Достапни линкови

Дневен печат - Протести на стечајците и претседателски избори


Судирите на стечајците со полицијата на протестот пред владата и претстојните претседателски избори се во фокусот на дневниот печат.

Едни стечајци ќе добиваат по 7.000 денари, други имаат блиски средби со полициските специјалци. Дневник објави дека МВР ќе поднесе две пријави од протестот на стечајците за кршење на заштитната ограда пред Владата, а Утрински регистрира: „Судир меѓу стечајците и полицијата“. Слободен печат е најостар во насловот: „Стечајци пред Владата, и овде ќе биде како во Босна“.
Избирачкиот список е прочистен ама врие од починати гласачи.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Вечер не објави ниту збор за „блиската средба“ меѓу полицијата и стечајците пред Владата, освен фотографијата на која некаде во заднината, меѓу присутните, камерата го „уловила“ сдсмовецот Кире Наумов, па Вечер веднаш донесува заклучок дека протестот бил организиран од СДСМ, со циничен наслов: „СДСМ - тоа е партијата во која Наумов е стечаец, а Шеќеринска средна класа“.
Буџетскиот дефицит изеден - само во првиот месец и пол од годинава потрошен е речиси половина од вкупно планираниот буџетски минус за оваа година.

Покрај ситуацијата во Украина, којашто медиумите ја следат најпедантно, доминираат вестите во врска со претседателските избори кај нас. Слободен печат оди со наслов дека: „Избирачкиот список е прочистен ама врие од починати гласачи“. Утрински објавува дека е продолжена неизвесноста за тоа кој е фаворит на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата – „Одлуката ќе ја донесат 1.300 делегати“, а во друга информација го цитира Ахмети дека: „Одлуката за консензуален кандидат е цврста“. Вечер во својот стил: „Рада не му дава на Бранко да се врати!“ - наводно партијата барала Црвенковски да биде кандидат за шеф на државата, а „руководеќи кадар тоне во очај“, како што пишува весникот. Во контекст на изборите, Дневник инсинуира: „Случајност или планирано сценарио - реисот и ’труењата‘ фаќаат приклучок со предизборието“.

Вечер ги следи активностите на Владата, којашто, како што рекоа на телевизијата 24Вести, брза додека официјално не почне кампањата да ги исплати субвенциите: „Исплатени 129 и пол милиони денари субвенции за овци“ и „77 и пол милиони денари за градинарски култури“.

Утрински го пренесува предизборниот финансиски извештај што Министерството за финансии го објавило на својата интернет страница, во согласност со законските измени договорени меѓу власта и опозицијата: „Буџетскиот дефицит изеден - само во првиот месец и пол од годинава потрошен е речиси половина од вкупно планираниот буџетски минус за оваа година“.

Како за крај, пристигнувањето на Венизелос. „Скопје под засилени безбедносни мерки“ - насловува Утрински, а Дневник информира дека тој во Скопје пристигнал преку Блаце, за да го избегне аеродромот и автопатот кои, нели, се викаат „Александар Велики“ и „Александар Македонски“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG