Достапни линкови

Неделен печат - Заев и тендерот на Талевска


Фокус пишува за контроверзниот тендер од 1 милион евра, што го доби фирма блиска до новинарката Ивона Талевска, Глобус ја анализира владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а Република пишува за лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Фокус - Милионче за Ивонче
Дали милиончето за Ивончето за власта на Груевски е истото она што беше Бачило за власта на Бучковски?
Фокус.

Неколку текстови во најновиот Фокус се посветени на најновата афера, веќе подбивно наречена од еден колумнист на неделникот „Милионче за Ивонче“ и воопшто за финансиските врски власт - новинари, како и за баснословните сомнителни тендери на Министерството за здравство, појави особено изразени во последниве години кај нас. „Ќе се отвори ли Пандорината кутија на корупциски спреги власт - новинари?“ и „Скандалозна јавна набавка или корупција на новинарите?“ - прашува Фокус во една од анализите на оваа тема. Власта засега се обидува да ја држи аферата „Талеска“ во рамките на секторот за јавни набавки и да ја затвори како „несреќен“ сплет на околности. Од адутите на опозицијата и од капацитетот на истражувачкото новинарство ќе биде познат исходот - дали овој скандал ќе се затвори брзо и „ефикасно“ или ќе ја отвори Пандорината кутија на корупциските спреги на релација власт - новинари, што може да покаже дека јавните пари, наместо во корист на граѓаните, завршуваат за „подмачкување“ на запчаниците на пропагандната машинерија на власта, наведува покрај другото Фокус.
Заев нема морален проблем ниту да води паралелна дипломатија за едно од клучните национални прашања - спорот со името.
Република.

Еден друг текст на истата тема во Фокус носи наслов: „Дали милиончето за Ивончето за власта на Груевски е истото она што беше Бачило за власта на Бучковски?“

Глобус - Смртта на идејата

Во редовната колумна Офаманаман во Глобус, авторот пишува за „Смртта на идејата“ што ги диктираше општествените, културните и политичките процеси, не само во последните седум-осум години - идејата, како што вели, за вемерето! Веста за смртта на идејата е објавена како вест за трансформацијата на националната преродба во сто и кусур чекори на телевизиска фискална лотарија, заедно со преобразбата на министерот за финансии во телевизиски водител на забавни програми, три ранга понизок од Вучиќ и Михајловски! Ивончето е второто кокиче на смртта - смета колумнистот на Глобус.

Република - Сè што не е забрането, (не) е дозволено

„Сè што не е забрането, (не) е дозволено“ е насловен воведот во Република, кој тргнува од изјавите на Заев дека сите работи за кои го обвинува владејачката гарнитура се во рамките на законите, па опширно се осврнува на наводните финансиски скандали на лидерот на опозицијата, кој според неделникот, прво се претставувал како наивен бизнисмен кој им „фрлал трошки“ на членовите на своето семејство, па лажно ја прикажал својата имотна состојба различна од пријавената во анкетниот лист и дека Заев немал морален проблем ниту да води, како што пишува, паралелна дипломатија за едно од клучните национални прашања - спорот со името. Република со една реченица ја допира и владејачката партија со аферата „Визарис“ (фирмата поврзана со новинарката Талеска), за да заврши дека народот знае да ја препознае чесноста и да го казни тој што го лаже без да признае.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG