Достапни линкови

Блокирање на сметките - удар врз домашниот буџет


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Револтирани, разочарани и збунети, граѓаните го коментираат блокирањето на сметките, како по основ на радиодифузна такса, така и по основ на други неплатени сметки.

Уште еден удар врз домашниот буџет и нови грижи за тоа како ќе се преживее месецот. Револтирани, разочарани и збунети, граѓаните го коментираат блокирањето на сметките, како по основ на радиодифузна такса, така и по основ на други неплатени сметки. Според повеќето од граѓаните, блокирањето на сметки без претходна најава е неетичка. Објаснуваат дека ненавремената наплата на сметки е резултат на неможноста да се платат истите. Признаваат дека е речиси невозможно да се задоволат основните потреби и да се платат сите сметки со потпросечни плати.
Тешко, луѓето не со блокирана, туку со одблокирана сметка, тешко преживуваат.
Анкетиран граѓанин.

„На едниот внук му ја блокираа, па среќа што жена му работи па надокнадија, како платија, што направија, му ги зедоа парите. Тешко, луѓето не со блокирана, туку со одблокирана сметка, тешко преживуваат.“

„Осум илјади денари, тројца дома, дали струја, дали вода, дали телефони да плаќаме, за јадење не останува ништо.“

„Проблемот е во тоа што стандардот не се качува, а цените, за најосновните работи барем, се качени.“
Не може извршителот вам да ви наплати за нешто што не сте го направиле или за нешто за што велите дека сте невин. Сега извршителот вели, не, јас ќе ви земам три пати поголем износ, ќе ви ја блокирам сметката, а после вие тужете се со државата и докажете дека сте невин.
Висар Адеми, економски аналитичар.

„Осум илјади плата имам, дали за вода дали за струја, дали за јадење.“

„Како се снаоѓаат само тие си знаат“, велат анкетираните граѓани.

Причината поради која расте бројот на блокираните сметки е опаѓањето на животниот стандард, на сметка на зголемувањето на цените и потрошувачката, објаснува економскиот аналитичар Висар Адеми. На крајот, повторно подебелиот крај го извлекуваат граѓаните, кои за повторно да им се активира сметката треба да сносат три пати поголеми трошоци, вели Адеми.

„Не може извршителот вам да ви наплати за нешто што не сте го направиле или за нешто за што велите дека сте невин. Сега извршителот вели, не, јас ќе ви земам три пати поголем износ, ќе ви ја блокирам сметката, а после вие тужете се со државата и докажете дека сте невин“, вели Адеми.

Повеќето граѓани не знаат дека блокирањето на сметките може да го направи извршител, без да се води судска постапка, а токму тоа, според Адеми, најмногу ги погодува граѓаните. Ваквото дисциплинирање и заплашување на граѓаните не е соодветно и ваквиот начин на дејствување на актуелната Влада треба да се промени, смета Адеми.

„И волкот сит и овците на број, и државата да има пари, и извршителите да имаат пари, само граѓаните се запоставени во целата приказна. Сите овие заплашувања се и поврзани и не се поврзани со изборите, ама се поврзани со оваа политика, со оваа матрица на размислување на оваа влада“, вели Адеми.

Според последните податоци на Народната банка, во јануари биле блокирани над 53.000 сметки на фирми и повеќе од 40.000 сметки на граѓани. Голем дел од нив биле поради наплатата на радиодифузната такса. Инаку, при блокирање на сметките на граѓаните, практично се блокираат сите сметки во сите банки што еден граѓанин ги има, до исплатата на долгот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG