Достапни линкови

Рестартирањето на ПДП ќе оди малку потешко, оти албанскиот блок е тесен за нова апртија, велат дел од аналитиачите. Други пак велат дека реактивирањето на ПДП ќе понуди баланс меѓу ДУИ и ДПА.

По најавите за реактивирање на најстарата албанска политичка партија во земјава, Партијата за демократски просперитет, домашните аналитичари не гледаат шанса и простор за значителен успех на уште една партија во албанскиот политички блок. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека за разлика од македонскиот политички блок, теренот на албанската сцена е многу потесен, па оттука е многу потешко да се привлечат нови гласачи и сипматизери.
Има повеќе причини зошто би се појавиле нови политички партии. Можеме да очекуваме предвремени парламентарни избори во 2014 и второ се политичките аспирации.

„Рестартирањето на ПДП, да биде партија како што била е малку потешко. Тие сега би требало да привлечат нов кадар, а не тој претходниот кој беше карактеристичен“, вели Муслиу.

Според професорот Никола Дујоски,пак, во албанскиот политички блок недостасувало, како што вели, „интелектуалното крило на Албанците“. Реактивирањето на ПДП ќе понуди баланс меѓу ДУИ и ДПА и тоа е добро, вели Дујоски.

„Како и во македонскиот блок, така и во албанскиот блок просторот е веќе добро зафатен и тешко дека ќе можат да постигнат успех барем во прво време, особено затоа што и двете партии, и ДУИ и ДПА, едната на централно, другата по некаде на локално, имаат толку многу влијание кај Албанците што тешко дека интелектуланото крило да одвлече повеќе гласачи.“
Како и во македонскиот блок, така и во албанскиот блок просторот е веќе добро зафатен и тешко дека ќе можат да постигнат успех барем во прво време.

Во албанскиот политички блок веќе постои трета опција, а тоа е Националната демократска преродба на Руфи Османи, забележува Муслиу. Иако неа ја води позната политичка личност, тоа не беше гаранција за подобар резултат на парламентарните, а и на локалните избори. Токму затоа најавите за возобновување на ПДП, за Муслиу можат да бидат сигнал за вонредни парламентарни избори, но и за исполнување на политичките аспирации.

„Има повеќе причини зошто би се појавиле нови политички партии. Можеме да очекуваме предвремени парламентарни избори во 2014, ни малку подоцна, не заедно со претседателските, и второ се политичките аспирации.“

Во политиката ништо не е случајно и за се постои добро осмислен план, вели Дујоски. Возобновувањето на ПДП, токму сега е веројатно со цел да се има доволно време и простор до евентуалните вонредни избори, оваа партија да формира свое партиско тело низ местата во кои живеат Албанци, смета Дујоски.

„Веќе и од власта и од опозицијата пополека зборуваат за тоа, мислам дека и токму тоа е причината токму во овој период да се формира или да се возобнови ПДП за да имаат доволно простор до евентуалните вонредни парламентарни избори да формираат своја партиска мрежа низ државата.“

Инаку деновиве поранешниот заменик- претседател на ПДП, Мухамед Халили најави дека оваа партија повторно ќе се појави на политичката сцена како самостоен правен и политички субјект, а основачкото собрание ќе се одржи на крајот на месецов. Целта, според него, е во Македонија да се врати соодветната политика за Албанците во земјава.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG