Достапни линкови

Малерозна 13-ка и среќна 14-ка


Стефан Богоев, претседател на Социјалдемократската младина.

Стефан Богоев, претседател на Социјалдемократската младина.

СДСМ излегува со предлог мерки за решавање на проблемите на граѓаните, а посебен акцент се става на проблемите со младинската невработеност и одливот на млади кадри од државата. Суштински битни прашања кои бараат итна и конкретна акција, пишува претседателот на СДММ, Стефан Богоев, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Полека но сигурно измина 2013-та година. Година во која имаше бројни премрежија на политичката сцена, од отпорот, локалните избори, до демократските внатрепартиски избори во СДСМ и СДММ, политички монтираното апсење на Шиповиќ, а да, за малку ќе заборавев да го споменам и НАЗНАЧУВАЊЕТО на нов претседател на УМС.
Младите продолжија со масовното иселување од државата, невработеноста на младите остана на рекордно високо ниво, се потрошија огромни суми за споменици и за панорамски тркала, а за студентите не можеше да се обезбеди ниту бесплатен автобуски превоз.

И покрај сè, проблемите во државата, а особено оние кои се поврзани со младите, останаа, па дури и се влошија. Младите продолжија со масовното иселување од државата, невработеноста на младите остана на рекордно високо ниво, се потрошија огромни суми за споменици и за панорамски тркала, а за студентите не можеше да се обезбеди ниту бесплатен автобуски превоз.

Студентските домови во 2013-та, не само што не се реконструираа, туку почнаа да избиваат и пожари, а лошата храна и студените радијатори продолжија да бидат секојдневие. Претседателот на студентите и најголемиот владејачки подмладок останаа само неми набљудувачи на бркањето на младите од сопствената држава и наместо да преземат суштинска и конкретна акција, се сконцентрираа на трибини кои ги користат строго за сликање. Сè на сè, онаа 13-ка на крајот од 2013-та се покажа како навистина малерозна за младите во Македонија. За среќа, 13-ката си заминува и оваа година се врти нова страница, како за младите, така и за целиот народ.

Иако многумина сигурно се веќе индиферентни и не очекуваат ништо ново во 2014-та, сепак, полека, но сигурно се наѕира светлото на крајот од тунелот. СДСМ излегува со предлог мерки за решавање на проблемите на граѓаните, а посебен акцент се става на проблемите со младинската невработеност и одливот на млади кадри од државата. Суштински битни прашања кои бараат итна и конкретна акција. Токму поради итноста и важноста на овие прашања, во програмата за враќање на средната класа понудивме и мерки кои се однесуваат на младите.

Сите знаеме дека честопати во огласите за вработување е нагласено дека е потребно некакво работно искуство, што за некој кој тукушто завршил или уште студира е прилично тешко да го обезбеди. Токму поради тоа, нудиме финансиска поддршка за сите оние работодавци кои ќе обезбедат пракса за студенти во текот на летото. На овој начин, студентите ќе имаат шанса своето знаење да го применат практично и да стекнат работно искуство, а работодавците ќе ангажираат млади и амбициозни луѓе и дополнително ќе бидат помогнати од државата. За оние млади, пак, кои се невработени, ќе обезбедиме финансиска поддршка за стажирање од три месеци по што работодавецот ќе биде обврзан барем 20 отсто од практикантите да задржи на работа. Работодавачот ќе има можност со финансиска поддршка од државата да обучи млади кадри кои потоа ќе продолжат да работат во неговата фирма, а младите невработени ќе стекнат работно искуство, а некои ќе склучат и договори за работа. Дополнително, работодавачот кој ќе вработи за прв пат млад човек, ќе биде ослободен од плаќање на придонеси во првата година, а ќе биде должен тие лица кои ќе ги вработи да ги задржи барем уште 2 години на работа.
Младите не можат и не смеат да ја напуштаат државата и да бараат работа во странство. СДСМ како државотворна партија и СДММ како организација која е секогаш на браникот на правата и потребите на младите нема да дозволат Македонија да биде држава без млади луѓе!

Вака младите полесно ќе може да се вработат по завршување на образованието, а оние кои ќе имаат добра бизнис идеја, преку нашите бизнис инкубатори ќе може да добијат финансиска поддршка од десет илјади евра, неповратни средства. Мерките на СДСМ нудат еднакви шанси за сите и добитници ќе бидат сите млади луѓе, за разлика од лотариите на власта, кои не ги решаваат крупните проблеми во ова општество.

Она што е еден од најгорливите проблеми кога е во прашање невработеноста во Македонија е долготрајноста на невработеноста. Секој оној кој е подолго време невработен има уште помали шанси некогаш да биде вработен. Ова може и мора да биде спречено! Во првите 6 месеци, работодавачот ќе добива финансиска поддршка од државата доколку вработи евидентирани невработени млади лица и притоа ќе има обврска да ги задржи минимум дополнителни 12 месеци. На овој начин, овие млади луѓе ќе ја избегнат долготрајната невработеност и ќе добијат шанса за достоинствен живот во својата татковина!

Никако не смееме да ги заборавиме децата без родители! Тие ќе имаат шанса да се вработат и да имаат чесен и достоинствен живот, а оние кои ќе ги вработат, во првата година ќе добиваат финансиска помош од дури 70 отсто од просечната плата, а притоа ќе бидат должни да ги задржат на работа овие млади лица уште барем 2 години.

Ова е само мал дел од пакетот мерки кои ги предлагаме, а се поврзани со младите и е само микро дел од целосната програма. Младите не можат и не смеат да ја напуштаат државата и да бараат работа во странство. СДСМ како државотворна партија и СДММ како организација која е секогаш на браникот на правата и потребите на младите нема да дозволат Македонија да биде држава без млади луѓе!

Нека 2014-та биде најсреќна и најуспешна, а сите заедно ќе направиме да биде и година на пресвртот, година на младите од Република Македонија!

П.С. 2014-та ќе биде година на слободата! Слобода за Шиповиќ, слобода на сите политички затвореници, слобода на медиумите, слобода на целиот Македонски народ!

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG