Достапни линкови

Политика во навивачките групи


Колку навредливите и националистички скандирања на навивачките групи, говорот на омраза, палењето знамиња и физичките пресметки се мотивирани од политичко влијание?

Навивачите секогаш биле дополнителен играч на теренот, тоа често го признаваат и спортистите. Благодарение на навивачите се добивале натпревари или барем секогаш биле инспирација за играчите да дадат сè од себе на теренот.
Врската меѓу политичките партии и владејачката структура со навивачките групи може да се докажува со фактот што сосема мал број на тие престапници, на тие луѓе што шират говор на омраза, учествувале во тепачки, се приведени или казнети.
Хасан Јашари, социолог.

Неретко сакаме да се пофалиме дека Македонија ја има најдобрата публика на спортските терени. Тоа се покажа на европското првенство во ракомет во Србија, како и европското првенство во кошарка во Литванија, каде благодарение на пожртвуваноста на репрезентативците, но и огромната поддршка од љубителите на спортот беше постигнат најголемиот успех досега. Играчите при враќањето во земјата беа пречекани, како најголеми херои и тогаш се почувствува вистинската намена на спортот, да ги зближи, сплоти и израдува сите граѓани на земјата. Но, и да ја промовира Македонија, како што ниту една реклама не би можела тоа да го постигне.
Во последните години сме сведоци на многу такви манипулации на младите луѓе, знаејќи дека тие навивачки групи се составени од малолетници и се злоупотребувале во одредени ситуации.
Ѓорѓи Христов, фудбалски тренер.

Но, неретко сме биле сведоци дека навивањето има и грда страна, која најмалку им оди во прилог на спортистите на теренот. Навредливи и националистички скандирања, говор на омраза, палења на знамиња и тепачките меѓу навивачите биле причина да се прекинат и одложат натпревари. Некои од полицајците кои ги обезбедувале натпреварите завршувале во болница, а некои од навивачите во станица.
Групите кои се наоѓаат или учествуваат во спортот на директен или индиректен начин се доста интересна за политичките елити или политичките групации при нивната желба да дојдат на власт или да ја задржат власта.
Иван Атанасовски, спортски работник.

Најчесто најризични се фудбалските натпревари меѓу македонските и албанските клубови. Такви на пример се натпреварите помеѓу Шкендија и Тетекс кои секогаш носат висок безбедносен ризик и често доаѓа до инциденти поради етничката нетрпеливост. Најголемиот инцидент помеѓу навивачите сепак се случи надвор од спортските терени. Навивачката група Комити се судри со навивачката група Шверцери на скопско Кале, а причината воопшто не беше спортот, туку изградба на црква. Протестите кои ескалираа во масовна тепачка завршија со реакција од страна на полицијата, при што беа поднесени кривични пријави за околу 60 лица, но никој не заврши зад решетки.
Ако тие ни направат некоја услуга на нас, после ни бараат да им вратиме за услугата и затоа не сакаме да се врзуваме со ниедна политичка партија.
Огнен Стојчевски, еден од водачите на навивачката група Комити.

Дека навивачките групи не се имуни на политичката состојба во земјата, туку си дозволуваат и да се вмешаат во неа покажаа и протестите за и против именувањето на Талат Џафери за министер за одбрана.

Социологот Хасан Јашари вели дека е општо познато оти политиката влијае врз сите сфери на животот, при што ни навивачките групи не се изоставени.

„Тоа е поради фактот што политичките партии и владејачките елити имаат пари, имаат моќ, имаат власт и на некој начин целокупното вработување во јавната администрација се одвива преку влада и навивачките групи и поединци се свесни за тој факт“, вели Јашари.

Поранешниот фудбалер во македонската репрезентација, а сега тренер, Ѓорѓи Христов, вели дека политиката е премногу присутна на трибините.

„Во последните години сме сведоци на многу такви манипулации на младите луѓе, знаејќи дека тие навивачки групи се составени од малолетници и се злоупотребувале во одредени ситуации. Јас лично сум згрозен од тие работи. Во исто време сме сведоци на кампањи тоа да го попречиме, но очигледно никако да дојдеме до некакви резултати, да го отстраниме тоа лошо скандирање или режирање на некаков инцидент“, вели тој.

Според Христов, никој од играчите не се чувствува убаво кога слуша скандирање на националистички или други несоодветни пароли, особено кога настапува репрезентацијата.

„Знаеме дека во изминатиот период кога настапуваше нашата најдобра фудбалска репрезентација бевме сведоци на многу невкусни скандирања од одредена група на навивачи, иако знаеме дека не сите навивачи спаѓаат во таа група, но во секој случај од една страна се бориме да го спречиме тоа, а сите потајно знаме дека тие малолетници само извршуваат некоја наредба на некој кој стои во позадина“, вели Христов.

Професорот и претседател на институтот Глобал, Иван Атанасовски, вели дека не само во Македонија, туку во сите земји кои беа дел од Југославија, поради начинот на општествено уредување и транзицијата, спорот долги години бил под капата на политиката. Според него, тоа се случува и денес. Институтот досега спроведе два проекти „Спортот како фактор за толеранција и почитување“ и „Спортски бон тон“.

„Од едноставна причина што првин спортот е популарна област, тоа е едно, и друго, групите кои се наоѓаат или учествуваат во спортот на директен или индиректен начин се доста интересна за политичките елити или политичките групации при нивната желба да дојдат на власт или да ја задржат власта“, вели Атанасовски.

Тој додава дека, иако досега немало одреден транспарент кој оди во прилог на некоја политичка партија, сепак имало транспаренти со политичка конотација. Атанасовски сака да верува дека пораките кои ги упатуваат навивачките групи не се случајно дојдени до нив.

„Сакам да сум убеден дека тоа не е нивна логика или логика на навивачките групи да испратат една таква порака која има политичка конотација. Во принцип, пораките кај нас повеќе доаѓаат во вербална форма, многу поретко е со пишан транспарент. Знаете, пишан транспарент ќе го воочат камерите и тоа потоа се архивира и документира, а вербалната порака дали ќе се сними или не, меѓутоа таа е испратена на некој начин и притоа се омаловажува некоја политичка групација или некој поединец или, пак, условно некој се фаворизира“, вели Атанасовски.

За тоа како функционираат навивачките групи и дали понекогаш биле изманипулирани од политичките партии и дали зад нивните скандирања има политичка позадина поразговаравме со еден на лидерите на навивачката група Комити, Огнен Стојчевски.

РСЕ: Стојчевски, колку секојдневниот политички живот во земјата има влијание врз навивачките скандирања на стадионите?

„Во навивачката група Комити нема многу мешање политика. Има некои, се обидуваат да замешаат политика во групата, ама ги избегнуваме, гледаме да се дистанцираме од некои такви поединци што сакаат политиката да влезе во групата.“

РСЕ: За жал, на терените често се слушаат и меѓуетнички скандирања против Албанците. Колку се обидувате тоа да го избегнете?

„Тоа е, се знае омразата меѓу Македонците и Албанците и секаде е така, тоа не е само кај Комитите, и во другите навивачки групи е исто, и кај албанските навивачки групи, и тие пеат против нас и ние против нив. Со самото тоа кога ќе видиме дека имаат некоја парола или некоја песна против христијаните, се создава револт и затоа и ние на тој начин го искажуваме нашиот став против нив. Инаку, има омраза, сега реално да правиме муабет, со албанските навивачки групи има омраза.“

РСЕ: Колку таа омраза има и политичка позадина, бидејќи го знаеме случајот на Кале?

„Навивачката група Комити беше изманипулирана за тој случај конкретно, затоа што на социјалните мрежи имаше посебно најавен собир на Комитите, ама после излезе дека и некои политички структури имала најава за собир таму и сега го поврзаа случајот дека сме отишле поради некоја политичка партија, а нема врска, тоа беше самоорганизирано, ние си се организиравме за таму, немаше никакви побарувања од некоја политичка партија да отидеме на Кале, ама така испадна како да сме поврзани со таа некоја партија. Инаку, нема врска, сами се организиравме, сами отидовме горе, пред сè за Македонија и затоа што се работеше за црква.“

РСЕ: Претпоставуваме дека кај Комитите има припадници на различни политички партии. Колку тоа пречи или не пречи во вашата комуникација или во вашиот меѓусебен однос?

„Има и од едната страна и од другата страна припадници на политичките партии, меѓутоа гледаме тоа да го искорениме, да не потпаѓаме под влијание на ниту една политичка партија, бидејќи ако тие ни направат некоја услуга на нас, после ни бараат да им вратиме за услугата и затоа не сакаме да се врзуваме со ниедна политичка партија, дали е од власта или опозицијата.“

РСЕ: Значи сте имале случаи кога ви барале услуги?

„Да, да, така е“, завршува Стојчевски.

Според Јашари, проблемот е во тоа што политиката се користи како алатка за превласт и манипулација со граѓаните.

„Врската меѓу политичките партии и владејачката структура со навивачките групи може да се докажува со фактот што сосема мал број на тие престапници, на тие луѓе што шират говор на омраза, учествувале во тепачки, се приведени или казнети. Само провизорно се приведуваат и нема казни за нив“, вели тој.

Но, Јашари причината за недоличното однесување на навивачите не ја гледа само во политичката манипулација. Според него, врз нив влијаат и други фактори.

„Тука има повеќе екстерни фактори што влијаат. Не е само политичката манипулација, не е само политичката индоктринација и членството во политичките партии, туку има и еден екстерен фактор кај младата генерација, дека тие се сè поагресивни, имаат сила, млади се, на некој начин тоа го прават често пати и поради здодевноста на секојдневието и поради тоа што сакаат на некој начин да припаѓаат на некоја група, чувството на припадност од гледна точка на социологијата и психологија е многу значајно, особено за помладата генерација“, вели Јашари.

Христов порачува дека очигледно на некој му одговара навивачките групи да ги користи за задкулисни игри.

„Политичките партии добиваат некаков рејтинг, а најмногу се засегнати самите спортисти, без разлика дали се тоа лигашки натпревари, дали се националните селекции. Јас можам да кажам дека неколку пати сум бил учесник на некои такви конференции, семинари да направиме нешто, но еве, од година в година, наместо ние да ги отстрануваме, да ги намалуваме тие инциденти, кај нас тоа се случува сè почесто, за жал“, вели Христов.

Атанасовски смета дека навивачките групи сè уште немаат таква моќ и независност да можат да се спротивстават и оттргнат од канџите на политиката и да бидат во функција на она што се наменети.

„Поради таа немоќ и самите тие паѓаат во прегратките на политиката, а нормално политиката ќе им пружи сè што бараат, но за возврат ќе бараат нивна агитација, учество на некој начин и помош за избори“, вели Атанасовски.

Јашари порачува дека логично е меѓуетничката нетрпеливост во земјата да се пресликува и на трибините, бидејќи сме поделено општество.

„Нормално, населението сето тоа го гледа, сето тоа е логична последица на навивањето и од самата популација да се држи страна, а со оглед на тоа што ние сме етнички поделени, водиме еден паралелен живот, секој бара поддршка од своите и работи за своите“, вели Јашари

Според Атанасовски, проблемот се состои во тоа што спорот сè уште не може да се финансира сам себе и за да егзистира мора да биде во милост на властите.

„Притоа со тоа се манифестира немоќ. Знаете, кога сами ѝ се нудите на политиката, логично е таа да ве земе и да ве употребува на некој начин. Притоа, иако срамно отпочнува борбата против тоа девијантно однесување во спортот, кое ѝ штети на државата, сè уште мнозинството од тие учесници наоѓаат одредено засолниште кај политичките групации при одредени девијантни активности кои ги прават и преку кои му штетат на спорот, а ако сакате, преку тоа и на угледот на државата“, вели тој.

Атанасовски порачува дека мора да има законски решенија кои ќе го санкционираат несоодветното однесување, како и тоа спортот да дојде во рацете на приватниот капитал и да се работи превентивно.

„Тоа во принцип се насоки кои ние и јас лично секогаш кога имам можност ги предлагам, значи трансформација на општествениот во приватен капитал во спортот, цврста законска имплементација и тренинг, обуки, дебати, советувања што повеќе треба да се одржуваат и тоа се мерки кои би дале позитивност“, вели Атанасовски.

Не сме политички пиони, ниту полициски шпиони, порачаа еднаш Комитите. Но, дека спортот е во рацете и на политиката покажува и фактот што кошаркарскиот клуб МЗТ сега е во рацете на Општина Аеродром, а со кошаркарскиот клуб Работнички менаџира Општина Центар. Политичките пораки на навивачките групи се случувало да бидат пренесувани и надвор од границите на Македонија. Во неколку наврати навивачите во Косово го палеа македонското знаме, по што македонските им возвратија на ист начин. Ништо подобра не е ситуацијата и во другите земји од поранешна Југославија. Како за пример, во Србија навивачките групи го спречија донесувањето на закон за антидискриминација, а предизвикаа и инциденти кога започнуваа преговорите меѓу Белград и Приштина. Во Босна и Херцеговина, пак, навивачките групи подгреваат етничка омраза и се залагаат за поделба на земјата.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG