Достапни линкови

Навредливи пароли и кукасти крстови низ Битола


Општината и некои политички партии во неколку наврати покренаа акции за пребојување на местата, но пароли повторно беа испишани.

Четиринаесет години низ Битола се пишуваат кукастите крстови и навредливи пароли со етничка и верска содржина. „Стоп за исламизација“, „Македонија на Македонците“, „Смрт за шиптари“ и графити со кукасти крстови осамнуваат на фасади во центарот на градот, битолското корзо, училишта, џамии, па и на Музејот на албанската азбука. Граѓаните сметаат дека ова е дело на млади битолчани и ги осудуваат ваквите постапки.
На секаде се пишуваат кукасти крстови, сум видела. Битола од секогаш била космополитски град и не е во ред сега вака да се поткопува животот.
Анкетиран граѓанин.

„Ова е катастрофа, не знам што мислат луѓето.“

„Срамота е, красни фасади ги оштетуваат, млади деца срамота е да се занимаваат со вакви работи, неопростливо е.“

„На секаде се пишуваат кукасти крстови, сум видела. Битола од секогаш била космополитски град и не е во ред сега вака да се поткопува животот.“

„Вакви испишани пароли во денешни услови кога се бориме за современо општество, за космополитизам, многу од нас луѓето сакаат да биде најдобро за сите, а не да се делиме на вакви и
такви Македонци. Недопустливо е, не прифаќам.“

„Револт, не убави работи се овие, лоши“, реагираат битолчани.
Бараат на некој начин правда за некои случувања, се со изразени национални чувства, нетрпеливост кон другите етникуми. При тоа не се свесни дека можат да предизвикаат конфликт.
Миле Стефановски, социолог.

Социологот Миле Стефановски смета дека паролите и графитите се револт кон одредени општествени случувања во земјава.

„Тоа е одредена група на луѓе кои преку кукастите крстови покажуваат никулци на неофашизмот. Бараат на некој начин правда за некои случувања, се со изразени национални чувства, нетрпеливост кон другите етникуми. При тоа не се свесни дека можат да предизвикаат конфликт. Тоа е идеологија на минатите времиња, која за жал се враќа низ мала врата“, вели Стефановски.

За првпат кукастите крстови осамнаа на Еврејските гробишта во Битола пред 14 години од страна на таканаречаната група скинхеди. Потоа почнаа да шараат на различни места низ градот. Досега во неколку наврати реагираше и битолското муфтивство, предупредувајќи дека ваквите состојби можат да предизвикаат верска нетрпеливост. Од битолската полиција досега јавно не известиле за поднесена пријава или дека откриле некој од сторителите. Општината и некои политички партии во неколку наврати покренаа акции за пребојување на местата, но пароли повторно беа испишани.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG