Достапни линкови

Говорот на омраза - видлив за граѓаните, непостоечки за институциите


Истражување за говорот на омраза помеѓу поддржувачите на политичките партии и политичарите во Република Македонија.

Истражување за говорот на омраза помеѓу поддржувачите на политичките партии и политичарите во Република Македонија.

Додека тие што треба да го препознаат и санкционираат не виделе ништо, граѓаните секојдневно се среќаваат со говор на омраза, и тоа токму од политичарите и од нивните поддржувачи.

Како што се ближат изборите така се засилува говорот на омраза на јавната сцена, но надлежните не преземаат ништо. И додека тие што треба да го препознаат и санкционираат не виделе ништо, граѓаните секојдневно се среќаваат со говор на омраза, и тоа токму од политичарите и од нивните поддржувачи.
Властите едноставно не се осмелуваат да навлезат во таа област затоа што се чувствуваат многу удобно во користењето на говорот на омраза, како во текот на предизборните кампањи, така и во текот на целокупното свое владеење.

Речиси 80 отсто од граѓаните забележале говор на омраза помеѓу политичарите и поддржувачите на политичките партии во земјата, а над 70 отсто сметаат дека тој се зголемува во последните години, покажуваат резултатите од истражувањето кое за потребите на Македонскиот институт за медиуми и сајтот „Безомразно.мк“ го спроведе Агенцијата Рејтинг. Истражувањето е спроведено на 18 и 19 декември 2013 година, преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 800 испитаници.

Со таквите изјави не се објаснува процесот или не се елаборира целата случка, туку се повикува на некаков линч, на негативно перцепирање на целиот случај.
Професорката и активист за човекови права Мирјана Најчевска вели дека во македонските закони нема доволно прецизни одредби со кои едноставно би можел да се гони говорот на омраза, но оти и оние одредби коишто постојат во Кривичниот законик не се употребуваат. Досега не е познат случај на гонење за говор на омраза, ни од јавното обвинителство, ни, пак, досега имало судски процес за ваков случај по приватна тужба, вели таа.

„Властите едноставно не се осмелуваат да навлезат во таа област затоа што се чувствуваат многу удобно во користењето на говорот на омраза, како во текот на предизборните кампањи, така и во текот на целокупното свое владеење, како дел од борбата, како што тие ја сфаќаат, со политичките опоненти“, вели Најчевска.

Таа вели дека главен носител на говорот на омраза во македонското општество се политичките партии, и од власт и од опозиција, но оти одговорноста е кај оние на власт.

„Политичките партии коишто се на власт зад себе го имаат судскиот систем, зад себе го имаат Јавното обвинителство и целокупната државна структура и на нивна страна е одговорноста за несанкционирање на говорот на омраза“, вели Најчевска.

Истражувањето на Агенцијата Рејтин покажува дека медиумите се клучна алатка за трансферирање на политички мотивираниот говор на омраза, иако го има и во личните контакти на граѓаните. Често се случува оние што шират таков говор да се затскриваат зад слободата на говор. Експертите, пак, посочуваат дека слободата на говор постои, сè додека не ја загрозува слободата на некој друг. Во тој случај преминува во говор на омраза или вербално насилство.

„Со таквите изјави не се објаснува процесот или не се елаборира целата случка, туку се повикува на некаков линч, на негативно перцепирање на целиот случај“, вели комуникологот Климе Бабунски.

Препознавањето на говорот на омраза многу зависи и од степенот на образование – според истражувањето, дури 88 отсто од високообразованите испитаници забележуваат говор на омраза во политиката, кај испитаниците со средно образование тој процент е 81 отсто, додека кај оние со основно образование 61 отсто, покажува истражувањето на Агенцијата Рејтинг.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG