Достапни линкови

Колку стечајци ќе опфати новиот закон?


Стејајци од Здружението УНИТ од Куманово.
Стејајци од Здружението УНИТ од Куманово.

Опозицијата обвинува дека новиот закон за стечајците е само реклама и оти нема никого да обесштети. Власта одговара дека не го знае точниот број, но очекува законот да опфати околу 3 илјади стечајци.

Главното несогласување меѓу власта и опозицијата се однесува на опсегот на законското решение за стечајците. Поточно, власта тврди дека со предложениот закон ќе се опфатат над 3.000 лица кои останале стечајци од фирми каде државата била доминантен сопственик. Опозицијата забележува дека ново предложениот закон е речиси ист како оној од 2008 година, а тоа решение ги нема опфатено сите стечајци во земјава.
Колку се тие фирми со државен капитал коишто ќе бидат опфатени со овој закон? Сакате јас да ви кажам? Николку.
Цветанка Иванова, СДСМ.

Со новиот предлог закон се опфаќаат лица кои биле прогласени за технолошки вишок од 2004 до 2013 година, забележува Цветанка Иванова од опозицискиот СДСМ.

Ние со законот од 2008 година опфативме 3 илјади невработени граѓани коишто останаа без работа врз основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок. Со овој закон опфаќаме дополнителна бројка од околу 3 илјади граѓани.
Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
„Колку се тие фирми со државен капитал коишто ќе бидат опфатени со овој закон? Сакате јас да ви кажам? Николку. Знаете што значи овој закон? Овој закон прво значи страшен популизам и поигрување со судбината на илјадници стечајни работници коишто денеска и оваа недела претходно нон стоп вртат по телефони и бараат одговор на прашањето, дали ќе бидеме и ние опфатени со овој закон“, вели Иванова.

Најавувате дека ќе го поддржите предлогот, а потоа го критикувате, одговара министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

„Односно дека нема да опфати ни една фирма, нема да опфати ни еден човек, а како тоа ќе го поддржите законот? Мене навистина не ми е јасна вашата контрадикторност, а верувам и на граѓаните. Ние со законот од 2008 година опфативме 3 илјади невработени граѓани коишто останаа без работа врз основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок. Со овој закон опфаќаме дополнителна бројка од околу 3 илјади граѓани“, вели Спасов.

Опозицијата проценува дека само 20 проценти од стечајците биле опфатени со претходното законско решение. Дополнително, нема ставка во буџетот за реализација на ова ветување, забележува Марјанчо Николов од СДСМ.

„Зошто не сте искрени? Кажете им ги на луѓето фирмите од коишто ќе можат стечајните работници да конкурираат и да очекуваат решение на проблемот“, вели Николов.

Никој не може да соопштува податок кој допрва треба да се провери, вели министерот Спасов.

„Прелиминарниот список дали е 5 или 10 отсто. Наредниве 15 дена, во самиот закон е дефинирана процедурата во којашто владата, преку надлежните институции, ќе го дефинира, обезбеди и доставен до агенцијата за вработување“, вели Спасов.

Конкретно, станува збор за предлог закон за измени на постоечкото решение од 2008 година за парично обезбедување на невработените од фирми кои биле во доминантна сопственост на државата. Пратениците од власта во текот на дискусијата неколку пати повторија дека со предложените измени не се опфаќаат невработени од фирми кои не биле во мнозинска сопственост на државата, каде вработените станале акционери пред прогласување стечај. Сите молчевте за криминалната приватизација и работниците не се виновни што се на улица, изјави Лилјана Ѓорѓиевска од здружението на стечајни работници УНИТ.

„Сега самите луѓе како што дојдоа пешки, пак ќе дојдат пешки, господине министре. Може да дојде до социјални немири, верувајте дека може да дојде и ви гарантирам дека така ќе биде и ако понесете два леба за дома, може некој да ви ги дрпне, да ви ги земе по пат“, рече Ѓорѓиевска.

Меѓу другото, во Собранието опозиционерите ја обвинуваат власта дека пет години се чекало за надополнување на законското решение само за да се соберат политички поени. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, велат дека опозицијата е виновна за создавање на стечајците со приватизацијата во деведесеттите години.
XS
SM
MD
LG