Достапни линкови

logo-print

Голема европска распродажба


Грчки архипелаг за 8 ипол милиони евра, малтешки пасош за милион евра и полски замоци за ситна пара. За некои Европа која штеди е вистинска земја на можности: сè е се распродава. Но, други не се среќни поради тоа.

За граѓанин кој сонува за добар живот во Европската унија и кој има неколку милиони во банка, 2014 може да биде добра година. Најпрвин, грабнете малтешко државјанство, а со тоа и пасош на Европската унија за околу милион евра.
Потоа пофалете се со кардиналска вила во Италија како место на живеење.

Доколку пак, сакате да зимувате некаде, тогаш можете да купите дворец во Полска за малку пари.

А, што е подобро на лето отколку да сте на некој грчки архипелаг за 8 ипол милиони евра.

Европската распродажба која почна со економската криза ги принуди владите да најдат иновативни начини за крпење на дупките во нивните буџети.

Но, тоа ги разгоре тензиите меѓу владите и бесните граѓани кои прашуваат кој има право да ја распродава националната историја и култура.
Во Грција имаше неколку случаи на продажба на имоти за кои воопшто немаше катастарски податоци. Не се занеше кој ги поседува.

Покрај тоа се појавија и некои технички проблеми. Професор Вилијам Мегинсон, поранешен советник на италијанскиот владин комитет за приватизација вели:

„Во Грција имаше неколку случаи на продажба на имоти за кои воопшто немаше катастарски податоци. Не се знаеше кој ги поседува“.

Како и да е, во минатиот мај еден месец пред да абдицира во корист на син му емирот на Катар Хамад бин Калифа ал Тани купи шест острови во Јонско Море. Ќе изградел луксузно место за одмор за неговите три жени и 24 деца.

Во Италија пак, властите се соочуваат со критики дека го распродаваат националното богатство поради намерата да стават на аукција историски места и градби, бидејќи немаат пари за нивно одржување.

На продажба веќе се ставени 50 такви имоти со цел да се соберат 500 милиони евра за враќање на дел од државниот долг. Слично е и во Полска каде што 30 замоци што ги поседува државата лани беа ставени за продавање.

Весникот „Вол Стрит Џурнал“ деновиве објави дека годинава на полската листа ќе влезат уште 140 замоци.

Секако полесно ќе им биде да ги купат на оние што поседуваат пасош на некоја членка на Европската унија, А тука, може да помогне Малта.

Неколку европски земји нудат државјанство за странци кои инвестираат големи суми кај нив, но повеќето бараат пет до десет години постојан престој. Малтешкиот план го нема тој услов.

Кога за прв пат беше предложен законот се бараше само инвестиција од 650 илјади евра.

По големите критики дома, цената порасна на над милион евра од кои 500 илјади мора да се инвестираат во имоти и акции на островот.

Малтешката влада се надева дека на ваков начин годишно ќе собира по 30 милиони евра.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG