Достапни линкови

logo-print

Босна и Херцеговина повторно на крстопат


Дваесетина години откако Западот со ракетни напади му стави крај на опсадата на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина повторно се најде на насловните страници. Граѓаните незадоволни од големата невработеност, корупцијата и бесконечните кавги меѓу трите етнички заедници, муслиманите, Србите и Хрватите се решени да ги истераат оние што со години придонесуваа за лошата состојба во нивната земја.

Босанските власти, без оглед дали се кантонални и или федерални, како што јавуваат дел од западните медиуми, биле изненадени од жестоката реакција на нивните граѓани.

Освен што беа посветени на нивните рутински етнички расправии, тие деновиве беа зафатени со планирање на различни големи свечености за одбележување на 100 годишнината од атентатот врз австроунграскиот надвојвода Франц Фердинанд, настан кој беше повод за Првата Светска војна.

Во извесна смисла, како што пишува весникот Индепендент, немирите биле скоро добредојдени. Со години на босанските политички елити не им беше важна економијата. Се што им беше важно е да истраат во поединечните интереси на трите етнички заедници.

Уште повеќе, во Босна на пример, на се што може да им биде од корист на Србите се гледа како на смртоносен удар за интересите на муслиманите и обратно.
Ако демонстрантите помогнат да ја одвикнат Босна од нејзината култура на фатализам и зависност, тие ќе направат нешто навистина добро. На босанските политичари им требаше будење. Доколку не, тогаш Босна и Херцеговина ќе остане пропадната држава на Балканот.

Ако се имаат предвид и босанските Хрвати кои ја чинат третата страна на агендата тогаш може да се види зошто скоро секоја предложена економска или политичка реформа во Босна и Херцеговина запаѓа во жив песок.

Тоа вчера на властите во Сараево им го порача шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

„Најважна работа за раководството во Босна и Херцеговина е да го земе предвид она што го зборуваат луѓето и да одговори на нивната загриженост за економските тешкотии, високата невработеност и за некои политички прашања.“

Земјата плаќа висока цена за скоро дведеценскиот политички и пред се економски застој. Невработеноста е скоро 45 насто, а единствената работа која вреди човек да ја има е онаа во јавната администрација. Таму пак, е тешко да се влезе без етничко политички врски.

Популацијата во Босна рапидно опаѓа, од 4 ипол милиони на 3 милиони и 800 илјади жители, според последниот попис. Повеќето од оние што ја напуштаат земјата се млади. Ваквиот егзодус ги влошува и онака тешките босански економски проблеми.

Сепак, Западот беше дарежлив и во време и во пари. Босна има добиено огромна финансиска помош, а политички, таа земја дури и на микро план скоро целосно е управувана од Брисел и од Вашингтон. Но, ништо од тоа не помогна.

Всушност, Босна е тест како една западно спонзорирана изградба на држава може да тргне погрешно.

Ако демонстрантите помогнат да ја одвикнат Босна од нејзината култура на фатализам и зависност, тие ќе направат нешто навистина добро. На босанските политичари им требаше будење. Доколку не, тогаш Босна и Херцеговина ќе остане пропадната држава на Балканот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG