Достапни линкови

Емил Алексиев: ДЛУМ е во агонија, како и целата македонска култура


Емил Алексиев, селектор на Зимскиот салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Емил Алексиев, селектор на Зимскиот салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

ДЛУМ е во агонија, како и целата македонска култура. Сето она што во минатото го градеа поколенија културни дејци и уметници, денес е урнато и овие тажни урнатини на нашата национална култура не можат да ги прикријат веселите фасади на новите градби, ниту баењето и мамењето на политичарите – вели во своето јавно обраќање Емил Алексиев, селектор на претстојниот Зимски салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Понудата да бидам селектор на Зимскиот салон на ДЛУМ ја прифатив, не со цел да помогнам да се одржи илузијата што ја прикрива културната катаклизма што се случи во нашава земја, туку да помогнам да се одржи надежта дека уметноста е можна и во вакви ненормални и за човек недостојни услови за професионално работење.
Судбината на ликовната уметност во Македонија е доведена во прашање. Наскоро ќе бидеме единствена земја на планетава кај што нема да има ликовна уметност. Нема да има кој да работи. Да не се лажеме. Не сме повеќе во ситуација да бидеме фини, нежни, културни. Катастрофата веќе се случи. Ова е постапокалиптично време во кое ние се обидуваме да одржиме некаква идеја за ликовна уметност во Македонија.

Вака ќе го започне своето емотивно јавно обраќање Емил Алексиев во пресрет на 15-то јубилејно издание на Зимскиот салон на ДЛУМ, манифестацијата што ќе биде отворена в среда, на 5 февруари во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица. Тој дополнува дека културата кај нас ретерира до најниско можно рамниште и дека причината за неговото ангажирање е обид да се одржи идејата за уметноста на оваа наша мала провинциска ликовна сцена се додека не ги изгаснале светлата.

„Судбината на ликовната уметност во Македонија е доведена во прашање. Наскоро ќе бидеме единствена земја на планетава кај што нема да има ликовна уметност. Нема да има кој да работи. Да не се лажеме. Не сме повеќе во ситуација да бидеме фини, нежни, културни. Катастрофата веќе се случи. Ова е постапокалиптично време во кое ние се обидуваме да одржиме некаква идеја за ликовна уметност во Македонија“, вели Алексиев.

Изборот беше дали да се обидеме да го убиеме коњот кому му е скршена ногата или ќе го спасиме? Не, ќе се обидеме да го спасиме. Луѓето од ДЛУМ заслужиле да им се помогне.
Селекторот ова го илустрира со податоците дека денес нема ниту еден наш уметник да изложи свои дела во ниту една пристојна галерија каде било во цивилизираниот свет. Згора на тоа не заобиколуваат сите значајни настани и уметнички текови „како да сме осамен остров на сред море“, дека овде нема поголеми светски постановки и ниту гостуваат големите уметници. Алексиев потенцира дека Македонија е единствената земја од регионот во која не се случува престижна манифестација за ликовна уметност (Биенале или Квадренале), ниту, пак, имаме куратори со меѓународно искуство кои такво нешто можат да организираат, а тоа да не биде засрамувачки и така со ред. Притоа тој констатира дека вината за ова е во институциите на системот кои се во рацете на неуки и неспособни раководители и партиски послушници кои панично ја прикриваат својата неукост и неспособност спроведувајќи „тивко гаснење“ на дејноста.
Ако државата не застане зад нас, ако државата нема способност да препознае вредност, а препознава вредност во забавната музика, тогаш што да правиме?!

„Ако државата не застане зад нас, ако државата нема способност да препознае вредност, а препознава вредност во забавната музика, тогаш што да правиме?! Затоа ќе изгледа ова аматерски со луѓе професионалци, луѓе кои што имаат зад себе по не знам колку изложби“, вели тој.

Алексиев дополнува дека може уште многу да се говори за нашите тажни состојби – за тоа како, кому и кога се распределуваат средствата од Годишната програма на Министерството и дали се тие доволни една манифестација да се издигне на повисоко ниво, но подвлекува и тоа дека овде не се сите неуки и неспособни и дека имаме навистина добри уметници кои создаваат вредни уметнички дела. Вели дека ако не се поддржи нивниот творечки потенцијал се заканува опасност тој „да згасне во општиот мрак“ и затоа смета дека манифестациите како Зимскиот салон, не само што се потребни, туку треба да се издигнат над овдешниот просек и да станат престижни во регионот.

Инаку, по Ролф Килц Мекензи од Германија, Филип Зидаров од Бугарија, Томук Атагок од Турција и Филип Маурер од Австрија - куратори чиј ангажман на Зимскиот салон му донесе меѓународна валоризација, Емил Алексиев е првиот домашен селектор кој седнува на ова врело столче. Одговарајќи на прашањето зошто во минатото биле канети селектори од странство на оваа манифестација, тој вели дека причината за ова била „коруптивноста, непотизмот и притисоците на самата функција кај нас во Македонија, нешто што е огледало на една провинциска ликовна сцена“.

„Кураторите коишто доаѓаа од странство барем ја вратија довербата во Друштвото. Кога зборувам за ДЛУМ, мислам на повеќето уметници од земјава. Независно дали поддржуваат активности, организираат изложби или не, бидејќи е јасно дека најдобрите уметници од Македонија или барем дел од најдобрите уметници не учествуваат на главните манифестации на ДЛУМ што е навистина голема штета. Имајќи го во предвид ова, се врати вербата дека постои можност од објективни критериуми при селекцијата и при доделувањето на наградите. Ние немаме право да бидеме лицемерни. Ние губиме сè! Имаше забелешки дека кураторот од Македонија прифатил да работи под вакви услови и дека тоа е крајно понижувачки за него имајќи предвид дека луѓето немале пари да платат некој странски куратор, па сега ќе се задоволиме со некој наш. Прво да ви кажам, дека мене ме плаќаат, треба да ме платат, ако ме платат некогаш, како странски куратор. Се разбира дека трошоците на ДЛУМ се намалени бидејќи не ми плаќаат престој, не ми плаќаат хотел, дневници, штеди Друштвото, но не е во тоа проблемот. Не е проблемот во тоа дали е наш или странски куратор, туку прашањето е дали тој чесно ќе ја заврши својата работа. Дали тој селектор на Зимскиот салон објективно ќе направи процена, ќе направи објективна селекција на делата кои што се пристигнати и ќе знае да го образложи тоа. Затоа што тоа е крајно контрадикторна позиција. Ние сме доведени во ситуација и тоа да го објаснуваме. Живееме во земја која што не признава авторитети во оваа област. Нема овде арбитри, сè сме згазиле! Сè е дискредитирано и секој од нас ќе биде дискредитиран. Јас сум свесен за ризикот во кој влегувам. Меѓутоа морате да разберете дека ова е напор да се спаси, да се одржи манифестацијата. Ова е борба до последен здив. Мојата причина поради која што прифатив да бидам селектор беше многу едноставна. Изборот беше дали да се обидеме да го убиеме коњот кому му е скршена ногата или ќе го спасиме? Не, ќе се обидеме да го спасиме. Луѓето од ДЛУМ заслужиле да им се помогне. Вие не знаете какви напори вложуваат за да се одржи една ваква манифестацијата со ризик кој е апсолутно прифатлив – дека нема пари, дека не знаеме кога ќе бидат префрлени, не мене да ме платат, туку да платат еден куп други неопходни трошоци. Нема уметност без покровители. А, живееме во земја во која државата е единствен реален покровител“, вели Алексиев.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG