Достапни линкови

Ваши коментари - Кој е поголем Македонец?


Евангелос Венизелос во Скопје.
Евангелос Венизелос во Скопје.

Темите за името, за посетата на Венизелос и интервјуата со амбасадорите Орав и Оер предизвикаа широка дебата која завршува со тоа кој е поголем Македонец и патриот.

Дали има пораскаран и поделен народ од Украинците? Да. Македонците. Па од лутината што во себе ја носат, поточно од шумата не ги гледаат дрвјата во неа. Сите се против нас, само ние сме добрите. За Аце, анализата дека Венизелос им одржал лекција по дипломатија на нашите политичари и дипломати во која консултираните двајца професори сметаат дека домаќините се фатиле во замката на гостинот со кавгаџиската реторика, а Венизелос, со сменета реторика, на Европа ѝ ја претставил својата земја како наводно поконструктивна страна во спорот за името, е неаргументирана и веќе му било „смачено од самопрогласени аналитичари, експерти и новинари“.
Дали ние имаме дипломати и дипломатија? Нашиве политичари се само локал дипломати, за домашна употреба.
Коментар на читател.

Томе Јанковски од Куманово ја подучува нашата новинарка дека Пендаровски е активен во СДСМ, а за Миле од Охрид било многу логично Радио Слободна Европа и Пендаровски да го фалат Венизелос, за чие однесување смета дека било шовинистичко. Потоа Боцка прашува дали ние имаме дипломати и дипломатија и заклучува дека нашиве политичари се само локал дипломати, за домашна употреба.
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими со француската амбасадорка Лоренс Оер.
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими со француската амбасадорка Лоренс Оер.
А потоа, преписката на нашата веб-страница од дебата за дипломатијата, се претвора во дебата, да не кажеме препирка, за патриотизмот, писменоста и за јазикот меѓу Пиле, Миле, МКД, МК Обсервер, Незабеган... До бескрај...
Македонија веќе 23 години не успева да го дефинира својот државен интерес.
Коментар на читател.

И двете редовни неделни интервјуа, со европретставникот Орав и со француската амбасадорка во Скопје, Лорен Оер, предизвикале широка дебата, поточно препирка меѓу претходно спомнатите учесници. Коментарите се полни со етикети и забелешки за тоа кој е поголем Македонец и патриот, дури се и навредливи и недолични за препрочитување, само затоа што француската амбасадорка, на пример, изјавува дека не постои никакво барање за промена на идентитетот на граѓаните и на земјата, на што редовните испраќачи на пораки не веруваат.

Но, сепак, Незабеган смета дека Македонија веќе 23 години не успева да го дефинира својот државен интерес, а Пиле - дека амбасадорката јасно и гласно кажува дека нема збор за идентитетот и дека е мошне битно што тоа го кажува претставник на држава, постојана членка на Советот за безбедност. А Перо напишал дека нашиот народ повеќе сака да живее во прикаските на спин политичарите и новинарите.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG