Достапни линкови

Капиталните расходи најголема жртва на буџетскиот кусок


Архивска фотографија: Градежни работи на делницата Демир Капија-Смоквица.
Архивска фотографија: Градежни работи на делницата Демир Капија-Смоквица.

Буџетските приходи за минатата година се за 146 милиони евра покуси од планираното. Најголема жртва се капиталните расходи кои се за 57 милиони евра пониски од предвиденото.

Буџетските приходи за минатата година останаа за 146 милиони евра покуси од планираното, покажуваат прелиминарните податоци за полнењето и празнењето на државната каса објавени од Министерството за финансии. За исто толкава сума, владата ги намалила и расходите за да се задржи на проектираниот дефицит од 313 милиони евра.
Мотивот е да се манипулира со бројките, сè со цел тоа да предизвика перцепција кај граѓаните дека оваа држава не е во криза.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Најголема жртва на така скроениот буџет се капиталните расходи кои се 57 за милиони евра пониски од планираното. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека наместо предвидените 327 милиони, на капитални расходи отишле 270 милиони евра. За стоки и услуги, владата потрошила 44 милиони евра помалку од што планирала, а за ставката други трансфери владата „си ги прибрала нозете“ за 31 милиони евра.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека наместо предвидените 327 милиони, на капитални расходи отишле 270 милиони евра.

Радио Слободна Европа неодамна анализираше дека буџетските приходи за 2013 година ќе останат покуси за стотина милиони евра, но Министерството за финансии тогаш не ни одговори дали очекуваат до крајот на годината да ги соберат планираните приходи и дали ќе ги реализираат планираните капитални инвестиции. Сегашните податоци покажуваат дека не се собрани ни планираните пари, ниту, пак, во целост се реализирани предвидените капитални расходи.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека толкавото промашување во прогнозите не е резултат на незнаење, туку оти тоа се прави намерно заради постигнување пропаганден ефект.

„Кај се мотивите? Значи, често се случува да стартуваат со проценка за висока стапка на раст на БДП-то, релативно повисока од што се можностите на ова стопанство, а тоа после предизвикува и можност да се предвидат и поголеми приходи во буџетот, поголем буџет. Тоа се прави затоа што мотивот е да се манипулира со бројките, сè со цел тоа да предизвика перцепција кај граѓаните дека оваа држава не е во криза, овде се преземаат сите заштитни мерки да се избегне кризата“, вели Хајредини.

Тој вели дека толкави отстапувања во проценките може да се случат само ако се случат големи турбуленции во економијата, што во Македонија не е случај. Хајредини додава дека бројките што ги соопштува владата треба да се земаат со голема резерва.

Опозицискиот СДСМ, при носењето на буџетот за 2013 година предлагаше тој да се скрати за 204 милиони евра, при што, според нивните амандмани, требаше да се заштедат 106 милиони евра за стоки и услуги, 26 милиони евра на други трансфери и 73 милиони евра за капитални расходи, во кои спаѓа и изградбата на административни згради, но власта на 24 декември 2012 ги исфрли опозициските пратеници од Собранието и го донесе буџетот.

Завршните сметки на буџетите од минатите неколку години покажуваат дека секоја година владата се преценува, односно останува покуса во планираните приходи за 100 до 150 милиони евра, па тоа се одразува и на зголемувањето на долгот и на трошењата кои секоја година се за стотина милиони евра помали од планираното.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG