Достапни линкови

По најкрвавиот ден во Киев, нови закани и судири


Украинскиот претседател Виктор Јанукович побара од опозициските лидери да се дистанцираат од радикалите. Во спротивно, тој се закани дека поинаку ќе разговара со нив. До ова дојде по најкрвавите протести во Киев во кои загинаа дваесет и пет демонстранти и полицајци и по неуспешните преговори меѓу Јанукович и опозицијата.

Претседателот Виктор Јанукович оценува дека некои приврзаници на опозицијата ја минале линијата кога побарале од нивните членови да донесат оружје на протестите во главниот киевски плоштад.

Според Јанукович, станува збор за криминалци кои ќе бидат изнесени пред суд. Сепак, тој оценува дека не било предоцна за крај на конфликтите.

„Ќе бидам искрен, имам помошници кои се обидуваат да ме убедат да преземам поостри мерки. Но, секогаш сум сметал дека употреба на сила би била грешка. Постои подобар и поефикасен начин да се најде компромис, да се разговара“, рече Јанукович.

Во текот на изминатата ноќ опозициски активисти останале на плоштадот Мајдан опколени со оган и чад од запалените шатори и од припадници на специјалната полиција.
Ќе бидам искрен, имам помошници кои се обидуваат да ме убедат да преземам поостри мерки. Но, секогаш сум сметал дека употреба на сила би била грешка. Постои подобар и поефикасен начин да се најде компромис, да се разговара.

Неколку катови од зградата на синдикатите каде што е штабот на антивладините демонстранти биле запалени.

Опозициските лидери Витали Кличко и Арсениј Јацењук синоќа се сретнаа со претседателот Виктор Јанукович, но разговите завршиле без конкретно решение. Кличко изјави дека претседателот одбил да ги повлече специјалците од плоштадот.

„Многу сум несреќен, бидејќи тоа не беше разговор. Претседателот не сака да ја слуша опозицијата. Тој бара крај на протестите. Но, сега е најважно да не се бориме повеќе“, рече тој.

Кличко побара од демонстрантите да останат на плоштадот кој го нарече „остров на слободата“.

Претходно, американскиот потпретседател Џо Бајден го повика Јанукович да ги повлече специјалците и да покаже максимална воздржаност. Иста беше и пораката на портпаролот на Белата куќа, Џеј Керни.

„Продолжуваме да ги осудуваме насилството и прекумерната употреба на сила од двете страни. Со сила не се решава кризата. Бараме од Јанукович да ја запре конфронтацијата и да почне дијалог со опозициските лидери“, рече Карни.
Многу сум несреќен, бидејќи тоа не беше разговор. Претседателот не сака да ја слуша опозицијата. Тој бара крај на протестите. Но, сега е најважно да не се бориме повеќе.

Во меѓувреме, новинските агенции јавија дека демонстранти влегле во згради на локалните власти во неколку градови во западниот дел на Украина, а бил блокиран и граничниот премин меѓу Полска и Украина во регионот на Лвов.

Плоштадот Мајдан го држат демонстрантите од крајот на минатиот ноември кога Јанукович одби да ја потпише трговската спогодба со Европската унија. Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека во вчерашните нереди имало околу 400 повредени полицајци и демонстранти.

До насилствата дојде на протестите пред украинскиот парламент од кој е побарано да усвои измени на Уставот за намалување на овластувањата на претседателот Јанукович.

Протестите станаа насилни откако демонстрантите почнаа да фрлаат камења и молотови коктели врз полицајците кои, пак, возвратија со гумени куршуми и солзавец.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG