Достапни линкови

Јубилејниот 15 Зимски салон на ДЛУМ – Невозможна мисија


„Тело што помни“ е темата на 15-от јубилеен Зимски салон на ДЛУМ што ќе биде отворен оваа среда, на 5 февруари во 20 часот, во Националната галерија на Македонија - објект Мала станица во Скопје. Ќе бидат изложени дела на 38 домашни и 33 странски автори кои учествуваа на конкурсот, а за чија селекција годинава се погрижи кураторот Емил Алексиев.

Со нула денари на сметката, но со несмален организациски ентузијазам, годинешниов 15-ти јубилеен Зимски салон на ДЛУМ, единствената ликовна манифестација од тој вид во нашава земја, беше буквално изнесен „на мускули“.
Поради ентузијазмот и несебичната поддршка на група луѓе од ДЛУМ, оваа година Зимскиот салон е изнесен на мускули и се приведува докрај, а со тоа е сторена „невозможна мисија“ во најпозитивен контекст.

„Морам да кажам дека на годинашниот Салон конструкцијата му ја даде претходното раководство, новото само го финишира и сето ова се случува во еден извонредно тежок период за ДЛУМ пред сè од финансиска природа и други фактори. Сепак, поради ентузијазмот и несебичната поддршка на група луѓе од ДЛУМ, оваа година Зимскиот салон е изнесен на мускули и се приведува докрај, а со тоа е сторена „невозможна мисија“ во најпозитивен контекст сметајќи ја општата состојба на ликовната сцена во Македонија. Затоа апелирам до сите субјекти и објекти кај кои е финансиската моќ и моќта на одлучување во иднина да покажат поголем сенс за вакви проекти како што е Зимскиот салон“, ќе рече во пресрет на отворањето Сергеј Дамовски, скулптор и актуелен претседател на ДЛУМ.
Сè ова што гледате дека е направено е направено без еден денар. Само со добра волја.

Уметникот и член на претседателството Филип Фидановски појаснува дека тие манифестацијата ја подготвувале со сознанието дека за неа добиле средства од Годишната програма на Министерство за култура, но без да знаат колку и во тотална беспарица, само со добрата волја на членовите на ДЛУМ и нивните роднини и пријатели.

„Сè ова што гледате дека е направено е направено без еден денар. Само со добра волја. Се она што ќе го видите во Мала станица, од плазми, видео бимови, од опрема која што ќе биде донесена, сето тоа е дадено од пријатели, од луѓе, од дома и од малкуте фирми коишто ни излегоа во пресрет. Ова е многу битно да се каже. Затоа на билбордот има наведено толку многу „спонзори“. Затоа и гласот за видео клипот е „позајмен од наш колега“, вели Фидановски.

На изложбата ќе бидат претставени дела на 38 домашни уметници кои учествуваа на конкурсот и 33 автори од земјите во регионов: Турција, Србија, Бугарија, Косово, Република Српска, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Австрија, кои овојпат твореа на тема „Тело што помни“. Тие требаше да одговорат како го разбираат своето тело, како тоа може да стане уметничко дело, како телото на другиот станува уметничко дело, како телото станува „јавно тело“ и така со ред.

Емил Алексиев кој, по Ролф Килц Мекензи од Германија, Филип Зидаров од Бугарија, Томур Атагок од Турција и Филип Маурер од Австрија, е првиот македонски куратор што по подолго време е одбран да биде селектор на Зимски салон истакнува дека само дел од пристигнатите дела се комплетни уметнички остварувања кои соодветствуваат со зададената тема и ја оправдуваат изложбата.

„Се обидов да направам објективна процена издвојувајќи ги оние дела кои реферираат на дадената тема и кои се некаков обид да се создаде релевантно уметничко дело. Од сите тие дела што пристигнаа се издвојуваат и неколку вредни, атрактивни уметнички остварувања по кои ќе се помни овој Зимски салон на ДЛУМ и кои сведочат дека е можно да се создава уметност и во овие за ликовната уметност денес кај нас навистина тешки времиња“, вели тој.

Алексиев дополнува дека на овој Зимски салон преовладуваат мултимедијалните дела и констатира дека токму и затоа е битна таа приказна околу парите и обезбедувањето на техниката за изложбата.

„Имаме 20 видеа кои се стварно вредни дела и кои што мора да се видат. Меѓу нив имаме исклучителни остварувања и тоа ќе даде сосема поинаков лик на манифестацијата. Основно е дека тоа сепак е изнудено. Луѓето инаку би праќале друг вид на творби. Сега заради овој проблем со пари, тие праќале тоа што праќале. Ние се соочивме со проблем како сега тоа да го реализираме имајќи предвид дека претходно е дадена обврска дека сè што е стигнато од страна треба да биде изложено. Тоа на селекторот му прави ужасен, проблем затоа што имате изложба која треба да има некаква смисла, треба да има некаква тема која таму треба да биде илустрирана и т.н. Во конкретниот случај, за жал, освен видеата, повеќето од овие цртежи и графики коишто се стигнати се комплетно без каква било врска со темата. Луѓето не чувствувале потреба да одговорат на неа и давале тоа што давале“, вели Алексиев.

На отворањето на изложбата, по веќе усталената практика, ќе биде изведен краток сценски перформанс што ја следи идејата водилка на темата. Овојпат за неговата реализација е задолжена режисерката Наташа Поплавска, која „Телото помни“ го работеше заедно со видео артистот Емил Петров и балерината Олга Панго.

Од друга страна, автор на идејното решение за комплетниот визуелен идентитет на 15-от Зимски салон е реномираниот уметник и член на ДЛУМ – Денис Тенев (тој својата приказна ја базира на тело претставено на изгужвана хартија која се отвора и го ослободува за да ја ги раскаже пораките од делата на учесниците), а на манифестацијата ќе биде доделена и наградата Гран-при или едномесечен престој во атељето „Cite Des Arts“ во Париз, Франција.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG