Достапни линкови

Партиската книшка стана поважна од диплома, заменува индекс, лична карта и возачка дозвола. Политиката во Македонија е навлезена секаде, нејзините креатори станаа неизоставен дел во живот на граѓаните.

Во сè се меша, и во судството и во новинарството и во образованието, во културата, во спортот, во бизнисот. Нема ништо без политика, па така ако немате партија да ви го штити грбот нема да се вработите, да ви тргне бизнисот, да добиете унапредување, тендер, па сè до тоа да не ве пуштат во одредено кафуле оти не сте од подобната партија. Партијата одлучува за сè.
Лажат, ќе дојде еден на власт, не чини, другиот исто така, значи од политичарите ништо, си гледаат за себе си, за нас ништо.

Кај нас со години наназад сè започнува и завршува со политика. Политичарите се главни ѕвезди, за нив се зборува на улица, во автобус, на слави и на погреби. За нив зборуваат дури и најмалите деца, за возрасните да не зборуваме. А како и да не зборуваат, кога политиката зазема најголем дел од медиумскиот простор, политичарите ги има насекаде, пуштаат спортски сали, удираат камен темелници на чешми, преуредуваат фасади, посетуваат загрозени семејства, поплавени ниви, сечат ленти на сè и сешто. Ги гледаме по неколку пати на ден, затоа се неизбежно дел од секојдневието, велат граѓаните.
Не би можел да кажам дека во некој сегмент од општеството политиката не е влезена, значи сеприсутна е. Почнува од најраната возраст, родителите зборуваат, децата слушаат и тоа се провлекува низ целиот живот.

„Народот не треба да се занимава со политика, но сепак цел народ се занимава само со политика.“

„Затоа што се постојано на телевизија, по медиуми, само за тоа се зборува, затоа што сме им дозволиле.“

„Кој ги гледа политичарите, тие направиле милиони, но кој ги контролира? Никој. Обичните граѓани останаа без работа, а тие се полнат со пари“, велат анкетираните граѓани.

Од осамостојувањето на Македонија па наваму политиката е доминантна и котира над сите други сфери од општественото живеење, но сега прерасна во екстремно политизирано општество, велат аналитичарите. Не се обидувајте да најдете сегмент во кој не навлегла политиката, оти таков нема, вели Александар Цветкоски од невладината АГТИС.
Политичките елити не оставија ниту еден сегмент од општеството што не се потрудиле или да го присвојат или да го оцрнат.

„Не би можел да кажам дека во некој сегмент од општеството политиката не е влезена, значи сеприсутна е. Почнува од најраната возраст, родителите зборуваат, децата слушаат и тоа се провлекува низ целиот живот. Тоа е посебно актуелно последните дваесетина години, пред тоа никој не зборуваше за политика, имаше еднопартиски систем“, вели Цветкоски.

И аналитичарот Алберт Муслиу вели дека политиката навлегла длабоко во сè, во сите пори, дури и оние кои по правило треба да бидат неутрални.
Политизацијата не е проблематична, сè е политика и убаво е луѓето да учествуваат и да сакаат да учествуваат во процесите на одлучување. Она што е лошо, тоа е партиското ограничување и детерминирање на сите сегменти на општеството.

„За жал не постои, за жал кај нас и тоа што постоело во општеството што по дефиниција треба да биде неутрално, нашите политички елити се потрудиле да го контаминираат, ако ништо друго да го подвргнат на скептичното јавно мнение. Тука не можеме ние како јавност да се амнестираме, затоа што истото тоа сме им го дозволиле на политичарите, но во секој случај инструментите што ги имаат политичарите се сигурно поголеми од тие на индивидуалците или евентуално на интересните групи. За жал овие години по осамостојувањето, а особено последните десет години, тоа е повеќе присутно. Политичките елити не оставија ниту еден сегмент од општеството што не се потрудиле или да го присвојат или да го оцрнат“, вели Муслиу.

За жал судството е првата гранка по која посегнува извршната власт и сето тоа ќе вроди со лоши резултати, како што впрочем се и сегашните резултати. Ставајќи го судството во свој скут со други зборови ја уништува и демократијата, ја уништува и правната држава.
Професор Мирјана Најчевска вели дека за неа најеклатантен пример на партизација во општеството се правосудните органи и контролните механизми, односно партизација на сè она што би требало да биде независна структура наменета за контрола или за ограничување на самоволието на власта. Таа вели дека кај нас многу често поимот политизација се меша со поимот партизација.

„Политизацијата не е проблематична, сè е политика и убаво е луѓето да учествуваат и да сакаат да учествуваат во процесите на одлучување. Она што е лошо, тоа е партиското ограничување и детерминирање на сите сегменти на општеството“, вели Најчевска.

Жалиме што Владата од позиција на моќ ги користи сите средства кои им се на располагање да ги контролира медиумите. Преку медиумите што ја поддржуваат се пресметува и ги дискредитира сите оние што имаат поинакви ставови од Владата.
Секое прашање што се однесува на заедницата е политички третирано, меѓусебните односи на граѓаните се менаџирани од партиите, па така испаѓа дека политичарите ја „решаваат“ судбината на граѓаните, сметаат експертите. Тие одлучуваат кој колку плата ќе зема, колку деца да има, како луѓето ќе се образуваат, во каква куќа ќе живеат, кој да оди на зимување или на бања, па дури и кој ќе победи на некој фестивал, спортски натпревар или, пак, на некоја наградна игра. Опседнатоста со политиката се должи на тоа што луѓето се свесни дека нејзините протагонисти ја имаат најголемата моќ во земјата, политичката моќ носи огромна привилегија, носи огромно влијание, корист во секој поглед, коментираат познавачите.

Граѓаните се свесни дека политичарите си гледаат само за себе и дека на луѓето мислат само за време на избори.

„Многу сум повредена од политичарите затоа што никако не преземаат мерки за граѓаните, за народот се интересираат само за време на избори, само тогаш ги гледаат луѓето и тоа бледо ги гледаат, само за да гласаат за нив, за да дојдат до функција.“
Партизирани институции, приватизирани институции, кадар којшто не е професионален, кариера којашто не се постигнува врз основа на личен и професионален ангажман и желба да се напредува во струката според одредени стандарди кои повеќе ги нема.

„Постојано по медиумите, било да е телевизија или весници, едно се пишува, едно се зборува, а друго се прави, а најмногу од сè народот страда.“

„Лажат, ќе дојде еден на власт, не чини, другиот исто така, значи од политичарите ништо, си гледаат за себе си, за нас ништо.“

„Кој ќе реагира и да реагира џабе е, кој го слуша народот? Што дека ќе реагира, треба да се тепа само, друго нема чаре.“

„Лажги со опашки само, без разлика која и да е партија на власт, едно ветуваат, друго прават“, велат анкетираните скопјани.

Партизацијата на општеството им носи поени на политичарите, а граѓаните се тие кои губат, вели Муслиу.

Би било добро да може бизнис секторот да го каже тоа големо „не“ на политиката, но за жал веќе се влезени свесно или несвесно во игра и тие не можат туку така да се повлечат од тоа.
„Граѓаните губат еден неутрален фактор, една неутрална мисла која би била кредибилна и која би одржана како коректив на политичките елити, така што политичките елити добиваат поширок терен за да можат да се однесуваат и неадекватно и некоректно и неморално и неетички, а да нема никој кој ќе може во името на јавноста и во името на неутралната мисла да им забележи за тоа и да ги коригира во нивното однесување, така што добиваат покомотен политички терен“, вели Муслиу.

Политиката стави рака на судството, се меша во новинарството, партизирана администрација, политиката го диктира бизнисот, ова се само дел од насловите во медиумите години наназад.

Судството години наназад се посочува како една од областите каде на власт е власта. Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е наведено дека во однос на независноста на судството има тврдења за селективна правда, индиректен политички притисок, судски одлуки кои се невообичаено забрзани во однос на исходот, како и судски одлуки кои што некогаш имаат директни последици врз кариерата на засегнатите судии особено во значајни или политички чувствителни случаи.
Јас лично имам примери од многу компании, земјоделски комбинати кои мораат да ги плаќаат обврските за ДДВ, за едно, за друго, но обврските што државата нив им ги должи по основ на субвенции, на враќање на други побарувања, не им ги исплаќа.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека македонското судство одамна не е независно. Тој објаснува дека партиското влијание е пресудно.

„За жал судството е првата гранка по која посегнува извршната власт и сето тоа ќе вроди со лоши резултати, како што впрочем се и сегашните резултати. Ставајќи го судството во свој скут со други зборови ја уништува и демократијата, ја уништува и правната држава“, вели тој.

И за медиумите се посочува дека не можат да дишат самостојно и независно од државата и политиката.

„Жалиме што Владата од позиција на моќ ги користи сите средства кои им се на располагање да ги контролира медиумите. Преку медиумите што ја поддржуваат се пресметува и ги дискредитира сите оние што имаат поинакви ставови од Владата“, вели Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Политичките партии преземаат огромен простор за делување токму во доменот на општествените теми и општествените текови.

Ни културата нема дерман од политиката. Години наназад политичарите се главни архитекти и урбанисти, големи сликари и музичари. Тие бираат изглед на згради и фасади, одлучуваат каква боја ќе биде оградата на мостовите, во кој стил ќе бидат спомениците, кој ќе победи на Евровизија, кој ќе добие награда, кој ќе синхронизира странски серии. На сметка на тоа губи уметноста и културата, велат упатените. Селекторот на Зимскиот салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, Емил Алексиев, неодамна изјави дека културата кај нас ретерира до најниско можно рамниште. Притоа констатира дека вината за ова е во институциите на системот кои се во рацете на неуки и неспособни раководители и партиски послушници кои панично ја прикриваат својата неукост и неспособност спроведувајќи „тивко гаснење“ на дејноста.

Партијата буквално сè приватизира, со тоа што сè партизира. Институциите се партизирани и приватизирани во негативна смисла, вели во интервју за нашето радио Донка Барџиева Трајковска, универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.

„Од деведесеттите години, во последните осум години драстично е променета ситуацијата. Настапи одредена замена на стручниот кадар со партиски кадар. Институциите се предадени на партиите и секоја партија си одлучува кој ќе биде директор, тоа е договор на коалиционите партнери во Владата. Партизирани институции, приватизирани институции, кадар којшто не е професионален, кариера којашто не се постигнува врз основа на личен и професионален ангажман и желба да се напредува во струката според одредени стандарди кои повеќе ги нема“, вели таа.

Нема бизнис без политика, за жал, вели Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Би било добро да може бизнис секторот да го каже тоа големо „не“ на политиката, но за жал веќе се влезени свесно или несвесно во игра и тие не можат туку така да се повлечат од тоа. На пример ако некоја фирма има имплементирано некој проект, со промената на власта, таа не би можела директно да реагира, поради тоа што ќе треба да ги плати побарувањата, односно парите за извршените проектни активности, во таа насока не верувам дека некоја фирма, посебно во последните години кај нас, да рипа на некој начин и да го бара својот дел, односно да каже дека политиката треба да ја остави бизнис заедницата на страна. Да, политиката мора да ја остави бизнис заедницата на страна, бидејќи токму од таа бизнис заедница и државата опстојува и луѓето опстојуваат како вработени во тие фирми, но зошто да не и самата власт, бидејќи ако е економијата стабилна, сигурно и државата ќе биде постабилна и условно кажано и власта ќе се чувствува покомотно“, вели Халили.

Сè она што се случува на политичката сцена се рефлектира и врз стопанството, честите избори ги ставаат во втор план ветувањата и најчесто владата не е во состојба да си исполни ветувањата, а сето тоа се рефлектира и на странските инвеститори додава Халили.

Постојат многу механизми државата да го држи бизнисот во свои раце, за непослушните секогаш може да се применат казни, да не му се даде тендер, да не им се враќаа ДДВ.

„Овој притисок што го вршат во врска со наплата на државните побарувања по разни основи, со разни казни и воведување на разни обврски, а од друга страна, пак, државата не ги исполнува обврските кон нив. Јас лично имам примери од многу компании, земјоделски комбинати кои мораат да ги плаќаат обврските за ДДВ, за едно, за друго, но обврските што државата нив им ги должи по основ на субвенции, на враќање на други побарувања, не им ги исплаќа“, вели универзитетскиот професор Никола Поповски.

Состојбите може да се променат, но отсуствува вистинската работа на демократските институции, политичките партии се неспособни да се извлечат од пропагандистичкото делување, а постои и страв кај граѓаните поради неизвесната иднина која им зависи од граѓаните.

Граѓаните ретко се решаваат да го кренат својот глас, граѓанските иницијативи срамежливо се пробиваат и ретко кога ќе родат со успех, протестите се масовни само кога се политички организирани, секој оној кој се обидел да критикува или да коментира добил етикета на предавник, па можеби и оттаму произлегува апатијата кај луѓето за општествените случувања. Едно истражување на невладината Реактор покажува дека само еден од пет граѓани учествувале во граѓански иницијативи. Најголем дел од оние кои учествувале тоа го направиле преку градоначалник или советник на општина, како и на јавни расправи и состаноци за локални проблеми.

Џабир Дерала од невладината Цивил вели дека проблемот е пред сè во ниската политичка и граѓанска култура.

„Политичките партии преземаат огромен простор за делување токму во доменот на општествените теми и општествените текови, бидејќи се поставени на тој начин што преземаат најголем дел од она што еден граѓанин би требало да го прави во својот секојдневен живот или, пак, да се ангажира во граѓански акции од најразличен вид“, вели тој.

Дерала порачува дека голема улога има и стравот кој е наметнат и владее меѓу луѓето.

„Гледаме широко распространет страв, луѓето воопшто да прозборат, дури и во приватен амбиент за тоа дека има проблеми во општеството, односно во државата, не смеат да искритикуваат ниту еден политичар на локално или на централно ниво, а за тоа да не помислат или некој да не ги опомене дека за тоа не е добро да се зборува во денешно време“, вели Дерала.

И граѓаните стравуваат и затоа не го креваат својот глас.

„Се плаши народот, не зборува доволно, не зборува јавно, меѓу себе си зборуваат луѓето.“

„ Не се почитува гласот на единката, треба да си дел од голема група за да ти го слушнат гласот.“

„Знам што значи да се трпи притисок, детето да ти го маткаат девет месеци, затоа што ти не го прифаќаш тоа што тие го велат.“

„Малку ако се побуниш, не чиниш, одма те сечат. Луѓето се плашат за своите работни места, за опстанокот на фамилијата“, велат анкетираните граѓани.

Стравот кај граѓаните постои, тоа е очигледно, но мора да си признаеме дека ние сме таков народ кој сака од сè да извлече корист, објаснува Цветкоски од АГТИС.

„Македонците се традиционално рачунџии, значи не е само стравот кај нив од политичките партии, туку секогаш имаат некоја сметка, како да ушиќарат или нешто да заработат во неволјата. Од тоа нема да бегаме, тоа сме ние. Но, секако стравот е многу голем, имаме многу негативни примери каде се видело дека политиката е семоќна во сите сектори“, вели Цветкоски.

Само со вистински пробив на политичкиот плурализам, може да се надмине оваа ситуација, вели професор Најчевска.

„Ние всушност цело време живееме во монопартиски систем, односно партиски систем на партијата којашто се наоѓа на власт. Не е разбрана суштината на демократијата во која полипартитството не се состои само во процесот на борба за власт, туку и во понатамошното остварување на власта“, вели таа.

Според аналитичарите, во услови на силна партиска контрола врз сите сегменти на општеството и игнорирање на граѓанските иницијативи, изборите се единствениот механизам за промена на работите, но од друга страна, најмалку една третина од граѓаните не излегува да гласа, па изборите се сведуваат на борба меѓу партиските машинерии.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG