Достапни линкови

logo-print

Многу субвенции за производи кои послабо се продаваат


Државниот завод за статистика објави дека во декември лани oткупот на земјоделските култури е намален за 31 отсто во споредба со истиот месец во 2012 година. Дали власта троши народни пари за да поддржи производство на култури за кои опаѓа интересот?

Субвенциите растат, а откупот опаѓа, судејќи според официјалните податоци. Државниот завод за статистика објави дека во декември лани oткупот на земјоделските култури е намален за 31 отсто во споредба со истиот месец во 2012 година. Од друга страна, субвенциите кои се исплаќаат од народни пари растат. Лани биле резервирани 135 милиони евра за овој трошок од народната каса, додека во 2012 година се исплатиле 130 милиони евра, објавуваат медиумите.
Во 2013 година во екот на жетвата се зборуваше дека ќе се плаќа по класи и тоа по 13, 14 и 15 денари. Мелничарите тоа не го почитуваа.

За посоодветна споредба, ако ланскиот годишен трошок се подели на 12 месеци, испаѓа дека од Буџетот биле одвојувани по 11 милиони евра месечно за земјодеското производство, а вредноста на откупните производи паднала за 37 проценти во споредба со декември 2012 година, проценува заводот.

Последниве години немаме пропизводство што не се продавало. Можеби некои вон-класни или тртокласни производи не се продаваат како некои типови зеленчук
Додека упатените велат дека едномесечниот пад не мора да претставува сериозен проблем, на терен ситуацијата е поинаква. Земјоделците се жалат дека култури како пченица, сончоглед и тутун не се продаваат и покрај тоа што формално има потреба од истите, додека, пак, субвенциите едвај ги покриваат трошоците за производство.

Професор Борис Анакиев вели дека падот на производството за еден месец не мора да значи проблем, бидејки може да зависи од временските услови и слични фактори:

„Едномесечните, па нека бидат и два-три месечни просечни вредности не се важни додека не се видат вредностите за цела година. Зависи каква била есента минатата година и тоа треба да се спореди со условите од 2012 година“, вели тој.

Земјоделците, од друга страна, се жалат дека откупот е по неповолни цени. Земјоделецот Тоде Лазаревски вели дека лани целото производство било проценето на најниска класа, а мелничарите постојано ја намалувале цената на пченицата:

„Во 2013 година во екот на жетвата се зборуваше дека ќе се плаќа по класи и тоа по 13, 14 и 15 денари. Мелничарите тоа не го почитуваа. Почнаа да земаат се по 13 денари, откако лабараториски ја проверуваа пченицата. На трета класа ја земаа пченицата по 13 денари, никој не зема поскапа пченица. После имаше намалување и со увозот. Се увезуваше пченица и брашно. На мелничарите им беше поевтино од Србија да купуваат отколку кај нас“, вели тој.

Ништо подобро не се случува годинава, судејќи според изјавите, кога на ред е откупот на тутунот. Тутунопроизводителот Кире Неделковски вели дека ланската цена по килограм е намалена за 60 денари.

„А годинава имаме 50 отсто подобар квалитет. Откупот е нередовен, динамиката на откуп е измешана и нема редовен откуп. Мислам дека ќе останат некаде околу 5 милиони килограми неоткупен тутун. Не може да се извезува, законот за тутун не дозволува такви работи“, вели Неделковски.

По сето ова се отвора прашањето дали власта со народни пари помага во производство на култури кои потоа не се продаваат? Колку е исплатлив ваквиот милионски трошок од буџетот кој го полниме сите ако откупот е незадоволителен? Неделковски вели дека со тоа што тутунарите го добиваат од субвенциите, се покриваат тековни трошоци

„Со субвенциите не можеме да ги покриеме само репро-материјалите. Поскапени се ѓубривото, заштитите за билките“, вели тој.

Евидентно е дека земјоделците се преориентираат кон култури кои полесно се продаваат, забележува професорот Анакиев и додава:

„Горе-долу последниве години немаме пропизводство што не се продавало. Можеби некои вон-класни или тртокласни производи не се продаваат како некои типови зеленчук и така натаму“, вели Анакиев.

Согласно проценките во медиумите, годинава владата од буџетот планира одвојување на 140 милиони евра за субвенции. Останува да се види дали ваквите трошоци кои ги финансира народот ќе се оправдаат со производство на култури за кои постои интерес или ќе завршиме со прекумерно производство, ниски цени и неоткупени производи.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG