Достапни линкови

Македонските граѓани сè повеќе против промена на името


Скоро 65 отсто Македонци би избрале зачувување на името пред евроинтеграциите, а 68 проценти Албанци им дале предност на евроатлантските интеграции, покажува истражувањето на МЦМС и Институтот за демократија.

Истражувањата покажуваат дека од година в година кај македонските граѓани расте расположението воопшто да не се менува името. Мнозинството граѓани - 62,4 проценти не е за каква било промена и тоа е пораст од минатите години, е заклучено во истражувањето што по трет пат го спроведоа МЦМС и Институтот за демократија. Порастот на ставот за зачувувањето на името истражувањето го поврзува со грчките барања за нови отстапки во идентитетот, расколот на предавници и патриоти и застојот во ЕУ-проширувањето.
Најчесто она што го слушаме се некои предлози кои се сосема надвор од која било правна рамка, односно имаат единствена цел да го вратат процесот чекор назад.

Коментирајќи го истражувањето, министерот за надворешни работи Никола Попоски посочи дека извештајот прикажува дека чувствата кај граѓаните по однос на прашањето за спорот со името се одраз на реалноста која ја гледаат на теренот.

„Сите предлози на наши иницијативи за средби се одбиени од страна на Атина, значи нема клима за приближување во тој дијалог и најчесто она што го слушаме се некои предлози кои се сосема надвор од која било правна рамка, односно имаат единствена цел да го вратат процесот чекор назад“, вели Попоски.
Нашиот претседател на влада 8-9 пати се тврди дека имал средба со поранешниот грчки премиер Папандреу во четири очи, јас не можам да се сетам на една единствена средба на нашиот премиер со лидерите на опозицијата за прашањето за името во четири очи.

Со сличен став е и поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски. Позицијата на Македонија е спорот да се разреши и Македонија што поскоро да стане членка на НАТО и ЕУ, додека позицијата на Грција е спорот што подоцна да се разреши и со самото тоа Македонија што подоцна да стане членка на ЕУ, рече Милошоски. Според неговите зборови, преговорите за решавање на спорот за името треба да се замрзнат, сè додека официјална Атина не ја признае пресудата од Меѓународниот суд во Хаг.

„Бидејќи ние во меѓувреме трошиме многу енергија, ресурси, внимание, внатрешно-политички подвојувања, а за возврат го немаме резултатот којшто го очекуваме и тоа се повторува циклично веќе 22-23 години“, рече Милошоски.

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски меѓутоа нагласи дека во Македонија постои функционален недостиг за консензус по најбитните прашања меѓу партиите со години наназад, но и во владината коалиција. Сè додека од ВМРО–ДПМНЕ има изјави дека СДСМ е поголем Грк од Гркот Зорба, нема да пости поместување од мртвата точка, вели Пендаровски.

„Нашиот претседател на влада 8-9 пати се тврди дека имал средба со поранешниот грчки премиер Папандреу во четири очи, јас не можам да се сетам на една единствена средба на нашиот премиер со лидерите на опозицијата за прашањето за името во четири очи“, вели Пендаровски.

Аналитичарот Ризван Сулејмани смета дека е особено важно да се организираат јавни дебати. Истражувањето ја нагласува потребата од тоа, рече Сулејмани, предупредувајќи дека е разочаран од резултатите.

„Тука никој ништо не размислува и воопшто немате дебата. Да дојдеме во ситуација 78 отсто од граѓаните да бидат за или против, тоа значи дека ние полека, но сигурно преоѓаме во толпа“, вели Сулејмани.

Во истражувањето за спорот за името, каде биле разгледани ставовите меѓу Македонците и Албанците констатирано е дека постои одредено оддалечување од минатите години. Оддалечувањето е највидливо во ставовите за зачувувањето на името наспроти евроатланските интеграции, каде при избор на тие два приоритети 64,9 Македонци би избрале зачувување на името, а 68 проценти Албанци би избрале евроатлантски интеграции.

Според истражувањето, мнозинството граѓани би гласале против предлогот „Горна Република Македонија“ за севкупна употреба. Меѓутоа, 54 отсто граѓани очекуваат да се реши спорот за името за една година.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG