Достапни линкови

Стечајците во очајна состојба


Архивска фотографија: Стечајци во Куманово.

Архивска фотографија: Стечајци во Куманово.

Стечајците се самоубиваат и умираат зашто немаат пари да се лечат. Изгледа владата планира така да го реши нашиот проблем, обвинува Љиљана Ѓорѓиевска од здружението УНИТ од Куманово.

Некогашните работници од Куманово, Липково и Старо Нагоричане од безмалку сите ликвидирани или фирми во стечај една до две децении се најголеми жртви на транзицијата. За нив секој ден е сè потежок, оти веќе се во годините кога за работа новите газди на приватните фирми ги сметаат за стари, а за остварување пензија со изминатиот работен стаж сè уште се млади. Затоа тие постојано бараат од државата со законска регулатива да им се обезбеди финансиска помош од околу шест илјади денари, колку да можат да ги подмируваат комуналните давачки.
Изминатите години меѓу стечајците е зголемен морталитетот, заболувања, самоубиства со бесење, фрлање од мост, во бунари, фрлање од згради.

Во меѓувреме, како што вели Љиљана Ѓорѓиевска од Здружението „УНИТ“, од десетина илјади останале околу шест илјади.

„Изминатите години меѓу стечајците е зголемен морталитетот, заболувања, самоубиства со бесење, фрлање од мост, во бунари, фрлање од згради. Сè повеќе и повеќе, освен психосоматски болести, има и мозочни удари и други заболувања, бидејќи стечајните работници немаат пари да се лекуваат. Изгледа власта сака на тој начин да не нè обесштети, полека да изумреме. Но, ние не се откажуваме, ќе бидеме и пожестоки и ќе се радикализираме. За нас и синдикатите се големи виновници, но до последен ќе се бориме“, вели Ѓорѓиевска.
Дома нема ниту леб, ниту со леб. Оваа Влада не мисли на нас. Сум работел во „ЧИК“ 29 години, а 20 години сум во стечај, не работам ниту јас, ниту жена ми. Собираме шишиња за да преживееме.

Стечајците и технолошки вишок откако не по нивна волја биле избркани од нивните работни места се соочуваат со проблеми кои им го уништиле и човечкото достоинство. За нив освен мислата за преживување веќе нема ниту радост, ниту празник, ниту некоја голема надеж.

„Многу е тешко без денар, нема ниту куќни слави, немаме ниту празници, ниту делници.“

„Болни сме, од што да живееме, никој не ни дава поддршка.“

„Јас сум работела во „Текстилпромет“. Сме земале добри плати, сега сме на улица, без работа, без пари. Тринаесет години така. Немаме ништо.“

„Многу лошо, да немаш денар в џеб. Нема за егзистенција, сум работел во „Циглана“(„КИК“-Куманово) 28 години, го затворија погонот и не отпуштија 60-ина. До пензија имам уште една година.“

„Дома нема ниту леб, ниту со леб. Оваа Влада не мисли на нас. Сум работел во „ЧИК“ 29 години, а 20 години сум во стечај, не работам ниту јас, ниту жена ми. Собираме шишиња за да преживееме, нема ниту социјално, ниту ништо. Уште четири години имам до пензија.“

„Во „Козјак“ сум работел 36 години, сега сум на улица. Нема приходи од никаде. На 62 години кој ќе ме вработи, се јавуваме во Биро, ама нема. Уште две години до пензија, ако бидеме живи и здрави, а од оваа криза какво здравје. Собираме шишиња за едно парче леб“, велат стечајците потсетувајќи ги надлежните дека и тие се граѓани на оваа држава.

Тие додаваат дека надежта последна умира, а додека се надеваат им останува единствено да се сеќаваат на некој одамна минат убав период од животот.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG