Достапни линкови

Дневен печат - избори и новинарски имоти


Непосредно пред изборите, партиските ривали си ги вадат валканите алишта за имотната состојба на новинарите и на политичарите.

Судејќи според темите застапени во печатот, напролет сигурно ќе има и вонредни парламентарни, или за секој случај ако има, со сè поголема жестокост продолжува откривањето на валканите алишта меѓу двата главни политички ривала по медиумите.
Eдна од фирмите на Драган Павловиќ - Латас, со само еден вработен, поточно Латас, успеала за само една година да сврти 250.000 евра, според податоците од Централниот регистар.
Утрински весник.

Утрински го пренесува портпаролот на СДСМ, Шилегов, кој објави дека една од фирмите на Драган Павловиќ - Латас, со само еден вработен, поточно Латас, успеала за само една година да сврти 250.000 евра, според податоците од Централниот регистар. Вечер, пак, го возвраќа ударот: неколку дена по ред се занимава со имотната состојба на потпретседателката на опозициската СДСМ, Шекеринска. „Скапи чанти, скапи чевли, скапи одмори - скапо го чинат СДСМ - Шекеринска зема 5.317 евра
месечна кирија од стан?“

Вечер на насловната објавува и „Досие вицепремиерка“, но со прашања за фирмата Дајнерс Македонија, каде што работи сопругот на Шекеринска: те колку пари влегле во Дајнерс, те чии пари се тоа, те колку милиони евра се одлеале од фирмата?
Скапи чанти, скапи чевли, скапи одмори - скапо го чинат СДСМ - Шекеринска зема 5.317 евра месечна кирија од стан?
Вечер.

Вечер оди и со вакви наслови:„Семејната фирма на Цветанка Иванова (пратеничка) добила 48 јавни набавки од Струмица“.

Како контрапункт на објавите на СДСМ за финансиските зделки на Ивона Талевска и на Латас, истиот весник ја пренесува електронската НетПрес која тврди дека „Новинари блиски до СДСМ добивале пари од Сорос - се шири листата на новинари профитери“.

Утрински објавува податоци од граѓанскиот суд дека за околу 70 новинари се водат судски постапки за наводна клевета, а се тужени и 30-ина јавни личности, под наслов: „Новинарите се гледаат веќе само на суд“. Дневник го цитира Груевски дека „Заев ќе ги загуби изборите“, како одговор на лидерот на СДСМ кој пред некој ден побара целосно спроведување и почитување на Изборниот законик на претстојните претседателски избори.

Нова Македонија објавува анализа за тоа дека од најавениот инвестициски бум од 8 милијарди евра од страна на Владата, можеме да се надеваме само на четири милијарди, и покрај големите вложувања во инфраструктурата годинава. Дневник ги објавува проценките на американското разузнавање дека „Македонија и Босна се потенцијално експлозивни во Западен Балкан“. Слободен печат пишува дека „Барокот опасно се шири низ центарот на Скопје“. Лани, пак, сме испиле лекови за, замислете, 35 милиони евра реализирани на околу 18 милиони рецепти! - објави Утрински. Човек да се запраша дали сме толку болна нација?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG