Достапни линкови

Фокусот врз партиите, а не врз претседателските кандидати


Независно дали со претседателските ќе има и предвремени парламентарни избори, кампањата повеќе ќе се води околу (не)успесите на партиите, отколку за квалитетот на кандидатите.

Скапи кирии, луксузни џипови, наместени тендери, имотна состојба на политичари, тесна поврзаност на медиумите со политичарите и афери околу нивното финасирање се дел од политичката атмосфера во земјава во пресрет на предизборната кампања. Аналитичарите се поделени околу прашањето каква политичка кампања нè очекува. За дел од нив, фокусот на изборната кампања ќе зависи од тоа дали ќе има само претседателски избори или паралелно со нив ќе се одржат и предвремени парламентарни избори, додека, пак, други очекуваат акцентот да биде ставен на негативна кампања.
Верувам дека и претседателските, и ако не се случат предвремени парламентарни избори, ќе бидат сепак околу партиите, лидерите и високите функционери на тие партии.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека уште сега се насетува дека кампањата ќе биде насочени повеќе кон партиите и нивните лидери, како и за нивните негативни страни.

„Со доцното излегување со кандидатите за претседателските избори се намалува можноста тие кандидати да бидат подвргнати на окото на јавноста или на евентуални дебати или дискусии за нивната личност, така што верувам дека и претседателските, и ако не се случат предвремени парламентарни избори, ќе бидат сепак околу партиите, лидерите и високите функционери на тие партии“, вели Муслиу.
Доколку се само претседателски избори, претпоставувам дека кампањата, во зависност се разбира и од кандидатите, ќе биде повеќе позитивна. Доколку се и парламентарни избори, тука може да очекуваме и мешана кампања, значи ќе имаме и позитивна кампања, но ќе имаме се разбира и негативна кампања и од двете страни.
Владимир Божиновски, политички аналитичар.

Тој истакнува дека и доколку има само претседателски избори, не може да се очекува претседателска кампања во која главно место ќе имаат теми и ветувања кои се во надлежност на претседателот на државата.

„Тоа може да го очекувате или кога ќе се смени законската норма кога мора да се претстават кандидатите за претседател или кога нашите партии ќе се освестат дека претседателот треба да биде независна личност која треба да биде над интересите на сите партии, но во овој момент тоа сигурно не можеме да го очекуваме“, вели Муслиу.

Политикологот Владимир Божиновски не се согласува со тоа. Тој вели дека ако се одржат само претседателски избори, тогаш политичката кампања треба да биде посветена на теми од надворешната политика и делумно одбраната, односно за она што е во ингеренции на шефот на државата.

„Ако имаме и парламентарни избори тогаш се разбира дека фокусот, како и на претходните, ќе биде ставен на економијата, борбата со невработеноста, борбата за странски инвестиции, борбата за економски раст и она што е приоритет за македонските граѓани во изминативе би рекол 20 години“, вели Божиновски.

Тој вели дека доколку има предвремени парламентарни избори заедно со претседателските очекува фокусот да биде ставен на првите.

„Доколку се само претседателски избори, претпоставувам дека кампањата, во зависност се разбира и од кандидатите, ќе биде повеќе позитивна. Доколку се и парламентарни избори, тука може да очекуваме и мешана кампања, значи ќе имаме и позитивна кампања, но ќе имаме се разбира и негативна кампања и од двете страни“, вели Божиновски.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG