Достапни линкови

Барокните фасади досега „лапнаа“ над половина милион евра


Откако Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за утврдување на изгледот на фасадите на објекти што се дел од деталниот урбанистички план „Мал ринг“, се отворија неколку прашања околу легитимноста на постапката и финансиските импликации.

Центарот на Скопје до крајот на летово ќе блесне во ново барокно руво. Досега градската администрација за оваа намена потроши над половина милион евра.
Прво, во овој процес имаме очигледно наметнување на моќ, наметнување на нешто што треба да изгледа како да е сè во рамките на Уставот и законите, а очигледно дека не е така.

Откако Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за утврдување на изгледот на фасадите на објекти што се дел од деталниот урбанистички план „Мал ринг“, се отворија неколку прашања околу легитимноста на постапката и финансиските импликации. Според буџетот на Град Скопје, градската администрација за реконструкција на фасадите на зградите во централното градско подрачје во следните три години ќе потроши 6,5 милиони евра. Во буџетот е наведено дека целта на таа програма е да се „овозможи свеж и обновен изглед на центарот на градот кој е особено привлечен за странските туристи“ .
Читајќи ги само овие многу штури информации коишто ги имам за овој случај можам да заклучам дека со еден ваков случај се погазува сè.

Тендерот за реконструкција на фасади на постојни објекти во центарот на градот на две улици ( ул. Никола Вапцаров и на ул. Димитрие Чуповски) го доби компанијата БАУЕР БГ во вредност од 370 илјади евра. Според Бирото за јавни набавки, само за изработка на основни проекти градската администрација досега потрошила речиси 300 илјади евра. Идејните архитектонски решенија за промена на сите фасади ги изработија двајца автори – Звонко Ставревски и Жарко Чаушевски.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал Македонија вели дека барокните фасади коишто градскиот татко ќе ги направи се уште еден приказ на севкупната состојба на непочитување на владеењето на правото.

„Прво, во овој процес имаме очигледно наметнување на моќ, наметнување на нешто што треба да изгледа како да е сè во рамките на Уставот и законите, а очигледно дека не е така. Се наметнува нечија волја, се наметнува нечија програма и политика, а тоа се прави на начин што се дерогира и се урива севкупниот систем на државата“, вели Тасева.

Таа додава дека тоа се покажува со начинот за кој со еден закон се менува друг за да се постигне целта.

„Понатаму, прашањето на учеството на граѓаните, како тие можат да учествуваат во работењето на локалната самоуправа, да носат одлуки за тоа што ќе се случува во локалната самоуправа, прашањето на сопственоста, значи навлегување во правото на приватност или дерогираната приватност која исто така е загарантирана со Уставот. Значи јас читајќи ги само овие многу штури информации коишто ги имам за овој случај можам да заклучам дека со еден ваков случај се погазува сè“, вели Тасева.

Според програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното подрачје, градските советници најпрвин го потврдија новиот барокен изглед на 15 деловни и станбени објекти на улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“, централната пешачка зона „Македонија“, деловниот објект „Метропол“ на плоштадот „Македонија“ и зданието на некогашна „Пелагонија“ на плоштадот „Пела“ во строгиот центар на Скопје.

Во меѓувреме, тивко се подготвува и барокната реконструкција на Градскиот трговски центар. Неодамна раководството изјави дека по комплетирањето на проектната документација ќе се распише и тендер за избор на градежна фирма која ќе го реализира градежниот зафат, затоа што, како што тврдат, не постои никаква законска пречка за доградба и обнова на фасадата на ГТЦ.

Според идејниот избор за ликот на ГТЦ, може да се очекува дека градежниот зафат ќе чини неколку милиони евра. Во замислата на победничкиот архитектонски труд е предвидена изведба на три куполи и десет антички столбови, на последниот кат е предвидена тераса со бројни скулптури. Станува извесно дека и кулите што се во склоп на Градскиот трговски центар ќе добијат барокни фасади, налик на објектите од спротивната страна на реката Вардар.

Веќе неколку министерства добија барокен изглед, барокизирањето на владата е во тек, а уште неколку административни згради кои се во изградба ќе го добијат истиот сјај.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG