Достапни линкови

Груевски најави зголемување на минималната плата


Во обраќањето пред синдикалците, премиерот Никола Груевски меѓу другото најави зголемување на минималната плата на 10 илјади денари за три години.

Покачување на минималната плата во наредните три години од 8 илјади денари на 10 илјади денари, зголемување на платите во администрација за 5 проценти од септември, етапно усогласување на платите во полицијата, нови вработувања во Армијата и нејзино доопремување, колективен договор за вработените во секторот култура.
Со закон работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат платата на ниво еднакво или поголемо од минималната плата.

Ова се дел од најавате за реформи коишто премиерот Никола Груевски ги соопшти пред претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерација на слободни синдикати. Тој истакна дека Владата за десет дена ќе изработи закон со кој минималната плата ќе достигне 10.080 денари во наредните три години.

Од ова што како информација го добивме денеска, мислам дека може да кажеме дека присуствуваме на уште еден историски чин во делот на креирањето на социјалниот дијалог во Македонија.
„Ова значи дека со закон работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат платата на ниво еднакво или поголемо од минималната плата. Во дејностите каде досега заради спецификата на дејноста имаше посебна динамика на зголемување, а тоа се текстилот и кожарството, минималната плата ќе се зголеми со соодветна динамика почнувајќи со платата исплатена за март 2014 година. Така што, минималната плата за овие гранки ќе изнесува 7.500 денари за март 2014, за март 2015 ќе биде 8.050 денари, а од март 2016 година, таа ќе биде 9000 денари“, рече премиерот.

Груевски смета дека со ова решение 65.000 работници во Македонија ќе добијат поголема плата.

По однос на годишниот одмор, по однос на условите за работата, по однос на превентивата, по однос на изрекување на мерки и така натака, значи повеќе права се скратени.
Покачувањето на платата за административците досега неколкупати се одлагаше, а последен пат на почетокот на декември Собранието го изгласа Законот за изменување на Законот за исплата на платите, по скратена постапка, со кој, наместо во декември 2013, зголемувањето на платите на вработените во јавниот сектор за 5 проценти се одложи за октомври 2014 година.

Премиерот во своето едночасовно обраќање зборуваше за реформите кои се однесуваат на администрацијата и социјалниот дијалог со Синдикатите кои Владата ги спровела од 2006-тата година па сè до новите најави за промени во законот за администрација.

Претседателот на ССМ, Живко Митревски, по најавите на премиерот, изјави дека ова е уште еден историски ден за синдикалците во земјава.

„Од она што го слушнавме од оваа хронологија, од ова што како информација го добивме денеска, мислам дека може да кажеме дека присуствуваме на уште еден историски чин во делот на креирањето на социјалниот дијалог во Македонија. Ова обраќање покажа дека социјалниот дијалог е незаменлива алатка во креирањето и градењето на социјалниот консензус, како неопходна основа за општествениот напредок“, рече Митревски.

Поранешниот синдикалец и правник Драге Јовановски вели дека со досегашните измени не се подобрува состојбата на работничките права на вработените во администрацијата.

„По однос на годишниот одмор, по однос на условите за работата, по однос на превентивата, по однос на изрекување на мерки и така натака, значи повеќе права се скратени во смисла на она што како право е утврдено во директивата на ЕУ и она што го регулираат европските конвенции на меѓународната организација на трудот“, вели Јовановски.

Во однос на војниците и најавените реформи кои се однесуваат на статусот на професионалните војници, неколку војници, заедно со Достоинство, денеска побараа тие да се однесуваат и на оние војници кои од 2007-мата година беа отпуштени од работа.

„Доаѓам од единицата „Шкорпиони“ од Куманово, вработен во 2001 година, во 2008 година бев во мисија во Авганистан, ме искористија за мисијата со 37 години, а кога наполнив 38 ме оставија без работа, сега сме социјални случаи, јас сум родител на две деца невработен и социјален случај“, вели поранешен војник.

Опозицијата досега ги критикуваше реформите за администрацијата, тврдејќи дека тие се спроведуваат селективно односно дека бенефитите ги користат партиските административци додека казните важат само за „неподобните вработени“.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG