше за втор мандат. За ДУИ тоа е неприфатлив избор. Играта на двете партии треба да доведе до предвремени парламентарни избори, велат аналитичарите.

Повторната кандидатура на Ѓорге Иванов за претседател, за што од коалиционата ДУИ се изјаснија дека за нив е неприфатлив избор, го чисти патот до предвремени парламентарни избори. Сите чекори преземени во последно време од владејачките партии, нивното наводно несогласување, е само параван, велат дел од запрашаните познавачи на политичките состојби во земјава. Иванов решил да ја прифати иницијативата на група интелектуалци и да се кандидира за втор мандат, потврдуваат дел од потписниците на иницијативата.
Да не се бара виновник, да не се бара огромна криза, да не се бараат други мотиви за предвремени избори, туку тоа несогласување да биде мотив.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Серијата потези на коалициските партнери укажуваат на тоа дека „несогласувањето“ меѓу нив ќе биде искористено како мотив за предвремени избори, вели универзитетскиот професор Алајдин Демири.

„Се добива впечаток дека е маневар за превремени избори. Да не се бара виновник, да не се бара огромна криза, да не се бараат други мотиви за предвремени избори, туку тоа несогласување да биде мотив“, вели Демири.

И професор Здравко Савески е дел од аналитичарите кои сметаат дека глумењето на неконструктивност од владејачките партии е само за да се зголеми партискиот рејтинг.
Ако ДУИ навистина принципиелно стои зад ставот дека за нив Ѓорге Иванов е неприфатлив кандидат, тогаш логичниот чекор кој би следел од тоа е напуштање на владината коалиција.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Ако ДУИ навистина принципиелно стои зад ставот дека за нив Ѓорге Иванов е неприфатлив кандидат, тогаш логичниот чекор кој би следел од тоа е напуштање на владината коалиција. Шансите тоа ДУИ да го направи се минимални, скоро непостоечки“, вели Савески.

Најавата за некаков нов вид на бојкот на ДУИ, и ставот на ДПА дека нема да бојкотираат избори, туку ќе настапат со свој кандидат за претседател, како и односот на другите партии, зборува за еден нетранспарентен процес, вели Демири.
„Неконзистентната политика, недостигот на политички принципи, чекањето да настапат во последен момент за да видат како им е попрофитабилно, сето тоа укажува дека претходно веќе се договориле“, вели Демири.

Од партиите само ДУИ досега отворено зборуваше за предвремени парламентарни избори, додека другите партии тактизираат. Од ДУИ пред некој ден соопштија дека за нив приоритет останува евроатланската интеграција на земјата, и дека тоа е можно со предвремени парламентарни избори. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека за нив предвремените избори се отворена тема. СДСМ на 3 март ќе бира кандидат за шеф на државата, за кога се шпекулира дека е можно да се одржи и собраниска седница на која би се распишале предвремени парламентарни избори. ДПА најави дека ќе има свој кандидат на претседателските избори, а мотив за одлуката им биле „големите игри на ДУИ со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ за консензуален кандидат“. Претседателот на ДПА Мендух Тачи, досега неколкупати јавно изјави дека не го интересираат претседателските избори.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG