Достапни линкови

logo-print

Очекувања за плодна спортска 2014 година


Македонските спортисти ги очекуваат бројни настапи на меѓународни натпреварувања во 2014-та година.

Македонските спортисти ги очекуваат бројни настапи на меѓународни натпреварувања во 2014-та година, а прва на врвната сцена веќе се појави машката одбојкарска репрезентација. Таа изминатиот викенд (3-5 јануари во Ниш) беше дел од квалификациски турнир за пласман на СП во Полска (во септември оваа година), додека во мај ќе ги стартува квалификациите за ЕП кое наредната година ќе се одржи во Бугарија и во Италија.
Мислам дека не треба да имаме некои пресии сега да го бркаме ние пак тоа петто место од Србија или да се надеваме на некој медал. Тоа е спортски да се надеваме, но прва цел е да поминеме во тој втор круг.

Првиот месец од годината ќе го одбележи и машката ракометна репрезентација и тоа со настап на ЕП во Данска (12-26 јануари). Таму треба да го браниме петтото место освоено на претходното Еуро (Србија 2012), што нема да биде ни малку лесно, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочува националниот тим, по повредите на Наумче Мојсовски и на Филип Лазаров. Затоа играчите бараат да не им се врши притисок, а Стојанче Стоилов истакнува дека примарна цел е минување на првата групна фаза, односно освојување најмалку на третото место во групата во која се и селекциите на Данска, Чешка и на Австрија.
Македонија има квалитетни фудбалери, кои треба да играат многу понапаѓачки, особено на натпреварите на домашен терен. Тоа ќе биде нашиот стил на игра во иднина.

„Мислам дека не треба да имаме некои пресии сега да го бркаме ние пак тоа петто место од Србија или да се надеваме на некој медал. Тоа е спортски да се надеваме, но прва цел е да поминеме во тој втор круг, а потоа со малку среќа да се надеваме на нешто повеќе“, рече Стоилов.

Ракометарите во центарот на вниманието ќе бидат и во јуни со баражот за пласман на СП во Катар (јануари, 2015), а женскиот национален тим од март до мај преку двомечите со Русија и со Германија ќе се бори за виза за декемвриското ЕП во Унгарија и во Хрватска.

Големи очекувања јавноста има и од кошаркарските репрезентативци. Тие наредниот месец ќе ги дознаат противниците за августовските квалификации за ЕП во Украина (септември 2015 година), во кои ќе настапиме со подмладен состав (по повлекувањето на Гечевски, Илиевски и на Антиќ), но и со нов селектор - Александар Џикиќ.
Дамјановски очекувам да го даде својот максимум и на оние трки на кои ќе настапи да покаже една поголема зрелост. Да се надмине самиот себе.

Вообичаено, во фокусот ќе биде и фудбалскиот национален тим. И тој во февруари ќе ги дознае ривалите за квалификациите за ЕУРО (во Франција, 2016), кои стартуваат во септември. Во нив, според новиот селектор Бошко Ѓуровски, ќе се обидеме што е можно подолго да останеме во игра за третото место во групата, а со тоа и за пласман на ЕП.

„Македонија има квалитетни фудбалери, кои треба да играат многу понапаѓачки, особено на натпреварите на домашен терен. Тоа ќе биде нашиот стил на игра во иднина, а со тоа и во претстојните квалификации во кои посакувам до крајот да бидеме во комбинација за освојување на местата кои водат на ЕП во Франција“, изјави Ѓуровски.

Возбудувањата на клупски план продолжија со настапите на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во регионалната АБА лига, но она вистинското почнува во февруари. Тогаш стартува вториот дел од сезоната во европските ракометни купови, во кои, како никогаш досега, имаме дури четири претставника. Женскиот ракометен првак Вардар, преку двомечите со Митјиланд, Савехоф и Турингер ќе го брка најмалку второто место во групата, а со тоа и пласманот на Фајнал - фор турнирот во Лигата на шампионите. Во истото натпреварување (ЛШ), но во машка конкуренција, македонскиот шампион и вицешампион, Вардар и Металург ќе ја продолжат битката за влез во осминафиналето, а Зомимак, ќе одигра уште најмалку 6 натпревари во Купот на ЕХФ, затоа што го очекуваат по два дуела со Монпеље, Спортинг и со Скјерн, во рамките на групата Б.

Кога се во прашање поединечните спортови, топ настан годинава ќе бидат Зимските олимписки игри кои од 7 до 23 февруари ќе се одржат во рускиот град Сочи. Таму, Македонија може да настапи со рекордни 4 натпреварувачи, но во моментов сигурни се двајцата нордијци. Тоа се првиот Македонец со исполнета А норма за зимска Олимпијада, Дарко Дамјановски, кому ова ќе му биде трето учество на најзначајниот спортски настан и 16-годишната дебитантка Марија Коларовска, која ќе настапи со Б норма. Имајќи го предвид искуството, како и досегашните резултати, многу поголеми се очекувањата од Дамјановски, чиј селектор Ѓоко Динески, посакува тој да го надмине актуелниот рејтинг.

„Дамјановски очекувам да го даде својот максимум и на оние трки на кои ќе настапи да покаже една поголема зрелост. Да се надмине самиот себе и да покаже еден подобар резултат, во смисла на освојување на тие ФИС бодови кои за нас се многу значајни. Тие се фактички вреднувања на неговиот резултат. И, на пример, од нашата конкуренција да биде меѓу подобрите, односно Балканските држави, оние држави кои на некој начин вложуваат исто колку и нас во овие спортови“, вели Динески.

Другите потенцијални македонски олимпијци се алпските скијачи Антонио Ристовски и Дардан Дехари. Ристовски во моментов има А норма, но за пат во Сочи, до 18 јануари ќе мора да го потврди актуелниот пласман на 470 место на светската ранг-листа. Дехари, пак, до истиот термин, ќе има уште 3-4 трки на кои ќе мора да забележи висок резултат, за да се пробие во топ 500, а со тоа и да стигне до неопходната А норма.

Од другите поединечни спортови, за издвојување се неколкуте Светски и Европски првенства, преку кои до визата за ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016-та ќе можат да се доближат кајакарите, борачите, боксерите, пливачите и атлетичарите, а стандардно, балкански, континентални и планетарни предизвици им претстојат и на каратистите и на кик - боксерите.
XS
SM
MD
LG