Достапни линкови

Косово - Закон против гласните повици за молитва


Легислативата со која се бара регулирање на таканаречената загаденост со бучава на Косово според стандардите на ЕУ се најде под големи критики на муслиманската заедница. Таа, како што јавува дописникот Беким Бислими, страхува дека законот ќе ги забрани традиционалните повици за молитва до верниците.

Колку гласно е прегласно? И дали некои звуци се поприфатливи од другите? Ова се само некои од прашањата во жешката дебата на Косово околу предложената легислатива со цел да се намали таканаречената „презагденост со бучава“.
Ниту владата, ниту министерството немаат намера ниту, пак, некаква идеја да го забранат езанот.
Дардан Гаши, министер за животна средина и просторно планирање на Косово.

Новиот закон, спонзориран од Министерството за животна средина и просторно планирање, всушност преставува хармонизација со легислативата на Европската унија.

Повеќето членови на муслиманската заедница законот го интерпретираат како забрана на езанот, односно исламскиот повик за молитва.

Законот нема ништо со стопирање на езанот. Ние сакаме да се справиме со нивото на гласноста во одреден временски период.
Ахмет Садриу, портпарол на Исламската заедница на Косово.
„Во моментот, ниту владата, ниту министерството немаат намера ниту, пак, некаква идеја да го забранат езанот. Станува збор за постигнување согласност меѓу граѓаните и владата за нивото на гласноста на повикот за молитва преку различни звучници“, вели за Радио Слободна Европа ресорниот министер Дардан Гаши, кој прецизира дека гласноста на езанот или на биењето на камбаните нема да се најде под делот на законот во кој тие би се класифицирале како бучава.

Тој додава дека неговото министерство и Исламската заедница на Косово се согласиле да почнат пилот проект во Приштина за централно регулирање на повиците за молитва.

Целта е тие да се емитуваат во прецизно исто време и со иста гласност од сите џамии во градот.

„Законот нема ништо со стопирање на езанот. Ние сакаме да се справиме со нивото на гласноста во одреден временски период“, вели портпаролот на Исламската заедница Ахмет Садриу.

Но, членовите на Косовското исламско движење за обединување не се задоволни со ваквиот потег.

Тие на социјалните мрежи покренаа жестоки напади против законот. Министерот Гаши ја обвини оваа исламистичка партија за манипулирање на јавноста и за злоупотреба на дебатата за законот со цел партијата сама да се прокламира како единствен заштитник на исламот на Косово.

Од Исламската верска заедница велат дека таа е единствената муслиманска институција која може заедно со владата да најде прифатливо решение.

„Исламската заедница е кредибилна институција одговорна за организирање на верскиот живот на Косово. Не ни требаат покровители за тоа“, порачува портпаролот на Заедницата, Садриу.

Засега нема реакција од Православната црква на Косово, додека од Католичката црква велат дека тие, кога станува збор за бучната загаденост, се за хармонија со меѓународното право и со стандардите на Европската унија.

„Ние сме во служба на Господ и на народот и сакаме луѓето да се чувствуваат подобро и порелаксирано“, вели Дом Луш Ѓерѓи, викар на Римокатоличката бискупија на Косово.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG