Достапни линкови

Немало труење со хемиска супстанца кај гостиварските средношколци


Гостивар

Гостивар

Анализите направени врз пациентите од гостиварската гимназија кои во петокот доцна вечерта беа примени на Клиниката за токсикологија во Скопје покажуваат дека немало труење од хемиска супстанца. Директорите на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев и на Институтот за судска медицина Алексеј Дума денеска изјавија дека клиничкиот преглед и направените клинички лабораториски и токсиколошки иследувања не покажале индиции за постоење на штетно дејство од хемиска супстанца.
Чибишев нагласи дека при приемот во болницата пациентите се жалеле на субјективни потешкотии како печење на очите, гребење во грлото, вознемиреност и страв, а неколкумина од нив и на отежнато дишење.
На Клиниката за токсикологија во петокот беа хоспитализирани 16 пациенти од кои 10 ученици на возраст од 18 години и шест вработени во гостиварската гимназија од кои најстариот имал 63 години.
По медицинскиот третман поголем дел од нив за кратко време покажале знаци на подобрување и четворица од нив веќе во текот на ноќта инсистирале да ја напуштат Клиниката тврдејќи дека се чувствувале добро, а утредента по направената визита уште четворица од нив инсистирале да ја напуштат болницата, така што до 12 часот напладне Клиниката ја напуштиле сите пациенти.
XS
SM
MD
LG