Достапни линкови

logo-print

Неделен печат - Меѓупартиска борба и средбата со Филе


Глобус пишува за заборавена 2014 година, Фокус дека Заев за Груевски веќе не е боксерска вреќа, а Република ја анализира средбата на лидерството на СДСМ со еврокомесарот Филе.

Глобус - Заборавена 2014 година
Денес никој не зборува за Дојче банк, се чини дека и европските деловни банки веќе не се расположени да фрлат некоја пара во македонскиот бунар. Зошто? Та нели „најмалку задолжената економија“ има простор за нови и нови задолжувања?

За „Заборавена 2014 година“, пишува авторот на редовната колумна Таленти во Глобус во која подбивно потсетува дека Новата година уште од првиот ден почнала со сечење ленти, што е уште една потврда дека годинава ќе биде изборна. Додека оние што се напиле на дочекот се трезнеа, пишува неделникот, премиерот и неговата вредна камарила застанаа пред нова селска трафостаница и пред неа, како да е некој капитален објект, сечеа ленти, држеа празни говоранции, безброј пати повторени исти здодевни фрази. Без оглед што проектот Скопје 2014 е гордост на оваа власт, за многумина е изненадување што не е спомнат уште од првите денови токму во новава година, забележува авторот. Можеби поради сознанието дека граѓаните во анкети се изјаснија дека веќе се сосема свесни дека власта нивните пари ги потрошила за да си гради споменик самата себеси, заклучува Глобус.
Ако веќе СДСМ има идеја како да излеземе од ќорсокакот во кој нè стави Грција, прво треба да ја презентираат и да бараат одобрување од елекоратот на избори, а дури потоа да ја промовираат надвор.

Фокус - Заев за Груевски веќе не е боксерска вреќа!?!

„Заев за Груевски веќе не е боксерска вреќа!?!“, забележува во уводникот Фокус, па анализира зошто е тоа така: Оваа 2014, секнаа најавите дека ММФ и Светска банка ќе влезат во нова должничка спрега со македонската влада. Секнаа и најавите дека комерцијално ориентираните деловни банки ќе внесат нови свежи пари во македонската економија. Денес никој не зборува за Дојче банк, се чини дека и европските деловни банки веќе не се расположени да фрлат некоја пара во македонскиот бунар. Зошто? Та нели „најмалку задолжената економија“ има простор за нови и нови задолжувања? - иронизира неделникот. На три месеци пред изборите, со нерешен спор за името, без странски пари и поддршка за владините политики, можеби тоа што Заев не е веќе боксерска вреќа за Груевски не е доволно за моментален и целосен политички пресврт, но е сосема доволно за да се урне митот на непобедливоста, заклучува Фокус.

Република - Заев го има рецептот за името од Шеќеринска

Република и со уводник и со посебен текст за средбата и разговорите на опозиционерите Заев и Шеќеринска, кои по барање на еврокомесарот Филе престојуваа во Брисел. На линија на другите провладини медиуми и Република ја турка тезата дека овие двајца нешто тајно се договарале со Филе околу името, дека тоа било „Само за ушите на Филе“ и дека „Заев го има рецептот за името од Шеќеринска“. Неделникот на крај ја пишува својата поента, дека СДСМ како опозициска партија „има право на средби со високи меѓународни претставници на кои ќе разговара за важните национални прашања“, но тоа што им го должела на граѓаните е секој искажан збор да е во интерес на државата, а не на партијата, и дека ако веќе имаат идеја како да излеземе од ќорсокакот во кој нè стави Грција, прво требало да ја презентираат и да бараат одобрување од елекоратот на избори, а дури потоа да ја промовираат надвор.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG