Достапни линкови

logo-print

Орав - Најдете соговорник за името


Тоа што рековте, дека нема соговорник на другата страна, можам само да ве охрабрам да го најдете тој соговорник на другата страна и доколку некој изјавува дека не може ништо да се направи, мислам дека тоа e едноставно неконструктивно, вели евроамбасадорот Аиво Орав во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Орав, директорот на Директоратот за проширување, господинот Кристијан Даниелсон со своето гостување во земјава ја актуализираше агендата која веќе падна во сенка на подготовката на претседателските избори. Кои се перспективите на евроинтегративниот процес на земјава во 2014 година?

Процесот вообичаено продолжува, односите меѓу земјата и Европската комисија продолжуваат. Ја видовме посетата на вицепремиерот Бесими и министерот Попоски на Брисел, на почетокот од годината имаше и посета на г-динот Заев на Брисел, имаше и други средби со комесарот Филе, сега ја имавме и посетата на новиот директор на директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, тоа значи дека дијалогот продолжува, се обидуваме да изнајдеме начини, заедно со Владата, со опозицијата, со невладиниот сектор, како да ја придвижиме земјата напред. Проширувањето на ЕУ продолжува, сега гледаме дека Хрватска е веќе внатре, Црна Гора „чука на вратата“, Србија се приближува сè поблиску и поблиску, а се надеваме дека и Албанија ќе стане земја кандидат, така што ние поприлично се надеваме дека и во оваа земја работите ќе се придвижат и се обидуваме да помогнеме колку што е можно. Сите конструктивни идеи од Владата, од опозицијата, се добредојдени и сите нив ги разгледуваме многу сериозно.

Од обврските кои се дел од Дијалогот на високо ниво има поместување во делот на Изборниот законик и во делот на законите за медиумите, каде што настанаа одредени недоразбирања меѓу претставниците на медиумите и власта, што само ја потврдува климата на недоверба меѓу власта и медиумите и воопшто демократскиот амбиент во земјава. Кои се очекувањата на ЕУ од демократските процеси во земјава во наредниот период?

Спомнавте две многу важни подрачја, законот за медиумите и изборниот закон и се разбира ние следиме многу внимателно што прави земјата. Истовремено, во ЕУ го немаме клучниот или основниот закон за самите европски земји. Сите наши земји членки имаат различни закони за изборите и за медиумите. Истовремено, постојат еднакви, универзални, клучни принципи кои треба да се следат. Во конкретниот случај, ЕУ беше многу заинтересирана и им помогна на новинарите и на земјата да ги надминат разликите околу декриминализација на клеветата. И го поздравивме тоа. Сега внимателно следиме како ќе се одвива имплементацијата на овој закон. Законите за медиуми околу кои постоеја долги консултации и се обрна големо внимание, но треба да се разјасни дека ЕУ не ги бараше овие закони, тоа е работа на земјата да ги има или да ги нема овие закони. Тоа што е важно за нас е дека имаше дијалог меѓу Владата и новинарите, затоа што бидејќи тоа беше дел од договорот од 1 март, а ЕУ е дел од овој договор. Нотиравме дека имаше дијалог и дека беа прифатени последните амандманите заедно меѓу владата и новинарите. Се надевам дека овој дијалог ќе продолжи и тоа го порачавме во заедничката изјава заедно со американскиот амбасадор пред неколку недели. Изборните закони, ЕК исто така ги поздрави, дека најголемите партии во земјата постигнаа согласност околу овој закон. Ние нема да ја оценуваме содржината на овој законик, тоа ќе го направи ОБСЕ/ОДИХР. Но, се разбира дека се надевам дека тој ќе биде добра основа за изборите кои ќе се одржат многу брзо и ќе можеме да бидеме сведоци како овие законски измени ќе се имплементираат.

На крајот од минатата година беше констатирано дека на маса сме ги вратиле и политичките критериуми. Гледате ли потенцијал да се подобри ваквата оценка годинава?

Минатата година, 2013, ЕК беше многу јасна, по објавувањето на извештајот за напредокот, ја повтори препораката за отпочнување преговори со вашата земја. Тоа значи дека вашата земја, од гледна точка на Комисијата, ги исполнува политичките критериуми. Во извештајот за напредокот исто така се наведени и уште неколку прашања како што се слободата на медиумите, владеење на правото, обвинувањата за селективна правда, и многу други. Тоа значи дека ние продолжуваме да ги следиме овие прашања и доколку работите одат во вистинската насока, ги поздравуваме како добри и важни промени, ако тргнат во погрешна насока, тогаш критикуваме. Се разбира, никој не сака да биде критикуван, тоа е исто така јасно, но тој критицизам е нешто за што сме се договориле со вашата земја, бидејќи вашата земја е земја кандидат, еден ден ќе стане членка на ЕУ и од наша гледна точка, важно е земјата да ги исполнува таквите критериуми. Така што, следниот пат повторно ќе се осврнеме на овие прашања и во моментов следиме многу внимателно што се случува во областите што ги спомнавте.

Дијалогот на високо ниво има зацртано неколку прецизни обврски за Македонија. Како го оценувате темпото на нивното исполнување и што од тоа ќе бидат приоритети за ЕУ?

Дијалогот на високо ниво го започнавме пред речиси две години и идејата беше во ситуација кога не можеме да ги отпочнеме преговорите, да ги издвоиме прашањата кои што се најкритични во извештајот за напредокот - слободата на медиумите, владеење на правото, борбата против корупцијата и уште неколку други. Сега, две години потоа, истите прашања се најдоа повторно во извештајот. Сега, доколку продолжиме со Дијалогот на високо ниво, најпрвин треба да се договорат Комисијата и Владата дека продолжуваме, треба исто така да се договориме што точно, кои прашања ќе ги наведеме во тој Дијалог на високо ниво. Но, од претходните рунди можам да кажам дека имаше напредок што и забележавме во ЕУ и доколку продолжиме, ќе мора тоа да го направиме на многу конструктивен начин. Како и да е, со Дијалогот на високо ниво или без него, ние ја мониторираме ситуацијата во споменатите области, владеење на правото, слобода на медиумите и мислењето околу тоа ќе го забележиме во извештајот за напредокот, така што Комисијата да има основа да ја повтори препораката повторно наредната година.

Што ќе се случува околу заклучоците во есенскиот извештај на ЕК во делот на отворањето на поглавјата 23 и 24?

ЕК го подготвува извештајот за напредокот секоја година и тој извештај е основа за Комисијата да препорача отпочнување преговори. Таа препорака е основа за државите членки да донесат одлука во декември на состанокот на Советот како ќе продолжи една или друга земја. Оваа препорака и одлуката на државите членки се две различни нешта. Тоа е случајот и со одлуката на државите членки во декември. Како и да е, поглавјата 23 и 24, владеење на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, се клучни за секоја земја кандидат. Во стратегијата на проширувањето, беше исто така напоменато дека мора да се справиме со овие проблеми во земјите кандидатки што е можно поскоро, зошто ако се посветиме на овие прашања во последен момент, кога земјата е речиси приклучена кон Унијата, можеби е предоцна. Така што можам да го повторам тоа што го кажав неколку пати досега, ние ги следиме многу внимателно овие прашања, известуваме во Брисел, им се осврнуваме во извештајот за напредокот, ако има потреба критикуваме, ако работите одат во вистинската насока, велиме, да, тоа е добар развој на настаните.

Препораката на ЕК од минатата година наведува подготвеност да се утврди временска рамка за надминување на спорот за името во рана фаза од преговорите, меѓутоа ставот на властите го знаете, дека во моментов немаме соговорник во соседна Грција за каков и да е компромис. Што е тоа што властите можат и се очекува да направат во ваква ситуација?

Спорот за името е многу долга приказна. Од страна на Комисијата ние немаме директна улога во неговото решавање, тоа мора да биде направено во рамките на ОН. Како и да е, како што досега кажав неколку пати, светот ќе биде подобар денот откако ќе се реши ова прашање. ЕК, многу од земјите членки, исто така и Кристијан Даниелсон, минатата недела овде во Скопје, ги охрабри двете страни да изнајдат компромис колку што е можно побрзо за да продолжат да се развиваат работите меѓу вашата земја и ЕУ. Тоа што рековте, дека нема соговорник на другата страна, можам само да ве охрабрам да го најдете тој соговорник на другата страна и доколку некој изјавува дека не може ништо да се направи, мислам дека тоа e едноставно неконструктивно.

Значително е опадната искористеноста на ИПА фондовите од страна на државата. Каде го гледате проблемот, зошто е тоа така?

Мислам дека е многу тешко да се искористат, апсорбираат овие ИПА фондови. Ви требаат многу едуцирани луѓе за да се справите со ова прашање. Мислам дека не се случува помала апсорпција на парите од ИПА фондовите во земјата. Владата се посветува многу сериозно на тоа и ние се обидуваме да им помогнеме за да се искористи максималната сума што е можна. Ние ја поздравивме транспарентноста бидејќи пред две недели вицепремиерот Бесими започна со серија прес-конференции за да ја информира јавноста како овие пари се користат. Зошто ги трошиме средствата од овие фондови во вашата и во други земји, тоа е затоа што се надеваме дека вашата земја ќе стане, или ќе се приближи кон ЕУ, затоа што приклучувањето кон ЕУ е многу скап процес. И основните принципи се, ако ние ги имаме овие пари, жителите на вашата земја да почувствуваат дека тоа се соодветно потрошени пари и ние сме поблиску до ЕУ, а исто така даночните обврзници во ЕУ исто така треба да чувствуваат дека тие се соодветно и добро потрошени пари во вашата или во друга земја. Стопроцентна искористеност е речиси невозможна, затоа што парите од структурните фондови исто така се користат и во земјите членки, а нема земја членка која што може да искористи 100 проценти од овие пари. Но 100 проценти е целта кон која се обидуваме да и помогнеме на владата да се приближи што повеќе.

ЕУ има инвестирано 1,3 милиони евра за станици за мониторирање на загаденоста, меѓутоа годинава имавме голем проблем со аерозагадувањето во главниот град и во уште неколку градови во земјава. Имате ли увид во правилната искористеност на средствата за оваа намена?

ЕУ ги вложува овие пари во многу области во транспорт, животна околина, прекугранични проекти, јавна администрација, некои области се повидливи, некои помалку. Вие го спомнавте аерозагадувањето и јас мислам дека тоа е сериозен проблем овде во Скопје и многу други градови низ земјава. Ние тоа го следиме многу внимателно и оваа зима имаше само неколку дена кога аерозагаденоста во центарот на Скопје беше под нивоата кои се законски предвидени. Дури и во деновите кога надворешната видливост беше добра, загаденоста на воздухот во Скопје беше еден и пол пати повисока од предвидените нивоа. ЕУ пред две години имаше добар проект со овдешната Влада, така што се започна со поставување мерни станици овде во Скопје. Не знаеме колку градот е загаден или чист, резултатите не се многу добри, но добрата работа е што сега имаме дијагноза и тие што сакаат да се справат со тоа, имаат можност да најдат начин.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG