Достапни линкови

Шилегов: Охрабрени административци ни даваат информации за аферите


Портпаролот на СДСМ Петар Шилегов.
Портпаролот на СДСМ Петар Шилегов.

Добриот дел од оваа работа е што и граѓаните што работат по институциите во нашата држава очигледно дека сè повеќе се осмелуваат и до нас доставуваат или релевантни документи или добри индиции во која насока би можело да се издејствува добивање на валидна документација со која што би ги поткрепиле нашите тврдења, така што секојдневен е приливот на информации и документација, вели портпаролот на СДСМ Петар Шилегов во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Шилегов, почнавте од становите на министерката Јанкулоска, па тендерот што го доби фирма блиска до новинарката Ивона Талеска и продолживте со становите на синовите на пратеничката Силвана Бонева. Веќе извесно време ги држите корупциските скандали на власта во фокусот на јавноста. На што се должи оваа нова, би рекол поагресивна, стратегија на СДСМ?

СДСМ години наназад укажува на девијациите коишто се појавуваат во македонското општество коишто се врзани токму за корупцијата и корупциските скандали, досега необјавени. Јавна тајна беше во нашата држава дека владата на извесен начин може да се каже дека ги корумпира главните електронски медиуми, национални концесионери, меѓутоа досега тоа не беше да речам поткрепено со документација. Во изминатиов период СДСМ успеа да дојде до определени документи коишто укажуваат на сомневање дека ова навистина така се случувало.

Може ли да очекуваме новини во таа насока? Ќе прекине ли ова или имате уште документи или информации за да ги истерате овие обвинувања до крај?

Добриот дел од оваа работа е што и граѓаните што работат по институциите во нашата држава очигледно дека сè повеќе се осмелуваат и до нас доставуваат или релевантни документи или добри индиции во која насока би можело да се издејствува добивање на валидна документација со која што би ги поткрепиле нашите тврдења, така што секојдневен е приливот на информации, документација, тоа сè нормално првично е предмет на добра анализа во СДСМ за да знаеме во моментот кога ќе имаме сериозно поткрепени аргументи да ги обзнаниме пред јавноста на Република Македонија.

Планирате ли да побарате некаква институционална разврска на овие афери што ги отворате или сè ќе остане само на прес-конференции?

За жал, институциите во Македонија се длабоко партизирани и ако забележавте ние со обелоденувањето на која било афера од овие што ги споменавте ги повикуваме надлежните институции, и Антикорупциската комисија и Јавниот обвинител, да преземат определени дејствија во врска со овие настани, меѓутоа поминува време, а не гледаме дека институциите реално сработуваат нешто на терен.

Имате тужба од министерките Јанкулоска и Канческа-Милевска, најава за тужба од пратеничката Бонева, барања за извинување? Се плашите ли од раката на власта?

Прво е чудно зошто предмет на тужбите е гласноговорникот којшто ги пренесува ставовите на политичката партија во чиешто име настапува, значи Петре Шилегов не настапува во свое лично име, туку настапува во име на СДСМ. Второ, еден од начините и методите со коишто власта се обидува да ги замолчи и граѓаните и опозицијата во оваа држава е заканувањето со страв. Наша обврска како државотворна и одговорна политичка партија и сериозен политички субјект во Македонија е да ја информираме јавноста за сите овие скандали. Едноставно ние не можеме поради некакви закани со судска разрешница на некакви спорови што ги заведуваат да замолчиме, немаме право да молчиме.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG