Достапни линкови

Претстојните избори во фокусот на неделниот печат


Фокус и Глобус сметаат дека коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ фингираат политичка криза за да предизвикаат предвремени парламентарни избори, а за Република, опозицијата стравува од изборен дебакл.

Избори претседателски, избори предвремени парламентарни и, разбирливо, главната тема во неделниците се токму изборите.
Ако вмровците извлечат корист од комбинираните избори, тогаш кој е бенефитот за „интегративците“ - висока државна функција или мир в куќа во пресрет на партискиот конгрес?

Фокус - Фингираната политичка криза за двојни избори

„Преку фингираната политичка криза до двојни избори“ - смета Фокус, објаснувајќи дека ДУИ му сервира на ВМРО-ДПМНЕ предвремени парламентарни со претседателските избори, кои ќе го сопрат подемот на СДСМ. Во исто време,Фокус смета дека се отвораат и неколку прашања откако е сè поизвесно дека некаде во април ќе има и вонредни парламентарни. Прво, кои ќе бидат кандидатите за претседател на политичките партии? Второ, дали со претседателските ќе се одржат предвремени парламентарни избори и референдум за Скопје 2014? Трето, ако се одржат, дали ќе бидат заедно со вториот круг од изборот за претседател, за да се осигури потребниот цензус од 40 отсто за избор на шеф на државата? Од сè, можеби најважната дилема е, ако вмровците извлечат корист од комбинираните избори, тогаш кој е бенефитот за „интегративците“ - висока државна функција или мир в куќа во пресрет на партискиот конгрес? - прашува Фокус.

Глобус - ДПМНЕ и ДУИ во потрага по добар изговор

И онлајн магазинот Глобус е со истата теза – „ДПМНЕ и ДУИ во потрага по добар изговор“, насловува неделникот, а потоа пишува: „Навидум, претседателските избори стануваат нордиска дисциплина. Ама сè поверојатните парламентарни се закануваат дека можат да се претворат во брз спуст по падините на мрзоволното и апатично гласачко тело. Само двете владејачки партии да се договорат околу поводот - режираното непостигнување договор околу т.н. консензуален кандидат или наводното еколошко загадување на НП Маврово? - предвидува Глобус.

Република - Превентивен уплав од изборен дебакл

Република во својата анализа вели: „Превентивен уплав од изборен дебакл“. Користејќи ги на насловната зборовите од интервјуто со претседателот на Алијансата за подобра Македонија, Љупчо Зиков, дека „СДСМ е дезориентирана и ја губи смислата на постоење“, Република смета дека во опозициската партија владее страв од сенароден отказ проткаен со мазохизам и дека неговата пренагласеност ја издвојува Бихаќка како апсолутен победник во презентирањето на тој страв во јавноста. Неделникот исто така смета дека се создавало слика дека по изборите следува катаклизма и потоп. Можеби и да, ама во партијата, претпоставува Република.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG