Достапни линкови

Хрватска и ЕУ - понормално и постудено


Еуфоријата во Хрватска од влезот во Европската унија сè повеќе се менува во мрзоволност, пишува весникот „Економист“, наведувајќи дека тоа на извесен начин е нормално со оглед на неопходните реформи што допрва треба да се спроведат во таа земја.

Економијата стагнира, невработеноста расте и многу млади Хрвати се отруени со омраза. Некои од нив флертуваат со фашизам, а земјата е зафатена со нетолеранција спрема оние што живеат, се молат, пишуваат или зборуваат поинаку.

Ова не е говор на протестен митинг на некој опозицициски лидер, туку трезвена оценка на шефот на државата Иво Јосиповиќ.
Иво Јосиповиќ, Зоран Милановиќ
Иво Јосиповиќ, Зоран Милановиќ

Конечно оваа година се очекува економијата да престане да стагнира. Но, со невработеност од над 20 насто, не е за чудење тоа што хрватите губат верба во нивните лидери, но и во Европската унија, на која Хрватска и се придружи минатиот јули.
Економијата стагнира, невработеноста расте и многу млади Хрвати се отруени со омраза. Некои од нив флертуваат со фашизам, а земјата е зафатена со нетолеранција спрема оние што живеат, се молат, пишуваат или зборуваат поинаку.
Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска.

Социјалдемократскиот премиер Зоран Милановиќ, како што пишува „Економист“, бил неинспиративен, а со неговите одлуки ги иритирал и своите поддржувачи.

Уште понепопуларен е лидерот на главната опозициска партија ХДЗ, Томислав Карамарко, кој се соочува со наводи за корупција.

Но, не се само Хрватите разочарани. Германската канцеларка Ангела Меркел не отиде во Загреб да го прослави влезот на Хрватска во Унијата.

Германците добро знаеја дека тоа беше, бидејќи хрватската влада ја блокира екстрадицијата во Германија на поранешни југословенски тајни агенти за убиството на еден хрватски бегалец во 1983 година.

Еден од нив е Јосип Перковиќ, чиј син е советник за национална безбедност на претседателот Јосиповиќ.

Многумина се прашуваат зошто премиерот Милановиќ толку многу го штити Перковиќ, кој своевремено му беше близок соработник на Фрањо Туѓман.

На десната страна, пак, Католичката црква, огорчените воени ветерани и многу млади Хрвати за кои историчарот Невен Будак вели дека се поконзервативни од нивните родители, преземаат разни акции кои некои ги нарекуваат „хрватска конзервативна револуција“.
Загреб
Загреб

По успешниот референдум против геј браковите, нивните следни битки се против абортусот и кириличното писмо.

Во минатото, како што вели Дејан Јовиќ, главен аналитичар на претседателот Јосиповиќ, хрватската елита успеа да се согласи околу главните цели: независноста и интеграцијата во НАТО и Европската унија. Тие што не ги прифаќаа овие цели беа маргинализирани.

Сегашите разговори за натамошни реформи, нормално иритираат, бидејќи, како што вели 45-годишниот Јовиќ, „го слушам ова уште кога имав пет години“.

Во меѓувреме, политичкиот пејзаж во Хрватска се менува и повеќето од новите политичари ќе бидат се друго, ама не либерално настроени, заклучува „Економист“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG