Достапни линкови

Трајковски – Целото мое сликарство е посветено на љубовта


Новица Трајковски, сликар.

Новица Трајковски, сликар.

Осумнаесет дела – акрил и масло на платно, селектирани од неколку циклуси и настанати во последниве три години се претставени на самостојната изложба на академскиот сликар Новица Трајковски што се одржува во Мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје. Со оваа постановка која доаѓа по оние на Васко Ташковски, Газанфер Бајрам, Владо Георгиевски, Коле Манев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Павле Кузмановски и скулпторот Илија Аџиевски, издавачката куќа ја продолжува востановената традиција да ги афирмира високите вредности на македонските сликари и уметници.

Предизвикот моите дела да се вклопат во овој простор беше навистина голем, но сега кога ги гледам изложени ми станува јасно дека тие совршено дишат во амбиентот во кој е собрана една многу голема колективна свест во пишаниот збор – ќе рече во пресрет на отворањето на својата самостојна изложба во „Матица ексклузив“ уметникот Новица Трајковски. Говорејќи за своето сликарство и за актуелниот одбир, авторот забележува дека секоја негова слика си е приказна за себе.
Секоја слика си е приказна за себе. Сликите не се правени по некој шаблон, некоја шема, туку се посебно доживување.

„Секоја слика си е приказна за себе. Сликите не се правени по некој шаблон, некоја шема, туку се посебно доживување. Дел од мојот живот. Сите доживувања што се во сликите се мојот живот, моите соништа. Од таму и циклусите ги носат насловите: „Мојот пат“, „Меѓу сонот и јавето“, „Љубов“, така што сите работи се доживеани и во реалноста и во моите соништа. Поточно во оние мои патувања во сопствените фантазии“, вели уметникот.

Многумина мислат дека јас бегам од тема на тема, од техника на техника. Чуден им е јазикот со којшто говорам и работам.
Роден 1962 година во населбата Илинден, Новица Трајковски завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во класата на прославените Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов во 1988 година. Член е на ДЛУМ и зад себе има над 40 самостојни изложби во земјава и во странство, голем број на групни постановки и учества на разни уметнички колонии.

За својот развоен пат сликарот вели дека го имал нормалниот тек. Почетокот, вели, беше игра. Потем во основното и средното училиште следувале експериментите, за да кога ја завршил академијата и излегол пред јавноста да го покаже она што умее, сфатил оти сето тоа од времето наназад биле подготовки за она што сега го твори. Згора, дециден е дека таквиот свој став нема намера да го промени.
Портретот вие можете да го направите и да личи, фотографски да биде точен ама дали е тоа портрет. Портретот е нешто сосема друго.

„Многумина мислат дека јас бегам од тема на тема, од техника на техника. Чуден им е јазикот со којшто говорам и работам. Како тоа скокам од место во место. За мене не е чудно затоа што секојдневно се судруваме со различности, со различни луѓе, табиети, различна архитектура, различни народи и цивилизации. Практично за мене не постои разлика во правците на уметноста. За мене сè е реализам. Без разлика дали се работи за кубизам, апстракција, надреализам, импресионизам, за мене сè е еден вид на реализам, така што ништо не ми пречи менување на тема, начин на сликање. За мене е битен менталниот склоп, оној со којшто размислувам и појдовната мисла и идеја, а најмногу од сè пораката што треба да ја пратам. Јазикот со којшто говорам е всушност пораката. А пораката е љубов. Целото мое сликарство е посветено на божествената љубов. Целиот мој живот е посветен на тоа и до крај ќе оди така.

Покрај пејзажист, Трајковски е познат и како сликар на портрети, но појаснувајќи ја оваа своја заложба, тој истакнува дека не е тешко да се нацрта портрет, туку според него најпроблематично е да се претстави мислата.

„Портретот вие можете да го направите и да личи, фотографски да биде точен ама дали е тоа портрет. Портретот е нешто сосема друго. Многу погрешни дефиниции и гледања имаат луѓето на темите. Зошто да не е портрет една нацртана птица, цвеќе, коњи, Сè се тоа портрети. Зависи со кои очи гледаме. И ништо не е лесно. Лесно е само за оној што има чиста мисла и јасна порака. Јазикот на изразување може да биде со различни техники – со дрвени боички, акварел. Техниката и начинот на изразување е најмалиот проблем. Битно е она што го носите во себе. Ако умеете тоа да го искажете, сè ќе ви биде лесно“, вели Трајковски.

И, кон ова кажување само уште информацијата дека по актуелната постановка Новица Трајковски го очекува сликарска турнеја во соседна Бугарија (предвидени се неговите претставувања во Ботевград, Сандански, Мелник, Трново, Софија...), потем во септември ќе изложува во Македонскиот културен центар во Њујорк и конечно на крајот на 2014 година неговите слики ќе ги види публиката во новиот Дом на културата во родното Белимбегово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG