Достапни линкови

logo-print

Тутунари незадоволни од откупот на тутунот


Откуп на тутун во прилепско.

Откуп на тутун во прилепско.

Тутунарите велат дека тутунот се откупува по ниски цени, а исто така фирмите не ги преземаат сите количества одеднаш. Според нив, субвенциите кои ги добиваат сега се само компензaција за штетите кои ги трпат со нереалната процена на родот во сите откупни фирми.

Сулејман Фазлиоски е долгогодишен тутунар од долненското село Лажани. Егзистенцијата на своето 5-члено семејство ја обезбедува исклучиво од тутунопроизводство. Но, годинава се жали, не само, на ниската откупна цена која едвај достигнува, како што вели, до 135 денари, туку и на фактот што во Лажани веќе не се врши откуп на тутунот. Тој се плаши дека не ќе може да го предаде своето производство.
Досега предадовме 500 килограми, а имаме 3.500 кила. Ако оди вака тешко дека ќе ги предадам, загубите се 20 отсто сигурно, во пари сега не можам да ви кажам, но со 3.000 евра сигурно е помалку.

„Сами обработуваме, две деца на училиште имам, се од тоа е, секој ден извршители ни идат, немаме пари сметките да ги платиме. Досега предадовме 500 килограми, а имаме 3.500 кила. Ако оди вака тешко дека ќе ги предадам, загубите се 20 отсто сигурно, во пари сега не можам да ви кажам, но со 3.000 евра сигурно е помалку“, вели Фазлиоски.

Стотина тутунари предале дел од родот со динамиката што била утврдена, а поголем дел чекаат да бидат повикани. Но, иако списокот бил направен пред некој ден, останал кај вработените во пунктот од Тутунски Комбинат, кои веќе ставиле катанец на вратите.
Бараме заштита од државата да застане зад производители и да го натера комбинатот да ги откупи договорените количества на тутунопроизводителите.

„Бараме заштита од државата да застане зад производители и да го натера комбинатот да ги откупи договорените количества на тутунопроизводителите. Над 40 отсто не им е даден тутунот, 60 проценти го откупија. Деновиве затворен е пунктот, работат. Имаме направено список до 25-ти овој месец за предавање, по 25-ти повторно се прави список за предавање до 15-ти март е откупната реколта, и тоа не го почитуваат комбинатот“, реагира Садик Зенгоски, долгогодишен тутунар од Долненско.

А, во Лажани тутун предаваат тутунари од повеќе села: Борино, Саждево, Јакреново и Кошино.

„Контра изјавите на Министерството за земјоделство дека ќе работат за викенди, тие не работат во работни денови, а не за викенди, еден викенд се случи да работат, а два дена потоа не работеа до ден-денеска и ќе остане тутунот не предаден“, додава Зенгоски.

Реагира и Мирсад Колашинац. Политичарите само ги користат тутунарите за свои цели, во државата отсуствува вистинска грижа за нив, вели Колашинец.

„Ние немаме проблем со проценителите, таква е откупната година што сите сме подолу барем 70 денари на килограм. А, се е во ред, во Македонија тече мед и млеко. Апелираме до министерот за земјоделство, затоа што кажа дека ќе се откупи до последен лист, дека ќе работат за време на викендите. Во 90 дена откуп прилепскиот пункт работеше само 30 дена,а од 30-работни дена просек им беше еден тон, значи 30 тони е откупен од пунктот во Лажани“, вели Мирсад Колашинац.

Од Комбинатот велат дека во Лажани се откупени 95 проценти од количествата, па ако имаат уште непредаден тутун, производители да го носат во пунктот во Црнилиште или во Прилеп.

Но, не само кооперантите на Тутунски Комбинат, незадоволни од динамиката на откуп се и кооперантите и од други откупни фирми. Велат дека за оваа последна кампања, фирмите премолчено тактизираат и со цените кои се многу пониски од ланските, но и со фактот што не ги преземаат сите количества одеднаш. Субвенциите кои ги добиваат сега, велат тутунарите, се само компензација за штетите кои ги трпат со нереалната процена на родот во сите откупни фирми.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG