Достапни линкови

Дебарски свештеници вршат обреди за Македонците во Албанија


Црквата Свето Преображение во селото Ербеле.

Црквата Свето Преображение во селото Ербеле.

Свештениците од Македонската православна црква во Дебар одржуваат и верски обреди за потребите на Македонците кои живеат во неколку села во пограничниот регион на Албанија.

По либерализацијата на граничниот режим помеѓу Македонија и Албанија, свештениците од Македонската православна црква во Дебар одржуваат и верски обреди за потребите на Македонците кои живеат во неколку села во пограничниот регион на Република Албанија. Слободната граница им создава можност на свештениците оваа нивна активност да ја спроведуваат без проблеми, велат претставниците на Дебарската парохија.
Оваа активност ја обавуваме бидејќи во овој дел на Албанија нема православни свештеници во близина.

Отец Благоја Спировски.

Отец Благоја Спировски.

​„Како надлежен свештеник на дебарската Парохија служам и помагам по барање за потребите и на верниците Македонци, првославни во Албанија. Станува збор за Македонци кои живеат во пограничните села. Обреди вршиме за погреби, верски православни празници и други обреди. Оваа активност ја обавуваме бидејќи во овој дел на Албанија нема православни свештеници во близина. Во Албанија постои Албанска православна црква која ги спроведува активностите во центарот, но овде има помалку верници, а свештеник нема“, објаснува свештеникот на Дебарската Парохија, отец Благоја Спировски, кој е многу почитуван и од страна на Македонците во Албанија.
Верските православни објекти во селата покрај границата се одржуваат со тие сили што ги имаат верниците.

Тој исто така подвлекува дека во пограничните села во Албанија се обновени и неколку цркви кои биле уништувани и оштетувани од системот на Енвер Хоџа.

„Верските православни објекти во селата покрај границата се одржуваат со тие сили што ги имаат верниците. Така по иницијатива на црковниот одбор во селото Крчишта е обновена црквата Свети Спас. Таа црква е под заштита на Центарот за култура за заштита на спомениците при Министерството за култура на Албанија, но обновувањето беше исклучиво од страна на верниците Македонци кои живеат во Дебар, Охрид и некои други градови на Македонија кои по потекло се од Крчишта. Во оваа село постојат уште четири други цркви меѓу кои е и црквата Свети Атанасие. Во селото Ербеле исто така е обновена црквата Свето Преображение, а цркви се обновени и во селото Пасинки“, вели Спировски.

Со појавата на плурализмот и кај Македонците во Албанија зголемен е интересот за верата и тоа не само кај постарите, туку и кај помладите генерации. Црквите во време на врските празници се полни со верници, а новороденчињата во најголем број добиваат верски православни имиња, но и национални македонски имиња, истакнува отец Спировски.
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG