Достапни линкови

logo-print

Барок во центарот на Скопје


Идејно решение за изгледот на фасадата на некогашна НАМА во центарот на Скопје.

Идејно решение за изгледот на фасадата на некогашна НАМА во центарот на Скопје.

За власта тоа е само усогласување на изгледот на зградите со проектот Скопје 2014, додека за опозицијата тоа е брутална шега со центарот на градот.

Градот Скопје напролет ќе добие 15 нови барокни фасади. Со 26 гласа „за“ и 13 „против“ Советот на град Скопје ја изгласа предлог одлуката со која за изгледот на фасадите на објектите во центарот во Скопје ќе одлучува Градот. За власта тоа е само усогласување на изгледот на зградите со проектот Скопје 2014, додека според опозицијата тоа е брутална шега со центарот на Скопје, направена без согласност на граѓаните.
Она што исто така е многу загрижувачки е што со овие измени во законот за градење се овозможува Градот Скопје ретроактивно да легализира се што е незаконски поставено како скулптури, како споменици.

Градоначалникот Коце Трајановски на седницата на Советот изјави дека граѓаните дале согласност.

„Мислам дека никој не може да му направи притисок на некого во негов интерес. Со луѓето од „Пелагонија“ разговараме 2 години скоро и ако некој бил толку моќен и силен нема да оди 2 години да разговара. Ако мислите дека секој разговор е притисок тогаш не треба да се разговара со никого“, изјави Трајановски.

Во меѓувреме градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, до Уставниот суд достави иницијатива за преиспитување на уставноста на измените на законот за градба. Тој тврди дека со новите измени, противуставно на општината и се одземаат дел од ингеренциите.
Идејно решение за изгледот на фасадата на зградата на Пелагонија.

Идејно решение за изгледот на фасадата на зградата на Пелагонија.


„И тоа во еден многу битен сегмент, а тоа се надлежностите кои го третираат нашето давање на дозволи за градби, доградби, надградби и за реконструкција на објектите. Она што исто така е многу загрижувачки е што со овие измени во законот за градење се овозможува Градот Скопје ретроактивно да легализира се што е незаконски поставено како скулптури, како споменици и, како што вели законот, придружни содржини на територијата на локалната единица, а се мисли, се разбира, на територијата на општина Центар.“
Со усвојување на идејни решенија за 15 нови барокни фасади продолжува бруталната шега со нашиот град, со центарот на Скопје, иако Центар јасно рече „НЕ“ на барокот на последните избори.
Жерновски вели дека ова се случува во период кога општината започна со свој проект.

„Ова се случува во период кога ние започнавме да поставуваме термичка изолација, односно да го форсираме проектот на енергетски ефикасни фасади, третата е веќе во тек, а кажав дека имаме намера и одобрени средства оваа година да третираме 10 такви објекти“, вели Жерновски.

Координаторката на советничката група на СДСМ во Совет на Град Скопје, Софија Куновска вели дека со овие измени во законот градоначалникот Трајановски ја презема палката за упропастување на Градот.

„Со усвојување на идејни решенија за 15 нови барокни фасади продолжува бруталната шега со нашиот град, со центарот на Скопје, иако Центар јасно рече „НЕ“ на барокот на последните избори. Крајно време е да излезе конечно некој, Груевски чиј проект е барокно Скопје или Трајановски кој што е спроведувач на истиот, и конечно да им објаснат на граѓаните:Зошто ги трошат нивните пари? За поединци да спечалат провизии или да си купат порција квази вечност со парите на граѓаните?“, изјави Куновска.

Град Скопје досега реновираше три згради. Први беа фасадите на ресторанот „Пелистер“ и на кафулето „Тренд“, кои чинеа 320.000 евра, плус 110.000 за осветление на зградата на ресторанот „Пелистер“. За фасадите на зградите од ресторанот „Пелистер“, до зградата на ГП „Пелагонија”, од градскиот буџет беа потрошени околу 1 милион евра. Врз основа на идејните решенија кои што беа доставени до советниците на град Скопје барокни фасади ќе добијат објектите „Метропол“, некогашна НАМА, „Пелагонија“, седум згради на улица Никола Вапцаров, четири згради на улица Македонија и две згради на улица Димитрие Чуповски.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG