Достапни линкови

logo-print

Да се работи на хуманизирање на јазикот


Јован А. Костов, Аташе за истражување и настава на универзитетот Сорбона во Париз.

Јован А. Костов, Аташе за истражување и настава на универзитетот Сорбона во Париз.

Треба да се насочиме кон опишување на постоечкиот македонски јазик со цел посоодветно да се најде една рамка за да се хуманизира јазикот, а не да се прави рамка за јазична полиција, вели Јован А. Костов, аташе за истражување и настава на универзитетот Сорбона во Париз, во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Костов, дали во медиумите правилно се употребува македонскиот литературен јазик? Какво е вашето видување?

Зависи кој медиум. Медиумите се широк поим. Најпрвин ги имаме пишаните медиуми, чии текстови се подложни на членот седум од Законот за употреба на македонскиот јазик, кој предвидува задолжително лекторирање на сите текстови издадени на македонски јазик. Меѓутоа, ако се работи за пишан медиум што не е подложен на македонските закони, тука станува проблематично. Тие медиуми, пред сè интернет-медиумите, не се задолжително лекторирани. Тие се подложни на законите на земјата на чија територија се наоѓа серверот со базата на податоци.

Дали се потребни промени во Македонскиот правопис, па и во правоговорот, имајќи предвид дека постоечката литература датира од пред неколку децении?

Јазик како јазик е жива материја, а секоја жива материја, значи јазикот, се развива правопропорционално со општеството. Тој развој, според општите дефиниции на лингвистиката, треба да се земе предвид ако сакаме соодветно да опишеме еден јазик. Главната задача на лингвистиката е да ги опишува јазиците и според напишаното да издвои еден „заеднички содржател“ - да се изразам со математички термини - што ќе ја претставува нормата, т.е. стандардот. Потребни се промени во секој јазик, но тие промени треба да ги опфатат најзасегнатите субјекти што го користат јазикот, а тоа се зборувачите или говорителите на јазикот. Тој стандард не треба да претставува еден вид полиција, туку треба да биде питом стандард што ќе им овозможи на сите говорители да се изразат најсоодветно во секоја ситуација, во секоја говорна ситуација.

Што е потребно за младите поправилно да го употребуваат литературниот јазик? Очигледно е дека жаргоните и дијалектите доминираат во секојдневието и во академските институции.

Дијалектите како дијалекти се добра основа за да се збогатува јазикот. Впрочем, македонскиот стандарден јазик има дијалектна основа - централно-западните наречја, т.е. дијалекти. Дијалектите се употребуваат во една неформална ситуација, додека стандардниот јазик се употребува во официјалната, поточно службената комуникација во училиштата, на факултетите, во комуникацијата со државните органи. Што е потребно? Потребно е да не се стигматизираат младите, туку треба да се остават да зборуваат како што ним им прилега. Но за да можат да ја сфатат тежината на стандардот, потребна е ревизија на тоа што го содржи македонскиот јазик, а таква ревизија ќе се спроведе само ако се работи напорно на изготвување нови граматики. Како што рековте и вие, постојните документи за опис на македонскиот јазик датираат од еден стандард востановен, на некој начин и политички, пред 70 години со заседанието на АСНОМ.

Според вас, во која насока треба да се насочат напорите на македонистиката за да се развива македонскиот јазик на научно поле?

На научно поле, сите ние што работиме во лингвистиката, без разлика на тоа дали работиме во македонската академска средина или во странство, треба да се насочиме кон опишување на постојниот македонски јазик со цел да се најде една посоодветна рамка за да се хуманизира јазикот, а не да се прави рамка за јазична полиција. Правописот укажува на тоа како треба да се зборува, луѓето зборуваат на друг начин, меѓутоа сите тие стручни литератури што постојат од областа на македонистиката треба да бидат насочени кон хуманизација, т.е. да се поедностави описот на македонскиот јазик на граматичко поле, на социолингвистичко поле и да се поедностави пристапот на македонистите кон обичниот говорител.
XS
SM
MD
LG