Достапни линкови

Претседателски избори во април, за предвремени парламентарни не се знае


Гласањето на претседателските избори ќе се одржи по петти пат на 13 април, додека вториот круг ќе се организира на 27 април.

Граѓаните на тринаесетти април по петти пат ќе гласаат за нов шеф на државата. Претседателските избори денеска ги распиша претседателот на македонското собрание Трајко Вељаноски.
Одлука за самораспуштање потребно е да изгласаат најмалку 62 пратеници и откако ќе се направи тоа, јас имам уставна обврска да ги распишам предвремените парламентарни избори

„Изборот за претседател на Република Македонија се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Имајќи во предвид дека на 20 април е големиот христијански празник Воскресение Христово, почитувајќи ги чувствата на сите верници од христијанска вероисповед и водејќи сметка тогаш да не биде ниту првиот, ниту вториот круг, одлучив изборот за претседател на Република Македонија да биде на 13 април 2014 година", рече собранискиот спикер.

Решението за распишување на избор на претседател ќе биде доставено до Државната изборна комисија и до министерствата за правда и внатрешни работи. Вељаноски апелираше до сите учесници да се однесуваат одговорно и уште еднаш достоинствено да покажат дека главна цел им е просперитетот на државата.

„Влегуваме во изборен процес во кој утврдените правила се прифатени и од едните и од другите, при што очекувам да се почитуваат, да покажеме демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера граѓаните да одлучат како што тие сметаат“, рече претседателот на Собранието.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 27 април.

За можноста за предвремени парламентарни избори, Вељаноски рече дека тој како претседател на законодавниот дом може да ги распише доколку Собранието како институција донесе одлука за самораспуштање.

„Одлука за самораспуштање потребно е да изгласаат најмалку 62 пратеници и откако ќе се направи тоа, јас имам уставна обврска да ги распишам предвремените парламентарни избори“, дополни собранискиот спикер.

Инаку, се уште нема информација околу тоа дали пратениците сакаат да гласаат за самораспуштање на парламентот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG