Достапни линкови

Петковски со пионерски труд – книга за дипломатскиот протокол


Благоја Петковски, автор на книгата „Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“.
Благоја Петковски, автор на книгата „Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“.

„Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“ е насловена книгата на м-р Благоја Петковски што како издание на „Партитура, протокол и церемонијал“ се појави неодамна. Станува збор за пионерски труд кај нас кој на безмалку 200 страници отвора низа сè уште неразрешени прашања од оваа област и ќе им биде од драгоцена помош на оние коишто сакаат подлабоко да навлезат во подрачјето на надворешната политика и дипломатија, но и култура, образование, медиумска свест и јавност.

Треба да се поздрави издавањето и јавното публикување на овој труд на Благоја Петковски, со надеж дека многу од нашите млади дипломати, па и стручната и поширока јавност ќе го имаат предвид. Во старите времиња, во меѓу-племенската дипломатија, основното прашање било дали „пратеникот“ од соседното племе да се ислуша или едноставно, да се „изеде“? Од тогаш до денес дипломатијата, а и дипломатскиот протокол, многу, многу се промениле и развиле.
Денес, дипломатскиот протокол не е „бон тон во дипломатијата“; тоа е можеби најсуптилниот и најчувствителниот дел на таа дејност.
Димитар Мирчев, универзитетски професор.

Денес, дипломатскиот протокол не е „бон тон во дипломатијата“; тоа е можеби најсуптилниот и најчувствителниот дел на таа дејност. Петковски дава некои стандарди и правила за таа дејност, кај нас. Книгата е полна со примери, методи, упатства, обрасци за тоа како да се изведува оваа дејност. Методологијата е, имено, една од суштинските составки на дипломатијата, а нејзината срцевина е – протоколот.
Делото е пишувано по барање на мнозина личности и институции како потреба да се надмине недостатокот од ваква литература за дипломатски протокол и церемонијал кај нас.
Благоја Петковски, автор на книгата.

Ова ќе го забележи рецензентот, професор д-р Димитар Мирчев, во предговорот за книгата „Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“ на Благоја Петковски што е објавена неодамна. Се работи за публикација за која се вели дека е пионерски чекор кај нас и која во некаде безмалку 200 страници, низ повеќе тематски целини, говори за историјата и контекстот на дипломатијата, нуди мислења за протоколот од мнозина домашни и странски експерти, говори за бонтон комуникациите, протоколарните процедури и процеси во други земји, црковниот протокол и така со ред.

Авторот вели дека книгата настанала по завршувањето на неговите магистерски студии и дека со неа едноставно сакал да помогне во пополнувањето на празнината од ваква литература за дипломатски протокол на македонски јазик.

„Трудот го работев главно од 2008 до 2010 со продолжување до декември 2013 година кога излезе од печат книгата „Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“. Инаку делото е пишувано по барање на мнозина личности и институции како потреба да се надмине недостатокот од ваква литература за дипломатски протокол и церемонијал кај нас. Сега велат дека таа е прва, дека е пионер што се појавила во областа на протоколот во македонската дипломатија“, вели Петковски.

Инаку, Благоја Петковски е историчар по уметност кој во културната јавност е познат по својот ангажман во организациските и сценските тимови на Младинскиот културен центар, МРТВ и Драмски театар. Активен и препознатлив е особено и по неговото долгогодишно искуство во делувањето на Музичка младина, а од 2003 година наваму тој е вработен како маркетинг менаџер во Македонската опера и балет. Од таму не чуди што за себе знае да каже дека кога сега ќе се сврти назад во времето, тој не случајно се нашол во оваа област – дипломатскиот и протоколот воопшто.

„Кога го пишував моето обраќање за промоцијата видов дека јас во некоја рака со дипломатијата сум се занимавал од својата 12-годишна возраст кога сум бил член на училишната секција „млади амбасадори“. И по сите тие години како студент, како вработен во Дом на млади со тамошните ансамбли, па преку ангажманите за комуникација со уметници од целиот свет особено во Музичка младина, јас едноставно дојдов до заклучок дека целиот свој живот сум го посветил на оваа област, на протоколот затоа што протоколот е основа на организацијата. Ако имате добра организација тогаш имате добар протокол. Јас сево ова, всушност протоколот го користам и ден денеска во секојдневната работа во културните установи и посебно во организација на културните случувања“, вели авторот.

Кон ова само уште информацијата дека м-р Благоја Петковски планира и дополнето издание на својата книга „Дипломатски протокол и церемонијал, изградба, состојба и перспектива“, овојпат на некаде 600 страници со сегментите кои намерно биле изоставени, и самиот знае да каже дека тој продолжува и натаму да истражува бидејќи оваа проблематика – протоколот, за него е голем професионален предизвик.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG